27 години Македонија во Обединетите нации

Македонија денеска одбележува 27 години од приемот во ОН. На 8 април 1993 година, со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, земјата стана 181 полноправна членка на светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифати тогашното уставно име Република Македонија, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија.

По долгогодишниот спор за името, со посредство на ОН, беше постигнат Преспанскиот договор што резултираше со промена на уставното име во Република Северна Македонија, со што се отвори патот на земјата кон НАТО и ЕУ.

„Сите успеси што сме ги постигнале откако станавме членка на ОН беа благодарение на нашата посветена работа, на заедничкиот труд и обединетоста на народот. Да останеме обединети, силни и посветени и во овие тешки моменти“, напиша премиерот Оливер Спасовски на својот фејсбук профил по повод одбележувањето на 27-годишнината од приемот на земјава во ОН.