Втор по ред Преспа форум за дијалог во услови на закочени евроинтеграции

Претседателот Стево Пендаровски на првиот Преспа форум за дијалог.

Во Охрид денеска и утре се одржува вториот по ред Преспа форум за дијалог. На него учествуваат видни имиња од меѓународната заедница и од соседните земји. И овој пат како и лани форумот се одржува во услови на статс кво ситуација за Макеоднија на патот кон членство во ЕУ.

Градење на иднината на Западен Балкан во современата европска безбедносна архитектура е темата на овогодинешниот Преспа форум за дијалог кој по втор пат се одржува во Охрид. Домаќин на отворањето е претседателот Стево Пендаровски кој оваа година е покровител на настанот кој трае до 18 јуни и на него учествуваат истакнати меѓународни политички чинители како претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, американскиот специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, потсекретарката на Обединетите Нации за политички прашања Розмари ди Карло како и актуелната генерална секретарка на ОБСЕ Хелга Шмит.

Видете и ова: Европската политичка заедница не е замена за проширувањето

На конференцијата присуствуваат и претседателите од регионот, како што се Борут Пахор од Словенија, Вјоса Османи од Косово, Мило Ѓукановиќ од Црна Гора, како и премиерите на Србија, Косово и Црна Гора и други значајни личности.

Во основата на Преспа форумот за дијалог, како што соопшти Владата, лани кога за прв пат се одржа меѓународната конфренција, се наоѓаат три столба- Охридскиот рамковен договор, Договорот за пријателството со Бугарија и Договорот од Преспа.

Со Преспанскиот договор кој беше потпишан во јуни 2018 година се реши спорот за името меѓу Македонија и Грција кој го блокираше евроатланскиот интегративен процес на земјава. По неговото потпишување Македонија стана 30 членка на НАТО, но не доби датум за отпочнување на преговори со ЕУ. Неколку години подоцна договорот се уште предизвикува спротиставени мислења за тоа дали ја исполни целта и дали вредеше промената на името на државата во Северна Македонија. И во двете земји дебатата е дали договорот е предавнички или е национален успех и историски исчекор.

Преспанскиот договор ја исполни својата првична цел со влезот на Македонија во НАТО, што се покажа од особена важност со оглед на украинска криза, вели претседателот на Советот на амбасадори, Мухамед Халили.

„Тие што велат дека не ги исполнил очекувањата или дека бил против националните интереси на земјата го прават тоа од нивен политички интерес и се разбира секоја опозиција во било која земја се стреми кон симнување на постоечката власт и доаѓа на власт. Меѓутоа овој проблем не требаше да се гледа во таа призма затоа што се работи за обезбедување на сигурност и безбедност на државата“, вели Халили.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Наумовски – Проширување на ЕУ за конечна стабилизација на Западниот Балкан

Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа посочи дека целата приказна со Преспанскиот договор се потпирала на членството во ЕУ и во НАТО. Но, како што посочува, приказната за европска Македонија сега е доведена во прашање и Владата во изминатите години непотребно ги кревала сите очекувања дека веднаш штом се заврши Преспанскиот договор, Македонија ќе ги започне преговорите.

„Сега, неколку години подоцна ние гледаме дека сите тие очекувања биле нереални, што дополнително го зајакнува чувството на фрустрација кај македонските граѓани, разочараноста од севкупниот процес и доколку не е јасна оваа европска перспектива, сметам дека ќе се зајакнат сите оние тези дека Преспанскиот договор можеби треба да претрпи одредена адаптација“, вели Наумовски.

Видете и ова: Ќе „профитира“ ли Македонија од превирањата во бугарската влада

Договорот за добрососедство со Бугарија се потпиша во август 2017 година. Но, источниот сосед сега тврди дека Северна Македонија не го спроведува. Тоа е и една од причините на Бугарија да стави вето на отпочнувањето на преговори на Северна Македонија со ЕУ. Другите барања на Бугарија се вклучување на Бугарите во македонскиот Устав и почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот Парламент.

Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Земјава во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2012 година воспоставен беше Пристапниот дијалог на високо ниво, а во јуни 2018 година Советот на ЕУ заклучи дека ЕУ ја остава отворена вратата за отпочнување преговори во втората половина на следната година, условено со напредок во реформите.

Во јуни 2019 година, во заклучоците на Советот на ЕУ беше наведено дека Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија за следната година во март да донесе одлука дека земјава треба најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ. Две години подоцна, се уште нема формален почеток на пристапни преговори поради блокадата на Софија.

Првата меѓународна конференција на Преспа форумот за дијалог кој е организиран од страна на Министерството за надворешни работи се одржа лани на почетокот на јули. Тогаш учесниците на форумот изразија разочарување што Македонија не ги отпочна преговорите со ЕУ.