Владата на Северна Македонија ги оквалификува како неточни написите во некои британски медиуми објавени на 5 декември дека води преговори со Велика Британија за прифаќање на мигранти кои се одбиени за азил.
Портпаролката Марија Митева во изјава за медиумот СДК.МК вели дека ваквите написи се за „внатрешно-политичка употреба“.
„Единствената вистина е таа што ја кажа и амбасадорот на Британија во Македонија Метју Лосон во јавна изјава во мај, кога категотично ги отфрли тврдењата дека Македонија ќе прифаќа мигранти“ изјави портпаролката Митева.
Ставот на Владата доаѓа по вчерашните објави во медиумите „Дејли мејл“, „Тајмс“ и „Сан“ дека Велика Британија можеби ќе ги депортира одбиените баратели на азил во Северна Македонија, во обид да ја намали нелегалната миграција. Според објавите во овие медиуми, двете држави од есенва водат формални преговори за реализација на овој план.
Медиумите од островот пишуваат дека Велика Британија би ѝ плаќала на Северна Македонија за секој мигрант што ќе го преземе, а дополнително би обезбедила и инвестиции во земјава и помош во борбата против руско влијание.
Во написите стои дека мигрантите што би пристигнале на македонско тло, би имале право да бараат азил во земјава или да побараат работни визи за секторите каде што има недостиг на работна сила. Мигрантите не би биле задржувани со сила и би можеле да си заминат од земјава кога сакаат.
Според „Дејли мејл“, Борис Џонсон, тогашен поранешен премиер, работел на план за соработка со Руанда за мигрантски центри, додека Кир Стармер, сегашен лидер на владата, првично ветил да ги откаже тие иницијативи, но сега се подготвува да спроведе сличен модел. Натписот истакнува дека преговори за вакви центри се воделе и со Косово.
Од друга страна, „Сан“ навестува дека Босна и Херцеговина ја одбила идејата, сметајќи го прифаќањето на нелегални мигранти од други држави за штетно по нејзините национални интереси.
„Дејли мејл“ објаснува дека Велика Британија бара партнерски земји за депортација на мигранти од несигурни држави, како Авганистан, каде враќањето не е возможно. Таблоидот нагласува дека актуелните прописи им дозволуваат на државјаните од тие земји да останат во Британија по преминување на Ла Манш, бидејќи не можат да бидат вратени дома, што ја поттикнува нелегалната миграција.
Видете и ова: Бројот на мигранти во Велика Британија достигна нов рекордПортпарол на Даунинг Стрит одбил да коментира за весникот околу плановите за „центри за враќање на мигранти“.
По објавите во британските медиуми, се огласи и Британската амбасада во Скопје преку својот официјален профил на мрежата Икс, велејќи дека двете држави соработуваат во борбата против, како што пишува, нерегуларната миграција.
Во постот на Британската амбасада, не се спомнуваат текстовите во медиумите и наводите дека Северна Македонија ќе презема мигранти од Велика Британија кои ќе бидат одбиени за азил.
Во објавата се наведува дека по средбата меѓу премиерите Стармер и Мицкоски во мај, двете држави воспоставиле Стратешко партнерство фокусирано на долгорочна политичка, економска и безбедносна рамка дизајнирана да ја продлабочи соработката и да ја зајакне стабилноста и просперитетот во двете земји.
„Двете земји соработуваат преку Заедничката работна група за миграција за борба против нерегуларната миграција и организираниот имиграциски криминал, зајакнување на безбедноста и справување со криминалните мрежи. Силно стоиме покрај нашиот 🇲🇰 сојузник во НАТО за унапредување на просперитетот, безбедноста и економскиот раст“, пишува во објавата на Х.
Партиски препукувања за мигрантите
За неколку месеци, ова е втор пат како се реактуелизира темата со преземањето на мигранти од Велика Британија во Северна Македонија, која ја искористија двете најголеми партии во македонскиот блок - владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ за меѓусебни обвинувања.
Социјалдемократите велат најостро се спротивставуваат на тајни договори и бараат премиерот веднаш да ја објави целата содржина на разговорите со Велика Британија и да одговори јавно дали за неколку милиони евра подготвува да ја претвори Северна Македонија во најголемиот мигрантски центар на Балканот.
„Истата таа ВМРО–ДПМНЕ која собираше потписи и организираше протести против „измислени мигрантски кампови“ сега ја спроведува вистинската шема за нивно отворање. Ова ли е патриотизмот, Мицкоски? Од денес ти си предавникот на македонскиот народ, трговец кој ги продава граѓаните и безбедноста затоа што му требаат пари. Зад завесите се случува најголемата политичка перверзија и предавство во историјата на државата“, се вели во партиското соопштение од Социјалдемократите.
Реагираше и владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека „Северна Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови“.
„Ова е уште една лага од “фабриката” на истата партија која пред само неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола. Денес, тие истите глумат загрижени патриоти“, напишаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Видете и ова: Милијарди прашања за милијардите од ЛондонВо мај годинава, премиерот Христијан Мицкоски ги негираше информациите за изградба на кампови за мигранти во Македонија како дел од Договорот за стратешко партнерство со Велика Британија.
На заедничката прес-конференција за претставување на договорот, и Лосон ги демантираше ваквите тврдења за мигрантски кампови, нагласувајќи дека партнерството фокусира инвестиции, економски раст, заедничка работа за меѓусебна корист и зајакнување на трговските врски.