СОНК е против намалување на платите во администрацијата

Илустрација - СОНК

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) не се согласува со предлогот на СДСМ за намалување на платите на вработените во јавната администрација и бара од Владата доколку добие таков предлог, тој да биде одбиен. Според Синдикатот, ваквиот предлог е радикален и директно ќе влијае врз работниците кои се најмалку платени. Затоа бара итно да се воспостави социјалниот дијалог и да се слушнат мислењата и на синдикатите и на економските експерти.

Вчера лидерот на СДСМ, Зоран Заев, предложи сет економски мерки за справување со економскките последици од ситуацијата со коронавирусот, меѓу кои и намалување на платите во јавната администрација.

„Вработените во се она што се смета за јавен сектор, јавна администрација на државно и локално ниво ќе земат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај. Важно е да се напомене дека оваа мерка не се однесува на вработените лекари и медицинскиот и помошен персонал, полицајците и војниците и тие што работат со нив и околу нив, за помагање за справувањето со Корона вирусот“, рече Заев вчера.

Ваква мерка, реагираат од СОНК, нема во ниту една од соседните држави, кои, исто така, се соочуваат со економска криза предизвикана од коронавирусот.

„Сметаме дека предложените мерки директно ќе удрат врз работниците што реално се и најмалку платени во државата. Особено реакциите се жестоки од страна на просветните работници, кои, во интерес на учениците, индиректно и на државата, вложуваат надчовечки напори преку алтернативни форми и методи, во домашни услови, да ја реализираат планираната програма“, се наведува во соопштението од СОНК.