Достапни линкови

„Вистината за Македонија“ и вистината за Диво Насеље, Монструм, Младенов


„Монструм“,„ Диво Насеље“, смртта на Никола Младенов се само дел од случаите за кои се очекуваше дека со незаконски прислушуваните разговори ќе се открие вистината за настаните. И по шест години од објавувањето на таканаречените „бомби“ промени во овие предмети нема

Меѓународна истрага за петкратното убиство кај Смилковско езеро и за вооружениот судир на полицијата со терористичка организација во кумоновско Диво Насеље, како и за смртта на Никола Младенов и Мартин Нешковски беа дел од ветувањата на лидерот на СДСМ во 2015 година. Тогаш од седиштето на тогашната опозиција беа објавувани аудио разговори именувани како проект „Вистината за Македонија“ прибавени со незаконско прислушување за кое денеска им се суди на обвинетите, челниците на поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ. Но, и шест години подоцна, нови докази и арументи за овие случаи не излегоа на површина, барем не повеќе од сомнежите кои беа отворени со прислушуваните разговори на тогашната власт.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев во периодот од 2015 до 2017 година во јавноста ветуваше меѓународни истраги за дел од овие случаи заради, како велеше, злоупотребата на правосудните органи за прикривање на партиските злодела.

Актуелноста на предметот „Монструм“ за кој деновиве по втор пат се чека пресуда за истото дело- тероризам и истите обвинети, ги отвори и прашањата што се случи и со другите предмети за кои во изборните партиски кампањи беше ветувано нова истрага поради сомнежните што ги наметнуваа прислушуваните разговори.

Меѓународна истрага за овој предмет немаше, како што бараа и ветуваа СДСМ и ДУИ, но и одбраната во случајот. А прислушуваните разговори кои како нови докази беа причина за повторување на целата постапка, како што истакна во завршните зборови обвинителката Фатиме Фетаи, не донесоа суштинска промена на обвинителниот акт.

И ДУИ и СДСМ бараа ама не спроведоа меѓународна истрага за „Диво Насеље“

Меѓународна истрага немаше ни за дводневната престрелка во кумановското Диво Насеље во мај 2015 година при која загинаа осумина полицајци припадници на специјалните едници Тигри и 10 осомничени терористи, а 42 беа ранети. Смртоносните борби во Куманово ја доведоа тогашната македонска политичка криза до зовривање. Престрелката изби по 3 месеци откако тогашниот опозициски лидер, а сега премиер Зоран Заев почна со објавување на таканаречените „бомби“. Тогаш три дена по престрелката оставка си дадоа директорот на УБК Сашо Мијалков и министерката за вратрешни работи Гордана Јанкуловска.

Диво Насеље

Во 2015 година лидерот на СДСМ Зоран Заев неколку дена по настанот изјави дека престрелката во Диво Насеље е масло на тогашната власт.

„Стојам на зборот дека секако постојат силни индикации дека ова што се случи во Куманово е монтирано од страна на власта и има повразност со власта“ изјави Заев на прес конференција од седиштето во СДСМ во 2015 година.

РСЕ во кумановската Дива Населба
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:11 0:00

Тогаш почнаа и ветувањата на опозициската СДСМ за меѓународна истрага. Во 2017 година по донесувањето на пресудата, на тоа се приклучи и владејачката партија ДУИ која, покрај меѓународна експертска група, побара и анкетна комисија во Собранието.

За веќе во 2018 година, на годишнина од настанот, Заев да додаде дека меѓународна експертиза ќе мора да почека, пресудата да стане правосилна односно да ги помине сите жалби во повисоките судови за потоа да се внесат меѓународни претставници како коментатори, како луѓе кои што ќе бидат во самиот процес.

Во тензична атмосфера изречени пресудите за Диво Насеље
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Одбраната во судот тврдеше дека имаат сознанија дека во УБК има прислушуван разговор меѓу сега убиениот Мирсад Ндрецај познат како командант НАТО и лидерот на ДУИ Али Ахмети како и дека имало разговори од другите обвинети кои контактирале со високи политичари и полициски структури. И Агенцијата за разузнавање посочи дека има нови докази.

„Сите тајни за „Диво Насеље не се закопани со смртта на водачите на кумановската група Бег Ризај и Мирсад Ндрецај . Агенцијата за разузнавање има нови сознанија, а обемна анализа за настанот е предадена во Јавното обвинителство“, изјави лани директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу во интервју за Радио Слободна Европа.

Но, по шест години од настанот, предметот е заглавен во второстепан постапка. Една година обвинетите во случајот „Диво Насеље“ чекаат од Врховниот суд да ја разгледа пресудата на Кривичен, која ја потврди и Апелациониот суд, но случајот сè уште не е стигнат до Врховен, јавуваат дел од македонските медиуми. Во меѓувреме таканаречените „бомби“ почнаа да се објавуваат од Идризово. Дел од осудените за ова дело, повремено објавуваат на социјалните мрежи по некој разговор за да укажат дека биле измамени.

