Достапни линкови

Вести

Најмалку осум загинати во судир на возови во Индија

(Архива) Спасувачи на местото на несреќата на патнички воз во источната индиска држава Ориса, на 3 јуни 2023 година.
(Архива) Спасувачи на местото на несреќата на патнички воз во источната индиска држава Ориса, на 3 јуни 2023 година.

Најмалку осум лица загинаа во судир на експресен патнички воз и на товарен воз во индиската држава Западен Бенгал, при што три патнички вагони излетале од шините, пишува АП.

„Три прегради од експресниот воз излетаа од шините. Помеѓу 25 и 30 лица се повредени“, изјави полицискиот претставник Абхишек Гупта.

Министерката Мамата Банерџи ја нарече несреќата трагична и дека на местото на несреќата се испратени екипи за итни случаи и спасувачи.

Банерџи рече дека несреќата се случила во областа Фансидева во округот Дарџилинг, кога возот „Канченџунга експрес“ удрил во товарен воз.

Индија има една од најголемите железнички мрежи во светот и доживеа неколку катастрофи во текот на годините.

Најлошото се случи во 1981 година кога воз излета од шините додека минуваше мост во државата Бихар, при што загинаа околу 800 луѓе.

Во јуни минатата година, во судир на три воза загинаа речиси 300 луѓе во државата Одиша.

Во последниве години, Индија инвестираше огромни суми пари во надградба на мрежата со модерни станици и системи за електронска сигнализација.

Русија ги засили нападите во регионот Доњецк

Украинските војници од 59-та бригада на непозната локација во регионот на Доњецк во нивниот тенк Т-72. 9 јуни 2024 година.
Украинските војници од 59-та бригада на непозната локација во регионот на Доњецк во нивниот тенк Т-72. 9 јуни 2024 година.

Русија ги засили нејзините воени напади врз Украина, соопшти Генералштабот на украинската војска во вечерната проценка на објавена на 16 јуни.

Инфорамциите дојдоа додека украинските лидери и нејзините поддржувачи ја завршија дводневната мировна конференција во Швајцарија.

Во текот на денот се случиле околу 88 борбени судири, соопшти украинскиот Генералштаб.

„Во текот на денот, непријателот ги интензивираше своите офанзивни и јуришни операции, барајќи начини да навлезе во нашата одбрана и да се обиде да ги избрка украинските единици од нивните позиции“, се вели во проценката.

Според извештајот, најактивната област била околу градот Покровск, каде што руската војска се обидува да напредува.

Во моментот на проценката таму беа во тек неколку напади.

Русија ги интензивираше своите напади додека претставници на речиси 100 земји присуствуваа на мировниот самит во Швајцарија.

Осумдесет земји и четири организации се приклучија на последното коминике.

Швајцарија ќе дискутира за резултатите од состанокот со Русија, Кина и другите земји кои не присуствуваа, изјави швајцарскиот министер за надворешни работи Игнатиус Касис.

Времето сончево и топло, температура до 36 степени

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне, претежно во планинските подрачја ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи.

Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени. UV индексот ќе биде 8.

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност.

Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 35 степени.

Од средината на следната седмица нашето подрачје ќе потпадне под влијание на нов топол бран и времето ќе биде стабилно и многу топло.

Судењето на затворениот американски новинар Гершкович ќе започне на 26 јуни зад затворени врати

Еван Гершкович
Еван Гершкович

Минатата недела, обвинителите соопштија дека на Еван Гершкович ќе му се суди за шпионажа пред судот во Екатеринбург.

Токму во тој град на Урал, Гершкович, репортер на Волстрит журнал, беше уапсен кон крајот на март 2023 година за време на патување за изврѓување работни задачи.

Руските власти не доставија никакви докази за поддршка на обвиненијата за шпионажа, кои The Wall Street Journal и американската влада жестоко ги отфрлија. Тие велат дека 32 годишниот Гершкович ја вршел својата работа како акредитиран известувач кога бил уапсен.

