Измамници фалсификувале документи за да наследуваат имот од покојници во Бугарија

Илустрација: Поглед на Софија

Во Бугарија била откриена група измамници кои со помош на лажни венчаници доаѓале до недвижности и друг имот од починати луѓе.

Полицијата уапсила шест лица кои за пет години дошле до 15 недвижнини во вредност од 500 илјади евра.

Меѓу уапсените има еден полицаец, кој ги наоѓал податоците, и еден градски функционер во Софија. Улогата на полицаецот била да најде стари или неодамна починати лица со вредни недвижности и пари, а градскиот функционер од регистарот ги бришел потенцијалните наследници и издавал фалсификувани венчаници, наведува обвинителството за организиран криминал.

Една од измислените венчаници наводно била издадена во Русија.

Престапниците внимавале жртвите да немаат блиски роднини.

Групата била откриена откако еден од нив, маскиран во жена, во средата се обидел да подигне 600 илјади лева, или околу 300 илјади евра, од една банка во Софија за да купи стан во кеш.