Вкупно 20 лица се осомничени во истрага поврзана со даночни затајувања и измами, како и перење пари и злоупотреба на службената положба. Меѓу осомничените се бизнисмени – сопственици и управители на фирми и вработени во скопската дирекција на Управата за јавни приходи (УЈП).
Тие се сомничат дека го оштетиле државниот буџет за 4,8 милиони евра (297.733.844 денари), соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Првоосомничен е српски државјанин – сопственик и управител на две фирми. Тој, според обвинителството, во 2024-2025 година избегнал да плати данок во износ од околу 188 илјади евра.
Заедно со двајца службеници од дирекцијата на УЈП во Скопје тој формирал група со која ги вршеле кривични дела и во истата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во фирми во Скопје и Гевгелија, посочи ОЈО ГОКК.
„Останатите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари (507.000 евра)“, соопшти обвинителство.
Дополнително, додаваат оттаму, дел од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање пари во вредност од околу 1,5 милиони евра со цел да го прекријат нивното потекло.
Инаку, двајца од опфатените со оваа истрага се веќе осомничени во предметот поврзано со корупциската афера со злоупотреба на европски пари од ИПАРД 3 програмата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој.
Видете и ова: Статус кво по ИПАРД аферата: Компании сѐ уште чекаат исплатиАкцијата под раководство на ОЈО ГОКК беше спроведена на 15 јануари, а во неа учествувале истражители од обвинителството и припадници на МВР кои извршиле претреси на 16 локации низ државата. Биле одземени фиктивни документи, пари, оружје, лажни печати од фирми.
Пред отворање на истрагата вчера, истражителите и Управата за финансиско разузнавање воделе предистрага откако добиле известување за сомнежите од Агенцијата за национална безбедност.
Двајцата осомничени кои се дел и од истрагата за аферата со ИПАРД 3 веќе се наоѓаат во притвор. За осум од останатите ОЈО ГОКК бара притвор, додека за десетте други предлага поблаги мерки за обезбедување, како и забрана за вршење на работни активности за дел од вработените во УЈП.
Од Основниот кривичен суд Скопје соопштија дека од десет лица за кои се бараат мерки, досега за деветмина се определени одземање на пасоши, обврска за јавување во суд, забрана за комуникација со одредени лица и забрана за работа. За десетиот, како и за осумтемина лица за кои се бара притвор одлуки се очекуваат во текот на денот.