Вооружениот инцидент во 2015 година заврши така што преживеаните членови на групата ѝ се предадоа на полицијата. Две години подоцна, 33 членови на групата и нивни соработници беа осудени за тероризам и терористичка организација на долгогодишни затворски казни. Седуммина од осудените добија доживотен затвор, 13 осудени добија 40 години затвор по што ќе треба да бидат протерани од државата, додека останатите добија од 12 до 20 години затвор. Четворица беа прогласени за невини.

Никола Младенов

Во проектот „Вистината за Македонија“ меѓу првите бомби кои го привлекоа вниманието на јавноста беа и разговорите на првите полицајци во државата за смртта на новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“ Никола Младенов. Смртта на Младенов е затворена како несреќен случај според достапните сознанија и доказите со кои располагаше Јавното обвинителство, откако поминаа години од несреќата. Не беа пронајдени нови докази.

please wait

No media source currently available

0:00 0:03:14 0:00
Директен линк
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:20 0:00
Директен линк

На прес конференцијата на тогашната опозициска СДСМ беа објавени разговори меѓу првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ околу доказната постапка за случајот. Раководни лица на Јавното обвинителство Гордана Гешковска и Марко Зврлевски во 2013 година го затворија случајот со заклучок дека доказите укажувале дека Младенов загинал во сообраќајна незгода поради неприлагодена брзина.

„Констатирано е дека на телото на Никола Младенов имало поголем број на повреди, но смртта настанала како резултат на раскинување на аортата. Вештите лица посочуваат дека до ваков раскин доаѓа кај возачи кој возат со поголема брзина. Нивниот заклучок е дека возилото кое управувало со 142 километри на час при удар во бакината излетало од автопатот“, посочи тогаш на една од ретките прес конференции Гешкоска.

Телото на Младенов било најдено надвор од возилото на оддалеченост од седум метри и според вештачењето и трагите најдени на неговата облека излетал од предниот дел на шофершајбната.

Неговата смрт се провејуваше како прашање во сите изборни циклуси оттогаш од двете најголеми политички партии. СДСМ бараше нова истрага, ВМРО-ДПМНЕ пак, на последниот изборен циклус прашуваше до каде е постапката.

„Немир, на дечињата, на оние јунаци кои животот го положија бранејќи ја државата во „Диво Насеље“. Немир во душите на родителите на Нешкоски, на Мартин Јанушев, на Кољо. До каде е случајот со новинарот Младенов? Каде е нивниот мир? Нивниот мир се претвори во немир. А немирот се претвори во револт, а револтот во пркос, одлучност и храброст. А со таа храброст, сиот овој револт и пркос ќе го видите и ќе се соочите на 15 јули кога ќе ги броиме ливчињата“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во Кочани во јуни 2019 година.

Мартин Нешкоски

Поранешното јавно обвинителство го разгледуваше случајот за убиството на младиот Мартин Нешковски, но обвинителите оттаму никогаш не излегоа во јавност со информации до каков заклучок дошле. СДСМ со објавувањето на разговори меѓу Јанкуловска, Мијалков и поранешниот премиер Никола Груевски тогаш посочуваше дека власта пробала да го прикрие убиството. Со бомбата 29 тогаш излегоа на површина индиции дека полицијата во критичните денови повеќе била зафатена како да го прикрие убиството и сторителот, односно да си го заштити „угледот“ и како да не ја поремети славеничката атмосфера по изборната победа. Јавното мнение се промени делумно кога во јавност беше објавен интегралниот разговор меѓу Јанкуловска и Груевски.

Заев - Груевски ја „уби“ вистината за Мартин Нешковски
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:42 0:00

Осудениот за убиството на Нешковски, Игор Спасов во 2019 година, по дозволата за викенд отстуство избега од државата. Министерот Оливер Спасовски бараше одговорност за бегството, тогаш тврдеше дека системот е нефункционален. Тој тогаш испрати сериозни пораки но и со обвинувања кон судството и обвинителите околу бегството на Игор Спасов. Но, одговорност за тоа до сега никој не презеде. За три години, Спасов е седмиот бегалец од земјава. Тој беше осуден на 14 години затворска казна за убиството на Нешковски во 2011 година.

Седумина бегалци од лицето на правдата за три години

Покрај Спасов од лицето на правдата побегна и поранешниот премиер Никола Груевски кој е обвинет и осуден за неколку дела кои се однесуваат на злоупотреба на службената должност. Бегалци од правдата кои се бараат со потерница се и Никола Војминовски поради обид за убиство на Зијадин Села од собраниските настани на 27 април 2017 година. За организираниот насилен упад со меѓународна потерница се бараше и Дејан Давидовски Дешо, кој избега во Шведска. За судските власти станаа недостапни и поранешните началнци во УБК, Никола Бошковски и Горан Грујевски кои се наоѓаат во Грција. Дополнително од земјава избега и Волфганг Гампер, управителот на „Секјуриком“ од Австрија кој беше обвинет за наместен тендер за одржување на Владата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG