Вулин: Ова е обид за државен удар

Архивска фотографија - Минстерот за одбрана Александар Вулин со армиски офицери во Шид, Србија.

Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, коментирајќи ги синоќешните протести на улиците во Белград, изјави дека има обид за државен удар, насилно преземање на власта и обид за предизвикување граѓанска војна во Србија.

Во изјава за ТВ Пинк тој нагласи дека нема причина да се запали Градската куќа во Нови Сад, да се напаѓа полицијата, да се тепаат луѓе на улиците и да се загрозат животите и имотот на граѓаните на Србија, јави МИА од Белград.

Српските медиуми јавија за физички напад врз дел од опозициските лидери, меѓу кои и актерот Сергеј Трифуновиќ.

Најмалку 19 полицајци и 17 демонстранти се повредени во синоќешните протести во Белград против намерата да се воведе полициски час како мерка за борба со коронавирусот. Ден претходно, во Белград демонстрантите се судрија со полицијата при обид за влез во српското Собрание.