Втора жртва на Ковид-19 во Македонија

Клиника за инфективни болести - Скопје

Ноќеска на Клиниката за инфективни болести во Скопје почина пациент заболен од коронавирус. Се работи за маж на 63-годишна возраст од Дебар, кај кого дошло до нагло влошување на состојбата, соопшти Министерството за здравство. Ова е втора жртва на Ковид-19 во Македонија.

Според соопштението на МЗ, пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на 17 март, без зголемена температура, но со наод на белите дробови и бил зависен од кислород. Во текот на ноќта нагло се влошила неговата состојба, веднаш бил интубиран, ставен на респираторна машина, но по неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал. Пациентот немал позната историја на коморбидитет.

Првата жртва од Ковид-19 во Македонија беше регистрирана вчера. Таа е 57-годишна кумановка, која, според министерот за здравство Венко Филипче, била тестирана два пати за коронавирусот, а тестот бил негативен. Посмртно тестот бил позитивен, рече Филипче, додавајќи дека ниту еден тест не е сто отсто сензитивен.