Вести
Декларацијата на министерката за енергетика Сања Божиновска за бугарска самосвест поделена во Собранието
Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник од СДСМ, Оливер Спасовски денеска во Собранието на РСМ подели декларацијата до пратениците, којашто актуелната министерка за енергетика, Сања Божиновска ја има потпишано на 21.10.2004 година, а со која изјавува дека има бугарска самосвест. Претходно бугарската новинска агенција БГНЕС ја објави декларацијата на којашто се гледа потписот на министерката.
Спасовски на премиерот Мицкоски му го постави прашањето за Божиновска, која своерачно потпишала дека има бугарска самосвест и бугарско потекло во 2004 година.
Тој го праша Мицкоски дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од страна на министерката Божиновска.
„Доколку бевте информирани и доколку она што сега во јавноста кружи сакам да ве прашам дали ќе се побара одговорност заради таквиот пристап кон јавноста од министерката Сања Божиновска“, рече Спасовски.
Мицкоски обраќајќи се кон пратеникот Оливер Спасовски, рече дека Сања Божиновска е поголема Македонка и притоа го обвини дека тоа што тој како министер го направил во Министерството за внатрешни работи е „најлошиот дебакл што се случил во државата“.
„Ние наместо да сме горди, среќни што имаме професионалец, човек кој што има исклучително квалитетни позиции во минатото, луѓе конекции кои што можат да бидат додадена вредност, ние сега измислуваме приказни кои што апсолутно немаат никаква врска ниту со енергетиката, ниту со рударството ниту со минералните суровини. Тоа е исто како сега јас да ве напаѓам вас за нешто кое што нема никаква врска со тоа што дававте пасоши на белосветски криминалци. Јас ви гарантирам дека Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно. Нема поголема Македонка. Јас ова ви го кажувам и потврдувам, рече Мицкоски.
Иако станува збор за стандардна формулација која им се дели на сите баратели на бугарски документи, БГНЕС забележува дека потписот на Божиновска е ставен во 2004 година, односно три години пред Бугарија да стане полноправна членка на ЕУ.
„Изјавувам дека имам бугарска национална свест и сум со бугарско потекло исто како татко ми Перо Божиновски, родум од Куманово и мајка ми Виолета Божиновска, родум од Скопје, држава Македонија кои се Бугари. За невистинитите изјави свесна сум за одговорноста по член 313 став 3 од Кривичниот законик и последиците од член 22 од Законот за бугарско државјанство, се вели во декларацијата.
Божиновска претходно за тоа дали има се уште бугарска „самосвест“ изјави дека мора да се консултира со адвокатите кои ја воделе процедурата, која била многу одамна.
По тоа порача и дека „ниту еден граѓанин на Македонија, кој се стекнал со бугарско државјанство, не се чувствува како Бугарин“, туку тоа се го направил од економски причини.
Денеска во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство.
„За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението испратено до МИА.
Премиерот во одбрана на директорот на АНБ, достави лажни сертификати од директори на СДСМ
Прашањето дали директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски има валиден сертификатот по англиски јазик од тема во медиумите се префрли во Собранието.
На денешните пратенички прашања пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче го спореше сертификатот по англиски што го приложил Христовски.
„Документот што го приложил е од училиште во Пловдив а во таму воопшто нема TOEFL центар за тестирање. Значи за да стане директор свесно употребил фалсификуван документ и со тоа направил кривично дело. Нели, господине Мицкоски, ветувавте поразличен начин на работа? Нели мерит систем некој најавувате?, рече Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски пак убедува АНБ не би требало да биде тема на јавна расправа туку институциите да проверат.
Одговарајќи во делот за сертификатот по англиски јазик, Премиерот извади папка во која рече дека се наоѓаат „слични сертификати по англиски јазик од директорите назначени од СДСМ“ . Се закани дека ќе му ги даде на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Ќе ви дадам сличен сертификат од личноста која седи до вас. Знаете колку има такви сертификати?, рече Мицкоски што наиде на извикување и восхит од некои од пратениците во салата. Немојте на тоа да правите политика, има институции во државава кои треба да водат сметка, овие сертификати ќе ги дадам на министерот за внатрешни работи“, рече Мицкоски.
Според Премиерот темата за директорот на АНБ, е станата толку актуелна затоа што вработени во безбедносно-разузнавачката заедница се вознемирени. Вознемиреноста доаѓала бидејќи додека Мицксоки бил само лидер на опозициска партија бил следен со дронови, па сега не им одговара новиот директор.
„Се кренаа дронови над мојата куќа, кога сум одел и на терен во Прилеп. Го разузнавале претседателот на опозицијата со дронови, односно со оперативни и оперативни технички средства. Нормално е тоа? И затоа се исплашени и од свиркачи добиваат информации, за тоа што треба да има одговорност“, рече премиерот.
Филипче му порача на Мицкоски дека новото назначување на директор во АНБ не е смешно и се потврдува намерата да се узурпираат клучните безбедносни институции.
„Вие господине Мицкоски изгледа заборавате дека заради овие ВМРО-МВРО диктаторски политики 100 илјади луѓе маршираа по улиците“, рече Филипче.
Инаку Бугарски медиум откри дека не функционира јазични центар „Јулија“ во Пловдив каде што според самиот Христовски, тој добил ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик. Училиштето „Јулија“ по тоа ги изгасна профилите на социјалните мрежи.
Правда изработи нов кривичен законик, го испрати до ЕК
Новиот Кривбичен законик е готов, информираат од Министерството за правда. Од таму додаваат дека е преведен на англиски и го доставиле на мислење до Европската Комисија, а откако ќе се добие мислење од ЕК, ако нема забелешки Кривичниот законик оди во владина процедура по што се проследува до Собранието.
Ова доаѓа само еден ден после објавувањето на Извештајот за напредокот на земјава во 2024 година. Во него во делот за Поглавјето 23 – судство и основни права, ЕК оценува дека измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.
Од МП, за МИА посочуваат дека подготвени се и коресподентните табели како обврска од Билатералниот скрининг за Поглавје 23.
Во Парламентот, Кривичниот законик се носи со обично мнозинство.
Според ЕК, државата во наредната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Да го подобри своето досие на случаите на висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонење, конечни пресуди и враќање на средствата, вклучувајќи конфискација на криминални средства, конфискација базирана на вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице.
Со новиот Кривичен законик треба да се вратат измените на членот 353 и 394 на Кривичниот законик, направени во септември 2023 година во скратена постапка со европско знаменеце со кои се намалуваат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и злосторничко здружување.
Со измените на дел од членот 353 од Кривичниот законик се намали затворската казна од најмалку три години затвор на казна затвор од една до четири години за „злоупотреба на службена должност и овластување“, додека со измена на членот 394 од КЗ, казната за „злосторничко здружување“ се намали од казна затвор до десет години, на казна затвор до три години.
Средба Вулин-Лавров во Минск
„Србија, предводена од последниот слободен лидер во Европа, треба да продолжи да води политика исклучиво во интерес на своите граѓани и да ги зачува традиционалните пријателства“.
Ова го изјавил вицепремиерот на Србија Александар Вулин на средбата со министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров на маргините на Меѓународната конференција за евроазиска безбедност во Минск.
Двајцата се согласиле дека разговорот меѓу претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин е значаен за односите меѓу двете земји.
Иако е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ), Србија не се приклучи на санкциите против Русија поради нејзината инвазија на Украина и продолжи да одржува контакти со официјални лица во Москва.
Делегацијата на Владата на Србија неодамна учествуваше на самитот на БРИКС во Казан, Русија, група предводена од Русија, меѓу другите земји.
Вулин, кој престојуваше на тој самит како пратеник на српскиот претседател Александар Вучиќ, се сретна со рускиот претседател Владимир Путин.
ЕУ одговори велејќи дека од сите земји кандидати „се очекува да се воздржат од контакти со Русија и нејзиниот претседател“.
Вицепремиерот на Србија е во тридневна посета на Белорусија, при што беше договорена соработка меѓу Белград и Минск за заедничка обука на полицијата, специјалните единици, како и борбата против тероризмот, организираниот и високотехнолошкиот криминал.
Тој присуствуваше и на показната вежба на специјалната единица на Министерството за внатрешни работи на Белорусија. Белорусија е под санкции на Европската Унија (ЕУ) поради нејзината улога во руската инвазија на Украина.
Србија селективно се усогласи со ЕУ при воведувањето санкции кон Белорусија. Александар Вулин е под санкции на САД, меѓу другото, и поради неговите блиски односи со Русија.
ОН: Шеснаесет региони во светот се соочуваат со критично ниво на глад
Агенциите на ОН специјализирани за пружање помош во храна - Светска програма за храна, денеска (31 октомври) издаде предупредување за опасни нивоа на глад кои се закануваат на 16 критични региони низ светот во наредните месеци.