Стејт департментот на САД во декември соопшти дека Москва ја одбила значајната понуда што ја дала за да обезбеди ослободување на Гершкович и Пол Вилан, уште еден Американец затворен во Русија под обвинение за шпионажа.

Друг државјанин на САД кој моментално го држат руските власти е Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, која беше уапсена во Казан, главниот град на Руската Република Татарстан, во октомври 2023 година и обвинета за нерегистрирање како „странски агент“ и ширење невистини за руската војска.

Пред апсењето, на Курмашева, на која и се заканува затворска казна до 10 години доколку биде осудена, и беше одземен пасошот по посетата за да се грижи за нејзината мајка. РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата против неа се одмазда за нејзината работа.


Многу аналитичари и официјални лица велат дека се чини дека Русија ги таргетира американските граѓани за притвор за потенцијална употреба во размена на затвореници или за други геополитички цели.

Се верува дека Русија бара ослободување на Вадим Красиков, кој беше осуден во Германија во 2021 година за убиството на Зелимхан „Торнике“ Кангошвили, грузиски државјанин од чеченско потекло, кој се борел против руските војници во Чеченија, а подоцна побарал азил во Германија.

Рускиот претседател Владимир Путин, прашан во февруари за ослободување на Гершкович, се чини дека се осврна на Красиков покажувајќи на човек затворен од американски сојузник за „ликвидирање на бандит“ кој наводно убил руски војници за време на сепаратистичките борби во Чеченија.

Мицкоски го објави составот на новата Влада, ќе има четири вицепремиери

Христијан Мицкоски, мандатар
Христијан Мицкоски, мандатар

Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го објави идниот состав на новата Влада. Вечерва по одржувањето на Извршниот комитет на партијата каде биле утврдени предлозите за кандидати за владиниот кабинет изјави дека и на Централниот комитет едногласно ги потврдиле предлозите. Тој објави дека ќе има три вицепремиери од неговата коалиција „Твоја Македонија“ и четврт од коалицијата „Вреди“.

Вицепремиер премиер и министер за транспорт и врски ќе биде актуелниот потпретседател на партијата Александар Николоски. Министер за надворешни работи ќе биде Тимчо Муцунски исто така потпретседател на партијата и актуелен градоначалник на општина Аердором, додека за одбрана Владо Мисајловски, поранешен министер за одбрана.

Министер за финансии ќе биде Гордана Димитриевска Кочовска за која Мицкоски рече дека има големо искуство за финансиите и макроекономското работење и која со него има работено во „Електрани на Македонија“.

Министер за енергетика и рударство е предложена Сања Божиновска, за која лидерот смета дека е експерт во енергетиката со големо искуство во големи компании.

Министер за земјоделство е предложен Цветан Трипуновски, кој беше дополнителниот заменик министер во земјоделие.
Министер за култура и туризам ќе биде актерот Зоран Љутков, за кој Мицкоски очекува дека ќе има шанса да ја промовира Македонија на надворешен план.

Министер за внатрешни работи останува техничкиот министер на оваа позиција Панче Тошковски, за кого беше речено дека се очекува бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.
Министер за образование и наука ќе биде Весна Јаневска, која доаѓа од комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се водев од принципот на чесност и работливост, се раководев тоа да бидат луѓе кои веднаш со мене ќе засукаат ракави зашто Македонија нема време за чекање“, рече Мицкоски.

Име кое до сега не беше споменувано е министерот за локална самоуправа на која позиција ќе биде Златко Пирински, кој некое време раководел со кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Стефан Андоновски, кој беше дополнителен заменик министер во техничката Влада во истиот ресор.

Министер за спорт ќе биде Борко Ристовски, ракометар и репрезентативец на Македонија.
Љупчо Димовски, претседателот на СПМ ќе биде заменик претседател на Владата и министер за политички систем.

