Извештајот на Јеил ги поврзува руските енергетски гиганти со депортација и индоктринација на украински деца

Колаж: Индоктринација и милитаризација на украински деца во окупираните териториии

Нов извештај од Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Јејлската школа за јавно здравје тврди дека руските државни енергетски гиганти „Газпром“ и „Роснефт“ биле директно вклучени во трансферот и политичката индоктринација на илјадници украински деца, изјавија говорниците за време на прес-конференцијата на 25 март на која беше објавен извештајот.

Извештајот, „Доброволни соучесници: Улогата на „Газпром“ и „Роснефт“ во транспортот и индоктринацијата на децата од Украина“, заклучува „со голема сигурност“ дека компаниите и нивните подружници го олесниле транспортот и/или превоспитувањето на најмалку 2.158 деца од руски окупираните области на Украина помеѓу 2022 и 2025 година.

Идентификува шест кампови во Русија и териториите окупирани од Русија каде што биле однесени деца, вклучувајќи објекти во сопственост на подружници на „Газпром“, и вели дека напорите се дел од поширока, систематска кампања.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Сега си Русинка“: Украинско семејство се сеќава на депортацијата во Москва

„Газпром и Роснефт се критични компоненти на индустриската кампања на претседателот [Владимир] Путин за депортација на деца и индоктринација преку транспорт“, рече Натаниел Рејмонд, извршен директор на истражувачкиот дел.

Во извештајот се вели дека децата од украинските региони Донецк, Луганск и Запорожје биле транспортирани во кампови каде што биле изложени на проруски пораки и, во некои случаи, на милитаризирани активности опишани како „патриотско образование“.

„Знаеме дека децата од Украина биле однесени во најмалку шест кампови... или спонзорирани од Газпром и Роснефт... или... директно во сопственост на подружниците на Газпром“, рече водечкиот истражувач Пејџ Фаренкопф.

Таа рече дека истражувањето потврдило дека „најмалку 2.158 деца... биле однесени во овие кампови“, додавајќи дека трансферите продолжиле „дури до летото 2025 година“.

Корпоративна мрежа, ограничени санкции

Според извештајот, подружниците на Газпром помогнале во организирањето на транспортот, издавале ваучери за кампови и олеснувале активности дефинирани како „превоспитување“, што вклучува промовирање на проруски наративи и минимизирање на украинскиот идентитет.

Извештајот, исто така, го истакнува обемот на вклученост на корпорациите, идентификувајќи 44 субјекти поврзани со напорите, вклучувајќи подружници и синдикати поврзани со компаниите. Се вели дека 80 проценти од нив моментално не се под санкции од САД или Европа.

„Од 44-те субјекти што ги идентификува нашиот извештај, 80 проценти не се санкционирани“, рече Фаренкопф.

Придружна анализа од Универзитетот Стенфорд предупредува дека неодамнешното ослободување од санкциите на САД би можело да им овозможи на компаниите да продолжат да генерираат приходи.

Видете и ова: Како се извезува руска нафта во ЕУ и покрај санкциите?


„Ова е важно, бидејќи американската надворешна политика директно става долари во џебовите на две руски компании вмешани во присилниот трансфер и превоспитување на украински деца“, вели истражувачката Рут Гибсон.

Во извештајот на Јеил се забележува дека лиценцата на Министерството за финансии на САД од март привремено дозволила одредени испораки на руска нафта да продолжат, што потенцијално им користело на Гаспром и Роснефт и покрај постојните санкции.

На прашањето од РСЕ за методологијата, Фаренкопф рече дека наодите се базираат целосно на јавно достапни информации.

„Нашата методологија всушност целосно се потпирала на информации од отворен извор“, рече таа, додавајќи дека подружниците на компаниите „директно тврделе дека биле вклучени во олеснувањето на транспортот и превоспитувањето на украинските деца“.

Рејмонд рече дека наодите веќе се споделени со американските претставници.

„Го доставивме извештајот до двата дома на Конгресот и до администрацијата на Трамп“, рече тој, додавајќи дека Стејт департментот бил информиран за првичните наоди.

Поширок контекст на воени злосторства

Во извештајот се тврди дека вклученоста на големите корпорации поврзани со државата и нивните подружници покажува координиран напор надвор од владините агенции.

„Она што го покажува овој извештај е дека оваа кампања е целосен владин пристап што вклучува руски приватни компании“, рече Рејмонд.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Организиран криминал“ - Украински деца однесени во Белорусија


Наодите се темелат на претходните истраги за депортацијата на украински деца, што го наведе Меѓународниот кривичен суд да издаде налози за апсење на Путин и Марија Лвова-Белова, рускиот комесар за правата на децата.

Истражувачите на Јеил велат дека новиот извештај е првиот што дава детални докази што ги поврзуваат големите руски корпорации и нивните подружници со таа кампања.