Конфликтот предизвикува најголем дел од акутната несигурност за обезбедување храна во сите оние области анализирани од Организацијата за храна и земјоделство и Светската програма за храна
Како што пренесува „Гардијан“, меѓу најзагрозените региони се палестинските територии, Судан, Јужен Судан, Мали и Хаити, каде што агенциите на ОН предвидуваат драматично зголемување на бројот на луѓе соочени со глад.
Главните причини за гладување се вооружените конфликти, а по нив следуваат екстремните временски услови.
„Хуманитарна помош е итно потребна за да се спречат глад и смрт на палестинските територии, како и во Судан, Јужен Судан, Хаити и Мали“, наведено е во извештајот што го подготвија експерти од две агенции на ОН со седиште во Рим.
Во земји како Сирија, Јемен и Либан, како и во Нигерија, Чад, Мозамбик и Мјанмар, конфликтите се или главната причина за глад или значително придонесуваат кон него.
Поразителниот пораст на конфликтите во Појасот Газа дополнително ја зголеми загриженоста дека би можело да се оствари „најлошото сценарио“ за глад, наведува весникот.
Според проценките, 41 отсто од популацијата, или 876 000 луѓе, ќе се соочат со опасни нивоа на глад од ноември до крајот на април. Речиси 16 отсто, или 345 000 луѓе, ќе доживеат „катастрофални“ нивоа на глад.
Претставник на Хамас вели дека бараат траен прекин на огнот, а не привремено примирје
Палестински Хамас отфрла каков било предлог за привремен прекин на огнот во Газа, изјави висок претставник на оваа организација, која САД и Европската Унија ја прогласија за терористичка организација.
„Идејата за привремена пауза во војната, со цел подоцна да продолжи агресијата, е нешто за што веќе го изразивме нашиот став. Хамас поддржува траен прекин на војната, а не привремен“, изјави висок функционер на организацијата, Тахер ал-Нуну, за новинската агенција АФП.
Се очекува посредниците да му предложат на Хамас примирје за „помалку од еден месец“, изјави за АФП извор запознаен со преговорите.
„Американските власти веруваат дека ако може да се постигне краткорочен договор, тоа би можело да доведе до потраен договор“, изјави изворот за новинската агенција.
Нуну рече дека групата досега не добила никаков предлог.
Сепак, тој ги повтори барањата на кои организацијата инсистира со месеци - „траен прекин на огнот, повлекување на (израелските сили) од Газа, враќање на раселените, доволна хуманитарна помош во Газа и сериозен договор за размена на затвореници“.
Инаку, израелскиот парламент ја забрани работата на Агенцијата на Обединетите Нации за палестински бегалци (УНРВА) во таа земја. Забраната наиде на меѓународна осуда.
Војната започна кога милитантите на Хамас влегоа во Израел на 7 октомври минатата година, убивајќи околу 1200 луѓе и зедоа 251 заложник. Во одмаздата на Израел против Газа загинаа повеќе од 43 000 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.
Гаши: Потребни се политичка волја и договор за да почнат уставните измени
Собранието во однос на процедурата е подготвено во секое време да ги отпочне уставните измени, но за да се отпочне тој процес треба политичка волја и договор за да имаме јасна перцепција, за да не почнеме нешто што нема да успее, изјави денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на брифинг со новинарите.
„Во однос на Собранието, службите и процедурата ние сме подготвени. Се надеваме дека што побргу ќе дојдеме до тој политички договор за да се отпочне тој процес. Јас би сакал тоа да биде што побрзо затоа што мислам дека е од стратешко значење и важно да ги започнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на ЕУ“, рече Гаши.
Гаши е е задоволен од како што вели позитивната оценка за работата на Собранието во Извештајот за напредок на ЕК. Додава дека во неговиот мандат нема злоупотреба на европското знаменце за носење на закони, како и дека големиот број на закони по скратена постапка се всушност усогласувања со Законот за организација и работа на органите на државната управа.
„Во делот на Собранието можам да ви кажам дека вкупно оценката е позитивна. Има мал напредок. Наредната година ќе направиме се преку реформската агенда и преку сите препораки кои се дадени во Извештајот да ги имплементираме што побргу за следната година не само извештајот да биде позитивен туку тоа го правиме најмногу заради нас, да имаме пофункционално и потранспарентно Собрание и да бидат задоволни и пратениците и граѓаните од работата на Собранието“, рече Гаши.
