За да работиш како плочкар во Германија ти треба бугарски пасош. За дилер, условите не се толку строги, може и со македонски, коментираат граѓаните на социјалните мрежи по обелоденувањето на пасошката афера.
Балканските криминалци си ваделе македонски пасоши со други имиња и со нив си терале бизниси по светот. Пасошите не се фалсификувани, туку оригинални. Криминалците си доаѓале, уплатница, таксена марка, се сликале и си добивале оригинален македонски пасош под друго име, со кој после си терале други бизниси.
Албум со официјални пасоши “МВРини“ pic.twitter.com/C4wXunHe4K
— MITE NAJDOFF (@Kalabalak_) April 7, 2021
Македонските граѓани за добивање бугарски пасош треба да докажат бугарско потекло, криминалците за македонски пасош, пак, треба да приложат 20 илјади евра.
И на едните и на другите, пасошите им се за да може да „работат“ во странство.
Додека наш народ се тепа за бугарски пасоши, не сме сфатиле дека и нашите биле на цена... кај одредени кругови.
— Saso (@saso_arsov) April 6, 2021
Други се шегуваат дека пасошите сега може ќе почнат да ги продаваат и охридски бабички на автобуската станица.
Групата е разбиена, инаку веројатно и јужноамериканските нарко-босови ќе доаѓаа да сликаат за пасош во Драчево.
Министерството за внатрешни работи завчера соопшти дека поднело кривични пријави против 11 лица за издавање ваквите пасоши. Десетмина од нив се полициски службеници, а посредникот, кој е во бегство, не е вработен во МВР. Издадени биле вакви пасоши на 215 лица, од кои 214 странски државјани.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ обвини дека МВР им издавало пасоши на балкански криминалци.
Власта обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ ја саботирало операцијата која се изведува со поддршка на Интерпол и американските власти. Опозицијата, пак, тврди дека да не ја обелоденеле аферата, којзнае уште колку пасоши ќе биле издадени.
Други, пак, се сомневаат дека ваква операција можеле да изведат обични полициски службеници кои сликаат за пасоши и сметаат дека зад нив морало да стои и некој „поголем“.
Две децении не можеме да направиме попис да видиме колку сме, ама затоа ги попишавме сите балкански криминалци, коментираат други.
Според информациите што ги објави опозицијата, македонски пасош добил наводниот водач на Шкаљарскиот криминален клан од Црна Гора Јован Вукотиќ, на име Ѓорѓи Андонов. Тој пред судот во Белград во 2018 година рече дека пасошот не му е фалсификуван туку дека му е добиен на регуларен начин „таму каде што се издаваат пасошите“. Според српските власти, пасошот бил користен на аеродромите во Барселона, Варшава, Анталија, Истанбул и во Украина. Пасош под име Џадин Амедовски добил и турскиот криминален бос Седат Пекер, како и водачот на нарко-клан од Албанија Флорјан Мусај, чиј македонски пасош гласел на име Наум Фило.