Вицепремиер за односи меѓу заедниците ќе биде Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
Шабан Салиу ќе биде министер без ресор, задолжен за интеграција на декадата на Ромите“, рече Мицкоски нагласувајќи дека станува збор за кандидати за функциите.

„Очекувам владата да биде избрана на 22-23 јуни и Македонија да ја вратиме на народот, тоа ќе биде Влада за тебе“, рече меѓу другото Мицкоски.

Претходно собранието на партијата Беса на Биљал Касами, која е дел од коалицијата „Вреди“, на состанок во четвртокот одлучи за членови во новата Влада да ги кандидира Фатмир Лимани - за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши - за министер за економија и труд и Седат Сулејмани за заменик-министер за култура и туризам.

Централното претседателство на Алтернатива, пак, синоќа го избра Орхан Муртезани за нивни кандидат за министер за европски прашања, Лулзим Алиу за кандидат за заменик-министер за образование и наука и Сафије Садики-Шаини за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Досегашниот лидер на оваа партија, Африм Гаши, е претседател на Собранието.

Од другите партнери во коалицијата „Вреди“, според изјави во медиуми, извесно е дека лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари - министер за здравство.

На седница на партискиот Централен одбор, Движењето ЗНАМ - За наша Македонија во петокот ги утврди своите кандидати со кои ќе партиципира во владата - Игор Филков е нивниот кандидат за министер за правда, а Горан Минчев - кандидат за министер за јавна администрација.

Мицкоски претходно најави дека предлог составот и програмата на владата ќе ги достави до Собранието задутре, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет. Рокот од 20 дена за состав на владата тече од 6 јуни кога Мицкоски го доби мандатот од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 пратеници, Вреди 14, а ЗНАМ шест.

Четиринаесет Јорданци загинаа на Хаџ, во Мека и до 47 степени

Саудиска Арабија во Мина, во близина на светиот град Мека, Саудиска Арабија, недела, 16 јуни 2024 година.
Саудиска Арабија во Мина, во близина на светиот град Мека, Саудиска Арабија, недела, 16 јуни 2024 година.

За време на аџилакот во Мека загинаа 14 јордански државјани, дел од нив како последица на топлотен удар, додека други 17 се водат како исчезнати, соопшти на 16 јуни јорданското Министерство за надворешни работи.

Најмалку шест смртни случаи биле предизвикани од жештините, соопшти Министерството, додавајќи дека температурите во Мека на 17 јуни ќе достигнат 47 степени Целзиусови.

Не беше прецизирано дали поголемиот број на смртни случаи во неделата е последица на горештините. Хаџот, кој ќе заврши на 19 јуни, е еден од најголемите масовни собири во светот, а годинава се очекува да учествуваат повеќе од 1,8 милиони аџии, соопшти главниот саудиски завод за статистика.

Стампедо, пожари во шатори, топлина и други фактори предизвикаа стотици смртни случаи за време на овој важен верски настан во последните 30 години.

Министерството за здравство на Саудиска Арабија минатата недела издаде предупредување за високи температури и ги советува аџиите да пијат многу течности и да избегнуваат да бидат на отворено во најтоплиот дел од денот помеѓу 11 и 15 часот.

Јорданското Министерство за надворешни работи на 16 јуни објави дека ја координирало со саудиските власти постапката во случај на смрт на аџии и во случај на транспортирање на телата на починатите во согласност со желбите на нивните семејства.
Според тогашните податоци на Ројтерс, во 2015 година, најмалку 2.070 луѓе загинале во големо стампедо и стампедо што избувна за време на хаџот во близина на Мека.

Повеќе од два милиони муслимани го извршија хаџот во Мека оваа година, за Курбан Бајрам.