Се нотира, како што кажа, дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаме, но дека се повторуваат скратените постапки. Спикерот истакнува дека Собранието закажува многу често седници и има предвидливост на седниците. Тој ги советуваше министрите повеќето или сите закони да ги предлагаат во редовна постапка затоа што, како што рече, тоа е добро и за нив, и за пратениците и за граѓаните.
Грузиската полиција уапси две лица, обвинети за полнење гласачки кутии
Полицијата уапси две лица обвинети за полнење на гласачки кутии за време на изборите на 26 октомври, соопшти на 31 октомври грузиското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека е отворена истрага за фалсификување изборни документи поради обвинувањата за широко распространети нерегуларности за време на гласањето.
Еден од двајцата осомничени е заменик-претседател на градскиот совет на Марнеули, град во јужна Грузија каде што беа пријавени неправилности на избирачко место за време на гласањето, што доведе до прекин на гласањето и поништување на сите гласачки ливчиња. Полицијата не го соопшти идентитетот на двајцата, туку само ги наведе нивните иницијали.
За време на гласањето, дописникот на Радио Слободна Европа пријави инцидент на гласачко место во Марнеули, каде што член на опозициска партија, наводно, бил претепан од претставник на владејачката партија Грузиски сон поради извештаите за полнење гласачки ливчиња.
Грузиски сон, партијата која се смета за блиска до Русија, која е на власт од 2012 година, ја потврди победата, а прелиминарните официјални резултати покажуваат дека добила речиси 54 отсто од гласовите.
Опозицијата и проевропската претседателка Саломе Зурабишвили одбија да ја признаат валидноста на резултатите, обвинувајќи за масовна измама и руско мешање.
Европската унија, НАТО и Соединетите Држави побараа целосна истрага за извештаите за купување гласови, заплашување гласачи и полнење на гласачки ливчиња што ги подигнаа набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и други набљудувачи на изборите.
Зурабишвили го повика Западот да изврши притисок врз владејачката партија Грузиски сон да ги преиспита резултатите од изборите, кои се сметаа за клучен тест за демократските акредитиви на Грузија.
Канцеларијата на генералниот обвинител на 30 октомври објави истрага за наводите за измама и го повика Зурабишвили пред обвинителите на 31 октомври.
„Претседателката Саломе Зурабишвили мора да има докази за можно фалсификување на парламентарните избори во 2024 година, во врска со кои, во согласност со процедурата утврдена со закон, таа беше повикана на распит на 31 октомври“, се вели во соопштението на обвинителството.
Зурабишвили одби да одговори на повикот, велејќи дека обвинителите треба да се фокусираат на своите должности наместо да се впуштаат во политичка одмазда.
Белгија отфрли 96 отсто од барањата за азил
Белгија отфрла 96 проценти од поднесените барања за азил откако во февруари беше воведена забрзана постапка за оценување на документите, јавуваат локалните медиуми.
Промените овозможуваат властите брзо да ги разгледуваат барањата за кои нема основа за подетално оценување.
Се наведува дека ваквиот пристап е предвиден и во новите европски правила за миграција. Промените кои допрва треба да се имплементираат предвидуваат забрзано разгледување на барањата поднесени од државјани на „безбедни земји“ каде нивниот живот не е загрозен. Земјите од ЕУ имаат право сами да утврдат кои земји ги сметаат за „безбедни“.
Новото европско законодавство предвидува барањата што имаат мала веројатност за одобрување да бидат оценети во рок од 12 недели. Белгија воведе рок од 50 работни дена за овие случаи, а засега забрзаната постапка се применува за барања од државјани на Молдавија, Албанија, Косово, Конго, Грузија и Индија.
Се истакнува дека проширувањето на обемот на забрзаната постапка во Белгија е дел од преговорите за идната федерална владина коалиција.
МОН: Новиот предлог-закон за учебници е подготвен, отворени сме за сугестии
Министерството за образование и наука информира дека е изготвен нов предлог Закон за учебници во основното и средното образование и дека е поставен на владиниот ЕНЕР-систем (Електронски национален регистер на прописи).
Со неговото донесување ќе биде заменет актуелниот закон од 2008 година.
„Сите заинтересирани граѓани може да дадат свој придонес во усвојувањето на најдобрата верзија што ќе биде проследена во собраниска процедура. Во предлог-законот се интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија со чии претставници раководството на МОН и на Педагошката служба имаа конструктивна работна средба“, соопшти ресорното министерство.
Оттаму посочуваат дека новиот закон треба да обезбеди изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки какви што имаше досега и да ја поедностави постапката за набавка, со цел учебниците да бидат навремено испорачани во училиштата.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете