За педесетина километри со воз од Скопје до Велес се потребни два часа, маратонците за толку време ќе стигнат со трчање. Ако човек оди пешки, во Велес ќе стигне за десетина часа, но до тогаш возот може да биде веќе во „далечната“ Битола, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.
Јавното претпријатие Македонски железници Инфраструктура ја ограничи брзината на возовите на делницата Скопје – Велес.
„Максималната брзина на пругата Скопје - Велес меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес ќе биде 20 километри на час. Истата важи до нејзино отповикување“, соопштија од Македонски железници Инфраструктура.
Наместо еден час, патувањето сега ќе трае скоро 2 часа.
И Велес далеко е ако одеш пешки. 20 km/h
— 7️⃣ (@osmini_) March 23, 2023
Не е соопштена причина за намалувањето на брзината. Искуството на патниците вели дека во летниот период брзината на одредени делници се намалува поради топлото време и можноста од ширење на шините, но сега ограничувањето почна уште во март.
Повикувајќи се на свои извори, Плусинфо објавија дека раководството на Македонски железници - Инфраструктура склучило договор со Железници од Бугарија и оттаму изнајмило „мерна кола“, односно машина со која се утврдува состојбата на железничката пруга во Македонија. Резултатите биле застрашувачки.
„Мерната кола покажа дека е пругата на потегот Скопје-Велес е катастрофална. Целата е пропадната и уништена. По неа е опасно да се движат возови со брзина над 20 километри на час“, брифирале нивните извори.
Патниците веќе постираат видеа од „брзиот“ воз на социјалните мрежи.
Граѓаните се шегуваат дека брза кучка, слепи кучиња раѓа. Со оваа брзина човек не мора да се секира за промаја. Башка може да го стигне возот ако му избега.
Потрчаш, одмореш во возот па па потрчаш и така до целта. А не по теретани, мириса на испотено.
— Einstein, zweistein, dreistein... (@Weirdstein) March 22, 2023
Можете да слезете од возот, да наберете печурки или шумски плодови и повторно да се качите во истиот.
Статистиката покажува дека бројот на патници во железничкиот сообраќај за 20 години се намалил за три пати. Веројатно им е побрзо со велосипед.
Пешки да си тргнат најубаво.БРЗИНАТА НА ВОЗОВИТЕ СКОПЈЕ - ВЕЛЕС ОГРАНИЧЕНА НА МАКСИМАЛНИ 20 КМ НА ЧАС, ПАТНИЦИТЕ НЕ ЗНААТ КОГА ЌЕ СТАСААТ https://t.co/DEkFUK9F8k
— Шод_ае а.к.а. Љубомир 🏳️🌈 (@Shod_ae) March 23, 2023
Маратонец ќе истрча побрзо од возот Скопје - Велес.
— Frank Drebin (@thezafirovski) March 22, 2023
Далеку е Велес ако тргнеш со воз... pic.twitter.com/mXLSt9Umw7
— Јоже Браварот (@kumrovecot) March 22, 2023
Возот Скопје Велеа нема да оди побрзо од 20 км/х? Пошо верувам коњите во турско оделе побрзо, мислам ок е Македонски железници да ги трансформираме во Македонски штали. Ем економично - превозот оди на биогориво, ем полесно за одржување
— Alekso Erbap (@aleksovojvod) March 23, 2023
Во ноември минатата година, возот од Скопје до Битола, на релација од 175 километри, патуваше 10 часа поради расипана локомотива која ја блокирала пругата кај Богомила. Пет часа се чекало да ја тргнат локомотивата. За споредба, од Пекинг до Шангај пругата е долга 1.300 километри, а патувањето со воз трае четири и пол часа. Да помисли човек дека Македонија е голема колку Русија.
Железницата Солун-Велес започната да се гради 1871, на 09.04 1873 пристигнува првиот воз во Велес. Време на градба 2 години! Без механика, без тендери, без консултанти, без физибилити студии... 149 години, 347 дена подоцна... pic.twitter.com/FViE6xSpgY
— Goranz (@gorangelaz) March 22, 2023
Да испратиш дете на екскурзија, ќе се врати полнолетно, се шегуваат на социјалните мрежи.
Други, пак, потсетуваат дека ограничувањето не е на целата пруга, туку само на една помала делница.
Од Рајко до Велес е ограничувањето, една станица пред Велес, секако бавно вози по тој дел од пругата
— 𝓁𝓃(𝒶) (@EllenaDsk) March 22, 2023
Трети се шегуваат дека единствениот воз кој функционира во Македонија е само бугарскиот, кој вози само за избори.
Македонски железници е еден од најголемите загубари во државата. Долгот на фирмата се трупа со години и според податоците на Министерството за финансии, Македонски железници – Транспорт заклучно до крајот на 2022 година должи над 68 милиони евра. Македонски железници – Инфраструктура, пак, должи скоро 32 милиони евра.
Партиите скоро во секоја предизборна кампања ветуваат инвестиции во македонската железница. Но, сето тоа останува само напишано во нивните партиски програми. Се менуваат само директорите.