Србија е подготвена да даде зелено светло за рудникот за литиум во Рио Тинто

Протест, Србија (архивска фотографија)
Протест, Србија (архивска фотографија)

Српскиот претседател Александар Вучиќ се подготвува да му даде зелено светло на Рио Тинто за развој на најголемиот рудник за литиум во Европа, две години откако Белград се откажа од проектот, објави во неделата Financial Times (FT).

Вучиќ за весникот изјави дека се чини дека „новите гаранции“ од глобалниот рударски гигант и од Европската унија одговориле на загриженоста на Србија дали ќе бидат исполнети потребните еколошки стандарди на локацијата Јадар на западот од земјата.

„Веруваме дека Проектот Јадар има потенцијал да биде средство од светска класа што би можело да дејствува како катализатор за развојот на синџирот на вредност на ЕВ (електрични возила) во Србија“, рече Рио Тинто во изјавата испратена по е-пошта до Ројтерс.

Литиумот, кој се смета за критичен материјал во ЕУ и во САД, се користи во батериите за електрични возила и мобилни уреди.

„Ако исполниме сè, рудникот би можел да биде отворен во 2028 година“, изјави Вучиќ за ФТ, додавајќи дека се очекува рудникот да произведува 58.000 тони литиум годишно, што би било „доволно за 17 отсто од производството на електрични возила во Европа. - приближно 1 „1 милион автомобили“.

Во 2022 година, Белград ги откажа дозволите за проектот Јадар во Рио во вредност од 2,4 милијарди долари по масовните еколошки протести.

Доколку биде завршен, проектот би можел да одговори на 90 отсто од тековните европски потреби за литиум и да помогне компанијата да стане водечки производител на литиум, соопшти Ројтерс.

Во текот на 2021 и 2022 година, српските екологисти собраа 30.000 потписи на петиција со која се бараше парламентот да усвои закон за запирање на истражувањето на литиум во земјата.

Четворица загинати во бомбашки напад во северозападен дел на Пакистан

Пакистан
Пакистан

Четворица патници загинаа, а двајца се ранети во експлозија на бомба покрај пат во пакистанската северозападна провинција Хајбер Пахтунхва на 16 јуни.

Инцидентот се случи во немирната племенска област Курам.

Претставниците на окружната служба за итни случаи изјавија за Радио Машаал дека сите жртви се членови на едно семејство.

Двајцата ранети се згрижени во воената болница во Пешавар. Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.

Курам има историја на секташко насилство.

Самитот за Украина ги утврди насоките за мировните преговори со Русија

Швајцарија, Мировен самит Бургеншток, 15 јуни 2024 година
Швајцарија, Мировен самит Бургеншток, 15 јуни 2024 година

Осумдесет земји се согласија дека територијалниот интегритет на Украина мора да биде основа на секој мировен договор. Швајцарија, која беше домаќин на самитот, рече дека повеќе од 90 земји учествувале во разговорите, а огромното мнозинство потпишало коминике, според списокот објавен од швајцарските организатори на крајот на сесијата.

Саудиска Арабија, Индија, Јужна Африка, Тајланд, Индонезија, Мексико и Обединетите Арапски Емирати беа меѓу земјите кои учествуваа, но не го потпишаа последното коминике.

Како потписник не се појави ниту Бразил, кој беше наведен како „набљудувач“ на списокот на присутни.

„Сметаме дека за постигнување мир е потребно учество и дијалог меѓу сите страни“, се наведува во документот.

„Ја потврдуваме нашата посветеност... на принципите на суверенитет, независност и територијален интегритет на сите држави, вклучително и Украина, во нивните меѓународно признати граници“, се додава во документот.

Во завршниот документ, исто така, се бара ослободување на сите воени заробеници во „целосна размена“ и сите украински деца кои се „депортирани и нелегално раселени“ да бидат вратени во Украина.

Киев ја обвинува Русија за киднапирање на речиси 20.000 деца од делови на истокот и југот на земјата, врз кои нејзините сили презеле контрола.

Работните групи на самитот се занимаваа и со прашања од глобалната безбедност на храната и нуклеарната безбедност.

