Кина трага по индиции за новиот вирус и ги засилува превентивните мерки

Илустрација

Кинеските власти денеска соопштија дека сè уште не го идентификувале изворот на новиот респираторен вирус кој ги зголеми стравувањата од меѓународна криза.

Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека ќе спроведат строги превентивни мерки и ќе го засилат мониторингот за време на Лунарната нова година, која се паѓа на 25 јануари. Тие велат дека епидемијата може да се контролира.

Лекарите го забележале новиот коронавирус, кој предизвикува симптоми на пневмонија, како треска, кашлица и проблеми со дишењето, кај луѓе кои работат или го посетиле пазарот за храна во предградие на Вухан во централна Кина минатиот месец, но сè уште не ја утврдиле патеката на пренесување.

Експертите се сомневаат дека вирусот веројатно се пренесува од животни на луѓе, но не можат да ја исклучат можноста дека се пренесува од човек на човек.

Досега се потврдени 65 случаи на пневмонија предизвикана од новиот коронавирус, сите жители или неодамнешни посетители на Вухан. Двајца од 62 заболени во Вухан починале. Пријавени се двајца пациенти во Тајланд и еден во Јапонија.

Постојат стравувања дека новооткриениот вирус може да стане сериозен како Тешкиот акутен респираторен синдром(САРС) кој потекнува од Кина и уби речиси 800 луѓе ширум светот во 2002 и 2003 година.

Американските центри за контрола и превенција од болести вчера соопштија дека ќе започнат со скрининг на три американски аеродроми – Сан Франциско, Лос Анџелес и Њујорк, на патници кои пристигнуваат од централна Кина.

Светската здравствена организација испрати директиви до болниците во светот, но не препорачува забрана за патување или трговија.