Достапни линкови

80 години разногласие – Што направил Цар Борис Трети за опстанокот и депортацијата на Евреите?


Мислење на Стефан Дечев. Во позадина е Цар Борис III
Мислење на Стефан Дечев. Во позадина е Цар Борис III

Дали Цар Борис Трети е добар или лош за Евреите? Прашањето се дискутира толку жестоко, така што всушност и нема дебата, а има безброј произволни интерпретации. Еве ги фактите, со студена глава. Пишува историчарот Стефан Дечев за бугарскиот сервис на РСЕ.

Пред точно 80 години, во Бугарија се случуваат најмалку два големи настани, кои и денес се толкуваат според идеолошките, политички и семејни предрасуди на учесниците во разговорот.

  • Илјадници Евреи кои живееле на територијата на предвоена Бугарија си ги спасуваат животите.
  • Илјадници Евреи, кои живееле на територии окупирани од Бугарија за време на Втората светска војна, се депортирани во гасните комори и убиени.

Каква е улогата на Цар Борис Трети во овие два настана? Како тој се однесува кон други важни прашања кои се однесуваат на судбината на Евреите во Втората светска војна? Тука ги избравме најжестоко дискутираните прашања и ги разгледуваме едно по едно.

Каква е поврзаноста на Царот со антисемитското законодавство?

Иако понекогаш подлегнуваше на гласното антисемитско малцинство (кое стана мнозинство на крајот на 30-тите години), се чини дека самиот Цар Борис Трети немал такви ставови.

Од друга страна, на 24 декември 1940 година, и покрај жестоките дебати во Пленарната сала, 25-тото Редовно народно собрание го донесе противуставниот Закон за заштита на нацијата (ЗЗН). Тој стапил на сила дури по одобрувањето од страна на Цар Борис Трети и објавувањето во Службениот весник со негов потпис на 23 јануари 1941 година.

Не треба да заборавиме дека посоченото антисемитско законодавство, по јануари 1941 година, доведе до наметнување на голем број неуставни ограничувања на граѓанските права за „лицата од еврејско потекло“.

Тензии на отворањето на клубот „Цар Борис“ во Охрид
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:34 0:00

Тие на пример се намерно одвоено од другите поданици на Царството преку лични документи специјално дизајнирани за нив. Секој Евреин и Еврејка биле должни да носат жолти идентификациони ѕвезди на реверите. На вратите на домовите во кои живеат Евреи, според законот, морало да стои натпис „Еврејско живеалиште“. На Евреите исто така им било забрането да се занимаваат со одредени професии. Покрај тоа, за нив биле воведени и вонредни даноци, кои доведуваат во економско осиромашување на еврејската заедница во земјата.

Со овие неуставни мерки, еврејските имоти биле одземени од нивните сопственици, ограбени и продадени. На крај, но не и најмалку важно, бил воведен специјален дискриминаторски полициски час, кој важел само за Евреите. Некои централни подрачја на градовите во Царството биле намерно забранети за Евреите. Во исто време, секое напуштање на одредена населба од страна на Евреите повлекувала најстроги казни. Сите работоспособни мажи Евреи, пак, биле собрани во работни групи.

Дали Царот имал антисемитски идеи?

Не се зачувани записи со антисемитска содржина, ниту други документи од слична природа од раката на самиот Цар.

Авторитарниот непартиски режим по 1935 година во голема мера бил контролиран од него, но до есента 1940 година нема индикации за преземање на некакви антисемитски мерки. Антисемитски изјави на монархот нема ни на страниците на дневникот на премиерот, професор Богдан Филов, инаку полн со многу интимни информации (со исклучок на еден случај, како што ќе видиме подолу).

Но, на вонредна седница одржана на 2 април 1943 година, кога 11.343 Евреи од Беломорието, Вардарска Македонија и Пирот се веќе депортирани и доживеале смрт во концентрациониот логор Треблинка, архиереите на Бугарската православна црква (БПЦ) решаваат да испратат писмо до Царот, и копија до премиерот Филов, заедно со копија од нивниот записник.

На седницата, како и во писмото, тие категорично се противат на иселувањето на Евреите и нивното испраќање во концентрациони логори.

По тој повод е одржана средба со Светиот синод во [царскиот дворец] Врана [на периферијата на Софија] на 15 април 1943 година. Тогаш Царот го изразил своето разочарување од однесувањето на митрополитите и од документот кој му го испратиле. Во говор од над половина час, според записникот воден од Светиот синод, Цар Борис Трети отворено зборувал против „еврејството и неговиот шпекулативен дух“, „еврејската шпекулација“, штетата од „експлоатацијата на еврејството“, „злото, кое еврејството, преку пропаганда и шпекулации, го создава кај нашиот народ“.

Ѓоргиев - Со Бугарија не се согласуваме што значи заедничка историја
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:35 0:00

Се разбира, не исклучувам овие зборови да се во контекст на војната, како и што тој зборува пред премиерот Филов, со кого монархот не сака конфликт. Исто така е можно Царот да имал почит кон довербата што веќе му била изгласана на Филов во Парламентот на 26 март за неговата севкупна политика, вклучително и таа за еврејското прашање.

Но, ставени заедно со некои од неговите минати постапки, тие даваат поинаква слика. Богдан Филов дефинитивно бил задоволен од средбата со митрополитите и веднаш на 15 април 1943 година во Дневникот го запишал следново: „Царот имаше многу убаво и детално излагање за еврејското прашање, истакнувајќи дека тоа не е само наше, туку и европско.“

Премиерот очигледно е задоволен што зборовите на монархот предизвикале почит и од владиките, па додал: „Генерално, по еврејското прашање бевме во офанзива и владиците требаше да се бранат“. Позициите заземени од Царот се повеќе од јасни, како и свесноста на Филов дека имаат заедничка политика со Царот.

Кој ја одложува депортацијата?

Обично се премолчува дека првиот чекор што доведе до одложување на депортацијата на над 8000 Евреи од старите граници на Царството е дело на самите ќустендилски Евреи, по што следеа оние од Софија и од Пловдив.

Причина за тоа е транспортот низ предвоените територии на Царството на итно собраните Евреи од Беломорието на 4 март 1943 година. Потоа, замолените ќустендилски првенци, народниот пратеник Петар Михалев, адвокатот Иван Момчилов, трговецот Асен Суичмезов, учителот Владимир Куртев, одат во Софија кај потпретседателот на Собранието Димитар Пешев. Тој, пак, се поврзува со „високите нивоа на власта“.

Се разбира, имајќи ги предвид ставовите и антисемитските убедувања на [комесарот за еврејски работи] Александар Белев, премиерот Филов и министерот за внатрешни работи Петар Габровски, на 9 и 10 март 1943 година, единствениот човек во државата кој можеше да донесе и спроведе одлука за запирање и одложување на започнатата депортација на Евреи од „старите предели“ е Царот.

Сепак, интересно е што Филов никаде во записите во Дневникот не забележал дека нешто драматично се случило на 9 и 10 март.

Дали Царот има врска со спроведената депортација?

Не треба да се заборави дека одлуката за депортацијата несомнено е целосна нацистичка иницијатива. Одлуката била договорена на највисоко ниво меѓу монархот и германскиот министер за надворешни работи Јоаким Рибентроп.

