Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека САД сакаат да извршат притисок врз Киев и Москва да ја завршат војната пред почетокот на летото, додека Русија ги продолжи нападите врз енергетската инфраструктура на Украина со нов напад со ракети и беспилотни летала во текот на ноќта помеѓу 6 и 7 февруари.
Во соопштение објавено од неговиот кабинет во саботата, Зеленски вели дека Вашингтон предложил нова рунда разговори меѓу Украина и Русија што ќе се одржи во Мајами за една недела, додавајќи дека Киев се согласил да учествува.
Москва и Вашингтон засега немаат коментар за разговорите закажани за Мајами.
„Американците предлагаат страните да ја завршат војната пред почетокот на ова лето и веројатно ќе извршат притисок врз страните да се придржуваат до овој распоред“, рече Зеленски.
„Изборите (за Конгресот на САД) дефинитивно се поважни за нив. Да не бидеме наивни. И тие велат дека сакаат да завршат сè до јуни“, додава украинскиот претседател.
Видете и ова: Русија ги продолжува нападите врз енергетскиот систем на УкраинаВо меѓувреме, во текот на ноќта руски ракети и беспилотни летала ги погодија украинските електрани и енергетската мрежа што предизвика повремени прекини во снабдувањето со електрична енергија и ја оптовари мрежата којашто е мета на напади со недели наназад, соопштија украинските власти.
Министерот за енергетика Денис Шмихал изјави дека владата вовела итни прекини во снабдувањето со електрична енергија откако нападите ги погодија постројките за производство и дистрибуција на електрична енергија низ целата земја.
Исто така, Киев побара итна помош од Полска откако Русија ги нападна електраните Бурштинска и Добротвирска во западна Украина.
„Руски криминалци извршија уште еден масовен напад врз енергетските објекти на Украина. Нападот продолжува. Вработените во енергетскиот сектор се подготвени да започнат со поправки штом безбедносната ситуација го дозволи тоа“, рече Шмихал во објава на мрежата Телеграм.
Напади врз енергетската инфраструктура
Украинските нуклеарни централи го намалија производството по нападите во текот на изминатата ноќ коишто погодија трафостаници и прекинаа некои далноводи, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на мрежата Икс.
Според украинските воздухопловни сили, во последниот руски напад биле користени ракети и беспилотни летала кои биле насочени кон клучни населени центри низ централна и западна Украина.
Министерството за надворешни работи на Украина во соопштение наведе дека нападите врз енергетскиот сектор се дел од поширока кампања на Москва за лишување на цивилите од греење за време на ниските зимски температури.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Борба за автопатот во Украина, клучен за снабдување, изложен на напади од руски дронови
Русија со недели извршува напади врз електроенергетската мрежа на Украина, оставајќи делови од земјата, особено главниот град Киев, без електрична енергија, греење, а во некои случаи и без вода во ситуација кога температурите паѓаат и под минус 20 Целзиусови степени.
Од континуираните руски напади врз енергетската инфраструктура особено е погоден главниот украински град Киев. Повеќе од 1.110 станбени блокови останаа без греење по нападите само минатата недела.
Руските напади продолжија и покрај обновената дипломатска активност. Киев и Москва одржаа дводневни разговори со посредство на САД во Абу Даби оваа недела, но беше постигнат мал напредок, иако се согласија за голема размена на затвореници.
Зеленски во саботата изјави дека воените тимови разговарале за техничките аспекти за следење на потенцијалното примирје, како и за безбедносните гаранции за Украина и повоените договори за економска соработка, кои официјалните лица ги нарекуваат „план за просперитет“.
Тој исто така рече дека украинските разузнавачки служби известиле за разговори во кои рускиот специјален претставник Кирил Дмитриев предложил договори за соработка меѓу Русија и САД во вредност од 12 трилиони долари, порачувајќи дека таквите договори не можe да го прекршат Уставот на Украина.
Видете и ова: Русија и САД се согласија за обновување на нуклеарните разговориПретседателот на САД, Доналд Трамп, пред новинарите во петокот изјави дека тековните разговори би можеле да доведат до напредок.
„Многу, многу добри разговори денес, за Русија и Украина. Нешто би можело да се случи“, рече Трамп.
Кремљ соопшти дека третата рунда мировни разговори ќе се одржи „наскоро“, иако датумот сè уште не е објавен.
Во меѓувреме, Зеленски повика на побрза акција за зајакнување на воздушната одбрана и санирање на штетите, велејќи дека ќе се направат промени во персоналот во областите каде што воздушната одбрана не функционира ефикасно.
„Малата компонента на воздушната одбрана, особено борбата против беспилотните летала, треба да работи поефикасно и да ги спречи постојните проблеми“, рече Зеленски во видеообраќање во петокот вечерта.