„Безбедноста на храната не смее да се вооружува на кој било начин“, се наведува во декларацијата, додавајќи дека пристапот до пристаништата во Црното и Азовското Море е „критичен“ за глобалното снабдување со храна.

А земјите, исто така, повикаа на Украина да и се даде „целосна суверена контрола“ над нуклеарната централа Запорожје.

Лоциран во јужна Украина, објектот е најголемото нуклеарно место во Европа и е под контрола на руските сили од почетокот на војната.

Десетици светски лидери собрани во швајцарско одморалиште се надеваа дека ќе постигнат консензус за осуда на руската инвазија на Украина на вториот и последен ден од нивниот собир на 16 јуни.

Отсуството на Русија на Глобалниот самит за мир инициран од Украина ги намали надежите за каков било напредок, како и одлуката на Кина да се држи настрана.

Самитот од 15 до 16 јуни е кулминација на напорите на Зеленски во изминатите 19 месеци да ги ангажира глобалните лидери да помогнат да се стави крај на најголемата европска војна од Втората светска војна.

Швајцарија се согласи да биде домаќин на самитот со надеж дека ќе го отвори патот за идниот мировен процес во кој ќе биде вклучена Русија. Зеленски не сакаше Русија да учествува во оваа фаза.

Марш на ЛГБТ војниците во Украина, бараат повеќе права и признавање на заслугите

Марш на ЛГБТ украински војници
Марш на ЛГБТ украински војници

Неколку стотици ЛГБТ украински војници и нивните поддржувачи маршираа низ центарот на Киев во недела, на 16 јуни, за да побараат повеќе права и да ги истакнат своите заслуги во војната со Русија, објави АП.

Војниците, од кои многумина носеа ознаки со виножито и еднорог на своите униформи, ја повикаа владата официјално да им додели партнерски права.

Настанот беше опишан како Марш на еднаквоста, но ја немаше славеничката атмосфера на мирнодопски настани и се одржа на дожд и под силно полициско обезбедување со закани од контрадемонстрантите.
Улогата на ЛГБТ членовите во војската е одговорна за промена на ставовите на јавноста кон истополовите партнерства во социјално конзервативната земја, пишува АП.

„Ние сме обични луѓе кои се борат на еднаква основа со сите други, но ние сме лишени од правата што ги имаат другите луѓе“, изјави за Асошиејтед прес Дмитриј Павлов, војник кој користел стап за одење.

Активистите бараат законски реформи за да им се овозможи на истополовите парови да донесуваат медицински одлуки за ранетите војници и да ги закопуваат жртвите од војната што се прошири низ Украина пред повеќе од две години.

Тие тврдат дека подобрувањето на правата на хомосексуалците ќе создаде дополнителен јаз меѓу Украина и Русија, каде ЛГБТ правата се строго ограничени.

На митингот на гордоста присуствуваше персонал од американската амбасада и од неколку европски земји.

Организаторите се соочија со тешкотии во организацијата. Градските власти ја отфрлија петицијата да се дозволи одржување на метро станицата, а исто така беше осудена и од еден од главните ограноци на Украинската православна црква.
„Оваа акција е дел од левичарско радикално политичко движење и има за цел да наметне политичка идеологија, а има и за цел да ја уништи институцијата на семејството и да го ослабне украинското општество во услови на војна и отфрлање на руската агресија“, црквата кажа.

Полицијата постави кордони во центарот на Киев за да ги оддалечи демонстрантите од контрапротестот, внесувајќи ги во централната метро станица на крајот на настанот.

Противниците на митингот, од кои некои носеа маски за лице и анти-геј знаци, маршираа до споменикот на паднатите борци во центарот на градот.

А оние на ЛГБТ собирот и контрапротестот ја искористија приликата да побараат странските земји да и помогнат на Украина во војната со Русија, извикувајќи „Вооружи ја Украина сега!“

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG