„Бесплатната“ воздушна амбуланта ќе чини пари

Архива

Владата иако најавуваше дека нема денар да потроши за итната хеликоптерска медицинска помош, договорот со „САРХЕМС“ го покажува спротивното. Од државата на фирмата ќе и се префрлаат пари од ноќевања на странски туристи, од странски возила и од патници на двата аеродроми, а според нашите пресметки се работи за милиони евра.

Ако македонски граѓанин доживее незгода, посебно на непристапен терен, а итно му е потребна лекарска помош, најдоцна за 15 минути ќе биде испратен хеликоптер кој ќе треба да го однесе до најблиската болница. За прв пат во државата таканаречената воздушна амбуланта ќе стане реалност преку јавното-приватно партнерство меѓу Владата и фирмата „САРХЕМС“ кое неодамна беше запечатено со потпишувањето на договорот. Но, спасувањето на човечкиот живот има цена, иако Владата упорно се обидуваше да ја „продаде“ услугата како бесплатна.

„Државата нема да потроши ниту денар“, беше реченицата која често ја користеше генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски за да ги отфрли сомнежите околу економската исплатливост на фирмата „САРХЕМС“ да влезе во ова партнерство.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хеликоптерското ремек дело не е бесплатно

И покрај тоа што услугите нема да бидат наплатени директно од џебот на македонскиот граѓанин, во документите до кои дојде РСЕ преку слободен пристап до информации, јасно е дека ќе ја чинат пари и државата.

„Без пари ќе добивате се, како тие ќе си наплатат е нивен проблем“, тврдеше Рашковски и ги убедуваше новинарите на брифинг на крајот на минатата година дека „САРХЕМС“ ќе заработува само преку исплатата на осигурителните компании кога таквиот вид на услуги ќе им бидат потребни на странски државјани.

Видете и ова: Во договорот со „САРХЕМС“ ги нема клучните прашања за парите

Во договорот се испишани обврските, а во додатоците, како во пракса ќе функционира јавно-приватното партнерство за воспоставување на хеликоптерски итен медицински систем - ХЕМС и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување-САР. На 37 испишани страници повторно недостасуваат клучните информации и ремек делото, како што го нарече Рашковски проектот, се уште не е докрај завршено.

Сепак, по се изгледа дека Владата во име на „САРХЕМС“ ќе прибира средства, но се уште е непознато колку пари ќе се слеваат на сметката на фирмата, бидејќи тоа ќе се утврдува со носење на нови закони кои треба да бидат изготвени најдоцна во рок од 6 месеци. Нашите пресметки покажуваат дека се работи за милиони евра.

Пари од џебот на странците, но и од касата на државата

Трошоците на „САРХЕМС“ ќе изнесуваат 9 милиони евра годишно или 72 милиони евра за 8 години колку што е предвидено јавното-приватно партнерство. За возврат, како што се наведува во додатоците на договорот, за воздушната амбуланта пари ќе се издвојуваат од секој странски турист што ќе оствари ноќевање во државата, како и од секое странско возило кое ќе ги користи македонските патишта и од секој патник кој од аеродромите во Скопје и во Охрид ќе отпатува на некоја друга дестинација, заедно со надоместоците од европската организација за безбедност на воздушната навигација Еуроконтрол.

Засега е утврдена само сумата која ќе се наплаќа по ноќевање на странски турист и која ќе изнесува половина евро. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од јануари до ноември во минатата година имало 1.504.258 ноќевања на странски туристи, при што изостануваат бројките за декември. Тоа значи дека „САРХЕМС“ само по овој основ би инкасирала околу 800 илјади евра. Пари кои досега завршуваа во касата на општините и на државата.

Законот за такса за привремен престој предвидува дека 80 проценти од сумата се уплатува на сметката на единицата на локалната самоуправа, а 20 отсто во Буџетот на државата. Таксата за привремен престој сега изнесува 40 денари.

Додаток 1 на договорот со „САРХЕМС“

Колку пари ќе се зема од авио превозниците за секој патник кој ќе ги користи аеродромите во Скопје и во Охрид за да отпатува на некоја друга дестинација дополнително ќе се регулира со закон кој ќе биде донесен најдоцна во рок од 6 месеци. На двата аеродроми во минатата година имало 2.677.618 патници. Од ТАВ Македонија ја имаат само вкупната бројка, а не и бројката на патници во заминување.

Од соседните земји Грција има такса за заминувачки патник од аеродромите во земјата која изнесува 13 евра. Воведен е со цел модернизација и развој на воздушниот сообраќај. Во Норвешка таксата до декември, минатата година за летови во Европа изнесуваше околу 7 евра, а за подалечните дестинации околу 19 евра. Во Велика Британија најниската такса за патниците во заминување е речиси 15 и пол евра.

Доколку во име на „САРХЕМС“, надлежната институција донесе одлука да наплаќа барем половина евро, како за ноќевањата на странските туристи и половина од вкупната бројка на патници да биле во заминување од двата аеродрома се доаѓа до сума од околу 700 илјади евра.

Ако таксата на патник во заминување е повисока, како што е примерот со другите наведени земји тогаш „САРХЕМС“ би добивала многу повеќе пари или по неколку милиони евра. Со договорот се предвидува 10 отсто од прибраните средства да одат и за развој на капацитетите на Агенцијата за цивилно воздухопловство.

На странските возила е предвидено да им се наплаќа преку продажба на вињети. Колку ќе изнесува нивната цена и колку од таа сума ќе се издвојува за воздушната амбуланта ,исто така, ќе се утврдува преку закон во наредните 6 месеци.

МВР нема податоци колку странски возила годишно транзитираат низ Македонија, туку само колку странски државјани ги користеле граничните премини Богородица и Табановце за влез или излез во државата.

Во 2019 година вкупно на двата гранични премини поминале 4.116.237 странски државјани. Ако барем четвртина од оваа бројка се сведе на странски возила се добива бројката од над милион возила. Доколку се множи со 30 денари, колку што чини најниската цена на патарина излегува дека по овој основ ќе се соберат најмалку половина милион евра годишно.

Владата ќе има обврска да побара пари од Еуроконтрол како надоместок за услугите за пребарување и спасување на цивилниот авиосообраќај, согласно извештајот за предвидените трошоци кој претходно ќе треба да го изготви фирмата „САРХЕМС“.

За тоа да се реализира, како што се наведува во документите, потребно е да се овозможи соработка со давателот на услуги за воздухопловна навигација, односно Агенцијата за цивилно воздухопловство.

На прашањето колку би изнесувале надоместоците од агенцијата одговорија дека немаат законски надлежности во утврдувањето и реализацијата на бизнис плановите и политиките на било кој субјект во авиоиндустријата, се до оној момент кога правното лице не ја започне постапката за добивање на Уверение за оперирање, односно одобрување од АЦВ за користење на воздухопловите во комерцијални цели.

„Оттука, АЦВ до овој момент не е информирана за деталите од договорот за јавно приватно партнерство меѓу Владата и Сархемс за итна хеликоптерска медицинска помош, односно не располага со информации за начинот на финансирање на услугите за трагање и спасување“, наведуваат од агенцијата.

Во физибилити студијата на Владата за проектот е наведено дека хеликоптер за ХЕМС/САР услуги чини од 10 до 15 милиони евра. Не се прецизира колку од тие пари се наменети за опремата за пребарување и спасување.

Владата треба да обезбеди и објект или локација за „САРХЕМС“

Во договорот е наведено дека Владата ќе има обврска да обезбеди локација и инфраструктура за услугите согласно препораките од физибилити студијата. Центарот за обука на пилоти на аеродромот Петровец, како што се наведува во студијата, е единствениот кој ги задоволува условите за функционирање на ХЕМС и САР и за обука на персонал и нема потреба од изградба на нов објект.

Додаток 5 од договорот со „САРХЕМС“

Центарот за обука на пилоти е еден од најсовремените во регионот и го градеше Владата и Министерството за одбрана заедно со израелската компанија „Елбит“, која има договор за негово користење до 2021 година.

Рашковски тврдеше дека центарот нема да се стави на располагање на приватниот партнер, а на истиот став беше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

„Во договорот со САРЕХЕМС не е предвидено дека оваа компанија од јавно-приватно партнерство ќе го користи Центарот за обука на пилоти на Министерството за одбрана. Ставот на министерката Шекеринска не е сменет, Центарот за обука на пилоти нема да се користи за потребите на компанијата во рамките на ова јавно приватно партнерство“, велат од министерството.

Доколку Центарот за обука на пилоти не биде отстапен на „САРХЕМС“, тогаш Владата ќе треба да обезбеди соодветен објект или локација за негова изградба со непречен пристап до стазите за летање на аеродромот во Петровец.

Но, според договорот, „САРХЕМС“ за потребите на Владата или трет партнер ќе може да изведува и обука на персонал за изведување на услугите, како и обука на останат летечки персонал. За тоа сега е задолжен токму Центарот за обука на пилоти, односно израелската компанија.

Видете и ова: Зошто е „тајна“ потпишаниот договор за медицински хеликоптери?

Владата ќе биде задолжена на приватниот партнер да обезбеди и увозни дозволи, влезни визи, работни дозволи и други сертификати, како и да обезбеди право на користење на воздушниот простор без надомест.

Која е „САРХЕМС“?

Фирмата „САРХЕМС“ е основана на 24 дена пред да го добие тендерот. За Владата тоа не беше спорно, бидејќи зад неа како поддршка стои СХЦ - шведски хеликоптерски конзорциум АБ, која е формирана пред околу две години. Директор на македонската и странската фирма е Саша Ѓаковиќ.

Шведскиот хеликоптерски конзорциум, како што е наведено на интернет страницата, е формиран во Гетеборг, а негов основач е Ѓаковиќ, опишан како искусен претприемач во авијацијата. Претседател на фирмата е Џон Валгрин, а потпретседател Мартин Фабиансон.

„Би било исправно да се каже дека улогата на хеликоптерите во спасувањето на живот претставува една од најславните страници во историјата на човековото летање“, е еден од цитатите на интернет страницата.

Но, каква улога и искуство во спасувањето на животи досега имала фирмата нема напишано ни збор. Фирмата услугите ќе ги спроведува по барање на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Во зависност од можностите на воздухопловите „САРХЕМС“ ќе има обврска и да превезува критични патници од една до друга болница, да врши транспорт на органи за трансплантација и транспорт на медицински тимови заради интервенции на недостапни или тешко достапни места.

Во случај на потреба фирмата ќе има можност да дава ХЕМС и САР услуги и за соседните држави и со тоа дополнително ќе заработува.

„Ќе извршува услуги само на територијата на државата“, тврдеше претходно Владата, иако во договорот се наведува спротивното.

Шведскиот хеликоптерски конзорциум не одговори на прашањата на РСЕ дали фирмата има изготвена анализа колку ќе изнесуваат трошоците за САР за кои ќе добива надоместок, како и тоа колку пари ќе прибира од државата за своите услуги. Од фирмата не одговорија и какво искуство досега имаат во областа.

Фирмата ќе започне со првата фаза откако ќе и бидат префрлени парите од надоместоците и по сместувањето во објектот кои ќе и бидат обезбедени од Владата. Најмалку 6 месеци по првата фаза и по добивањето на соодветните лиценци ќе започне со испорака на услугите со еден хеликоптер.

„Вие сте новинари, влезете во анализа и најдете го трошокот“, порача Рашковски, чија анализа за тоа колку пари „САРХЕМС“ ќе добива од државата ќе треба да ја почекаме уште неколку месеци.