Без договор помина средбата САД-Украина, нови разговори во Давос

Луѓе на замрзнатите улици на Киев за време на руските воздушни напади на 16 јануари.

Украинските претставници во неделата ја завршија последната рунда разговори со претставниците на САД без да објават постигнување договор, но Киев соопшти дека дискусиите за планот за прекин на војната на Русија против Украина ќе продолжат на претстојниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија.

„Работиме со нашите американски партнери за понатамошно унапредување на мировниот процес“, објави главниот преговарач на Украина, Рустем Умеров, на социјалните мрежи во неделата по дводневните разговори во Флорида.

„Ќе продолжиме да работиме на постигнување праведен и одржлив мир, како и за безбедносни гаранции за Украина и договор за следните чекори“, додаде тој.

Умеров го повтори едно од клучните барања на Киев за мировен предлог – безбедносни гаранции, особено од САД, но и од Европа.

„На Украина ѝ е потребен мир што гарантира безбедност и суверенитет“, наведе тој.

Видете и ова: Новите санкции на ЕУ врз руската нафта ги погодија индиските и турските рафинерии - корист за Кина?

„Суштински“ разговори

Умеров рече дека разговорите – во кои учествувале специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер – биле „суштински“, додавајќи оти учесниците разговарале и за „план за економски развој и просперитет“.

„Се согласивме да продолжиме да работиме на тимско ниво за време на следната фаза од консултациите во Давос“, напиша Умеров, осврнувајќи се на престижниот економски собир што ќе се одржува од 19 до 23 јануари во швајцарското одморалиште.

Трамп се обидува да постигне мировен договор меѓу Русија и Украина, кои ја водат најголемата војна во Европа од Втората светска војна, откако Кремљ ја започна инвазијата во февруари 2022 година.

Во ноември 2025 година, американскиот претседател изврши притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да прифати мировен предлог од 28 точки што многумина го сметаа за фаворизирачки за Русија.

Украина и нејзините европски сојузници – предводени од Велика Британија, Франција и Германија – кои се обидуваа да развијат контра-предлог, излегоа со план од 20 точки што повеќе ги отсликува интересите на Киев, особено во однос на безбедносните гаранции и територијалниот интегритет.

Трамп во последните денови тврдеше дека Зеленски, а не рускиот претседател Владимир Путин, го попречува потенцијалниот мировен договор, додека Русија продолжува да извршува ноќни воздушни напади врз украински цивилни и инфраструктурни цели.

Зеленски го отфрли обвинувањето.

„Севкупно, јасно е дека Соединетите Држави сакаат да ја завршат војната утре. И ние сакаме да ја завршиме денес. И тие и ние имаме интерес во тоа. И разбираме дека одложувањето на крајот на војната доаѓа од Русија“, рече тој.

Видете и ова: Ниски температури, напнати нерви: Зимата како оружје во руските напади против Украина

Дипломатија, а не ракетни напади

Во своето видеообраќање доцна навечер во неделата, Зеленски рече дека „ако Русите се сериозни во врска со завршувањето на војната, тие би се фокусирале на дипломатијата – а не на ракетни напади, прекини на електричната енергија, па дури и обиди за оштетување на нашите нуклеарни централи“.

Зеленски посочи дека украинското разузнавање утврдило оти Русија „ги разгледувала“ таквите локации како подготовка за нови воздушни напади.

Главниот град, Киев, продолжува да смрзнува на ниски температури додека Украинците се борат да ги издржат немилосрдните руски напади кои уништија огромни делови од енергетската инфраструктура на земјата.

Повеќе од една недела по особено големиот руски напад на 9 јануари, многу домови во главниот град сè уште се без греење или други комунални услуги.