Предлог-законот за заштита од пушење во вторник, 24 март ќе биде на седница на Влада, а потоа ќе биде процесиран во Собрание, најави министерот за здравство, Азир Алиу.
„Сметам дека за еден, максимум еден и пол месец, законот ќе биде процесиран. Немаме ниедна отворена точка што не е завршена. Имавме неколку состаноци со сите заинтересирани страни, ги анализиравме сите забелешки и од научна гледна точка и од економски, инфраструктурен, социјален и здравствен аспект и со задоволство може да кажам дека сите отворени прашања се затворени“, истакна Алиу на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека нема прашање што не е третирано, а е поврзано со законот.
„Ценам дека многу бргу нашата земја ќе биде препознаена и во Европа и во светот. Се надевам дека за две-три години ќе имаме прес-конференција за намалување на бројот на пушачи во државата од над 45 проценти, да се надеваме таргетот да се стави под 20 проценти“, рече Алиу одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата, на која беа презентирани податоци од глобалниот извештај за 2025 година на Меѓуагенциската група на ОН за процена на смртноста кај децата.
Видете и ова: Истражување: Над 13 отсто од тинејџерите во државата користат тутунски производМинистерот појасни дека направиле научна анализа како може и кои се минималните и максималните услови за да може просторот да се третира како простор за пушење или простор во кој не се дозволува пушење.
„Дојдовме до заклучок и од научната фела и од експертите во здравството дека со две отворени страни просторот, терасите, може да бидат места каде што може да се пуши. Само во Скопје има над седум илјади угостители што имаат тераси. Во Скопје голем број угостителски објекти се со таква инфраструктура што невозможно е да имаат три отворени страни. Затоа ставивме во законот да може и покривот да биде отворен, бидејќи се докажа дека со третирање и на покривот како една од страните што може да биде отворена воздухот се чисти за неколку секунди“, објасни Алиу.
Видете и ова: Ќе се одложи ли примената на Законот за заштита од пушење -профитот наспроти здравјетоЕден од најголемите инфраструктурни зафати што треба да ги имаат сите угостители според законот е што ќе мора да направат влез во самиот угостителски објект кој е одвоен од просторот во кој се пуши. Алиу истакна дека идејата е да се заштитат граѓаните што не пушат, а да се одреди место каде што може да се пуши.
Околу четири илјади животи годишно згаснуваат во Северна Македонија како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Бројот на активни пушачи во земјава е 40,4 отсто.
Во однос на достапноста на тутунските производи, истражувањето покажува дека 73,2 отсто од младите пушачи не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст.