Заразени, плати, санкции, Велигден...

ГРЦИЈА - Велигден во Грција оваа година ќе се слави зад затворени врати, бидејќи им е дозволено само на свештениците да бидат во црквите, а не и на верниците со цел да се спречи ширењето на пандемијата на коронавирус.

КИНА - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека статистиката што ја објавува Кина за состојбата со коронавирусот во таа држава е прикажана полесна отколку што е навистина, додека неговиот советник за национална безбедност рече дека Вашингтон нема начин да знае дали бројките на Пекинг се точни, пренесе Ројтерс.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во изминатите 24 часа регистрирани се 30 нови случаи на коронавирус во земјата. Новозаразени по градови: Скопје 12, Куманово 8, Прилеп 9 и Крива Паланка 1. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12 часот изнесува 384 лица.
 

МАКЕДОНИЈА - Сметавме дека ова место е најдобро за да биде сместена мобилната болница затоа што е во близина на Инфективната клиника. Искрено се надеваме дека нема да има потреба да ја користиме болницата, изјави министерот за здравство Венко Филипче при денешната мобилна болница за прием за заразени од коронавирусот во Скопје, која ќе биде пуштена во употреба следната недела.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин го продолжи неработниот период во земјата до 30 април со цел да се спречи ширењето на коронавирусот. Во телевизиско обраќање до нацијата тој порача дека граѓаните ќе продолжат да ги добиваат своите месечни примања, но не објасни како ќе им бидат исплатени и кој ќе ги исплаќа.

СРБИЈА - Српската новинарка Ана Лалиќ која беше приведена поради нејзиниот критички текст за справувањето со кроонавирусот во земјата денеска е ослободена, откако била сослушана од полицијата. Лалиќ беше вчера приведена во нејзиниот дом по неколку часа откако беше објавен текстот во кој таа пишува дека медицинскиот персонал во Нови Сад има недостиг од заштитна опрема.

ИРАН - Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф изјави денеска дека неговата земја дејствува во самоодбрана. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно на Твитер го предупреди Иран дека ќе плати висока цена за нападите врз силите на САД во земјата.

ГРЦИЈА - Бегалскиот камп Рицона во близина на грчкиот остров Евиа од денеска е во 14-дневен карантин, откако беше потврдено дека 20 лица се заразени со Ковид-19, по проверката на контактите на родилката позитивна на коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.