ФЗОМ: Не правете дома непотребни залихи од лекови

Фондот за здравствено осигурување апелира до граѓаните во оваа ситуација со коронавирусот да не се купуваат лекови без потреба и да се применува телефонска и електронска комуникација помеѓу осигурениците и здравствените установи.

„Да се применува примарно телефонска и електронска комуникација помеѓу осигурениците и здравствените установи, освен при неодложна здравствена потреба. Осигурениците да ги почитуваат стручните препораки кои ги добиваат од матичните лекари според здравствените потреби за зачувување на здравјето и за правилно лекување. Да не се бара упатување и да не се посетуваат специјалистите заради продолжување на хроничната терапија, бидејќи сите специјалистички извештаи, конзилијарни мислења и отпусни писма издадени во 2019 година ќе важат до завршување на важење времените мерки“, велат од ФЗОМ.

Од Фондот додаваат осигурениците да не инсистираат и да не бараат матичните лекари да им пропишуваат лекови на рецепт без медицински индикации (по нивна желба и кои не им се потребни), како и да не купуваат лекови непотребно, односно да не прават непотребни залихи на лекови во нивните домови.