Не случајно, во тајна телеграма на Рибентроп до германскиот амбасадор во Софија Адолф Бекерле читаме: „Во врска со еврејското прашање во Бугарија, Царот рече дека досега дал согласност само за префрлање на Евреите од Македонија и Тракија во Источна Европа. Од Евреите од Бугарија сака да се ослободи само од незначителен број бољшевичко комунистички елементи, а останатите 25 илјади Евреи сака да ги задржи во концентрациони логори, зашто ќе ги користи за изградба на патишта.“

Содржината на оваа телеграма генерално се користи како најсериозен доказ дека Цар Борис Трети не ја сакал депортацијата и всушност ги спасил Евреите од старите граници на Царството

Но, дури и да прифатиме дека Борис Трети дипломатски вешто ѝ го кажал на германската страна тоа што сакала да го чуе, посочениот документ не може, а да не послужи како истовремен доказ дека депортацијата на беломорските и македонските Евреи, собрани на определени пунктови од бугарските власти, не можела да се изврши без изречна согласност од шефот на државата.

Не случајно, на 15 март – во ек на акцијата за депортирање на Евреите од „новите земји“ – премиерот Богдан Филов, во својот Дневник, го забележал следново во однос на еврејското прашање: „Царот има еден цврст однос“.

Може ли да зборуваме за политика на Царот и политика на Филов?

Во февруари 1941 година, молбата за прием до Царот од политичари од речиси целата опозиција, се чини како да направи одредена разлика меѓу линијата на Царот и таа на премиерот Богдан Филов.

Уште во април 1941 година, кога Филов во својот Дневник, во однос на Македонија, запишал дека „Германците предлагаат да ги окупираме“, тој исто така додал дека Царот имал уште повоздржан став од него: „Тој е на мислење дека треба да го прифатиме предлогот, но не за „окупација“, туку „за зачувување на редот и мирот на териториите окупирани од Германците“.

Се чини дека таква разлика меѓу Царот и Филов создаваат и оние македонски дејци кои се жалат на бугарската власт во летото 1942 година, кога по жестоките критики против бугарската влада, тие испраќаат писмо лично до Цар Борис Трети. Самиот Цар како да го потврдил тоа со однесувањето при посетата на Скопје на 3 октомври 1942 година. И покрај шумот на тогашната владина пропаганда во Бугарија за „национално обединување“, тој сепак ѝ посакува на Македонија „достојно место“ во „идниот светски поредок“.

Се чини дека и современиците го почувствувале тоа во март 1943 година. [Политичарот] Никола Мушанов, револтиран од тогашната депортација на Евреите од Беломорието, Вардарска Македонија и од Пирот, во својот Дневник го запишал следново: „Да се предадат на смрт човечки суштества од страна на Бугарија? Кој си ти бе, Филов, што ги уништуваш сите човечки доблести да Бугаринот и стануваш џелат?“

Слична разлика меѓу линијата на Царот и онаа на Филов, барем до 1943 година, се чини дека прави и Комунистичката партија. Тие бараат надворешно-политички пресврт, а ако има шанса тоа да се случи, се чини дека се подготвени да се обложат на Царот.

Тоа очигледно ја натерало и француската истражувачка Надеж Рагару да биде крајно внимателна при формулациите во нејзината неодамна објавена книга „И бугарските Евреи беа спасени... Историја на сознанијата за Холокаустот во Бугарија“. Ми се чини дека таа најпрецизно го опишува тоа што се случило.

Базирајќи се само на непобитните докази со кои располагаме, таа пишува: „Протестите на Евреи и неевреи, изразени од локалните првенци, од пратеници и високи достоинственици на Бугарската православна црква, сепак го натерале министерот за внатрешни работи Петар Габровски, можеби по координација со шефот на бугарската влада Богдан Филов, со членови на кабинетот на Цар Борис Трети или со самиот монарх, на 9 март да нареди прекин на „собирањата“ и ослободување на веќе приведените“.

Ваквата формулација од Надеж Рагару ја содржи во себе и неизбежноста на депортацијата, во отсуство на реакции на конкретни и добро познати имиња на луѓе, како и нејаснотиите и јаснотиите околу нејзиното одложување, кое текот на Втората светска војна ќе ги претвори во спасување. Без да може да ги врати животите на 11.343 Евреи убиени во Треблинка, кои биле „собрани“, транспортирани и предадени на нацистите од тогашните бугарски власти.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG