Достапни линкови

Бугарските културни клубови пред преименување или бришење


Средба во МНР на министерот Бујар Османи со претставници на бугарската заедница во Македонија
Средба во МНР на министерот Бујар Османи со претставници на бугарската заедница во Македонија

Утре истекува рокот за преименување на двата бугарски клуба во земјава, според законот со кој се осудува промовирање фашизам. Од клубот „Цар Борис Трети“ побарале промена, од „Иван Михајлов“ најавуваат тужба. Министерот Османи разговараше со претставници на македонските Бугари.

Ден пред истекување на рокот за промена на имињата на бугарските клубови во земјава, „Иван (Ванчо) Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, претставници на македонските Бугари на средбата со министерот за надворешни работи Бујар Османи, зборувале за тоа како да се смират тензиите меѓу Скопје и Софија, и како да ја подобрат соработката.

Имињата на клубовите, само биле споменати, според изјавата на Ѓорѓи Трендафилов, од Граѓанско демократската унија (ГДУ) кој денеска во МНР беше заедно со Љупчо Ѓоргиевски, претседателот на битолскиот бугарски клуб „Иван (Ванчо) Михајлов“.

Трендафилов посочи дека е информиран за тоа дека битолскиот клуб не поднел барање за промена на името и дека ќе се жали до повисоките судски инстанци и Стразбур. Претседателот на бугарскиот културен клуб, Ѓоргиевски пак излезе од задниот влез на МНР, одбегнувајќи ги медиумите. На прашањето на РСЕ за средбата тој само кусо прокоментира дека се одвивала во пријателска атмосфера, но одби да даде повеќе детали иако претходно за Дојче веле најави дека немаат намера да го менуваат името на клубот.

Во МНР немаше претставник на клубот „Цар Борис Трети“ од Охрид, но оттаму пред неколку дена поднеле барање до Централен регистар, за усогласување според новиот Закон за здруженија и фондации.

Мизрахи- преименувањето е поврзано само со антифашизам

По отворањето на бугарски здруженија и клубови во Македонија кои носат имиња на спорни историски личности, Собранието донесе законски измени со кои се осудува промовирањето фашизам и нацизам. Измените предвидуваат во иднина да не може да се регистрираат организации со контроверзни имиња, по примерот на двете бугарски здруженија и истоимените клубови. Веќе формираните пак добија рок од три месеци за промена на имињата, кој истекува утре, по што треба да бидат избришани од Централен регистар.

Предлагач на законските измени беше партијата ВМРО ДПМНЕ, а најгласна беше пратеничката Рашела Мизрахи. Таа е децидна дека преименувањето на клубовите и законските измени не се поврзани со правата на малцинствата во земјава, меѓу кои и Бугарите, туку исклучиво со антифашизмот.

„Очекувам да се почитува законот. Рокот за поднесување барање за измена е до утре, доколку битолскиот клуб не поднел, има еден месец временски период за министерството да го донесе тоа решение за укинување на клубот којшто не поднел такво барање“, вели Мизрахи.

Таа е децидна дека ниту една судска инстанца во светот, нема да дозволи користење фашистички имиња, независно што се „културни центри“.

Од Фондација „Бугарско сеќавање“, на бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски, која на барање на Бугарија ги финансира здруженијата во Мкаедонија, уште во ноември за РСЕ потврдија дека ќе направат сè што е потребно да продолжат да постојат во согласност со законите во земјава. Од Фондацијата тогаш истакнаа дека како земја членка на Европската унија, секогаш постапуваат по закон, и доколку никој не ги обжали на повисоко ниво измените на Законот за здруженија, бугарските здруженија ќе го почитуваат тоа.

Во двете земји различно се толкуваат историски личности и настани од поблиското минато, што ги обременува односите меѓу двете земји. Ванчо Михајлов, родум од штипско Ново Село, бил соработник на фашистите во Втората светска војна, кој тврдел дека Македонците се Бугари. Цар Борис Трети владеел во Бугарија од 1918 до 1943 година, а во негово време во 1941 година Бугарија станува сојузник на нацистичка Германија, со што за возврат добива територии, вклучително и дел од денешна Македонија.

Средба за смирување на тензиите

Имињата на клубовите не беа споменати ниту во соопштението на Министерството за надворешни работи, по средбата со претставниците на здруженијата на македонските Бугари. Оттаму велат дека имало позитивна атмосфера, а се разговарало за прашања кои ја засегаат бугарската заедница во земјава, за предизвиците со кои се соочуваат здруженијата и за можностите за подиректна соработка.

„На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор“, велат од МНР.

Трендафилов пак прецизираше дека немало конкретни заклучоци, туку само разговор.

„Побаравме од министерот и тој она што веќе го работи, и ние, да посредуваме да се смират тензиите затоа што во една експлозивна атмосфера , е невозможно да се донесат квалитетни и рационални политички решенија. Мислам дека тоа е во интерес на граѓаните на земјава, останува да видиме дали нашата работа и нашиот апел ќе роди со конкретен политички плод“, истакна тој.

Притоа од Османи побарале доследно почитување на договорот за добрососедство потпишан во 2017 година меѓу двете земји, како и на францускиот предлог со кој условено се отворија проговорите за влез на Македонија во Европската унија. Ако земјава сака да ги продолжи преговорите, ќе мора да го смени уставот и да ги внесе Бугарите во него, како државотворен народ.

Бугарија две години имаше ставено вето за почеток на проговорите, поради проблеми со историјата, македонскиот идентитет и јазик. Ветото беше кренато, ама сега се очекуваат промените во Уставот.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG