Проблемот во образованието е многу подлабок од тоа дека родители барале петки. За тоа не се одговорни само наставници или само родители, туку целиот систем во кој сè е погрешно - од партиски вработувања во училиштата без разлика кој е на власт, преку бесконечни реформи во образованието до критериумите за упис според кои повисоки оценки во основно значат и поголеми шанси за прием во „елитни“ средни училишта и факултети.
Вака за Радио Слободна Европа(РСЕ) зборуваат родители, наставници и професори, откако министерката за образование Весна Јаневска на 30 ноември рече дека „проблемот со петките во земјата е навистина сериозен“ и од нејзините пет-шест години контакти со наставниците, „тој генерално се лоцира кај родителите“.
Одговарајќи на новинарско прашање за надминување на проблемот со влијанието на родителите во оценувањето на децата, таа рече дека оние кои инсистираат на добивање високи оценки без соодветно знаење „им прават голема штета прво на своите деца, а потоа и на целото општество“.
Видете и ова: Јаневска: Проблемот со „петките“ кај учениците го лоцираме кај родителитеВо јуни годинава, не положија половина од 75 ученици со сите петки кои полагаа приемен испит во скопската гимназија „Георги Димитров“. Приемен испит беше спроведен затоа што за упис се пријавија повеќе ученици од слободни места.
Таков е примерот и од гимназијата „Орце Николов“, пред три години - само 11 ученици од 292 пријавени имаа одличен успех на испитот. Најголем дел од останатите кои биле со сите петки, на приемниот добија тројка.
Бура од реакции: Партиски се вработуваат, партиски се оценуваат
Изјавата на министерката за образование дека проблемот генерално се лоцира кај родителите, предизвика бура од реакции на социјалните мрежи.
„Од пиши петка, купи испит, ќе се снајде, еве цела држава што нè најде!“, Не се родителите тие кои го имаат пенкалото во рака“, „А наставничките со куси фустани и телефони на час, само гледаат чие е детето“, се некои од стотините коментари на Фејсбук-страницата на РСЕ по изјавата на министерката.
Видете и ова: Образовен (распад) системМајка на ученик во осмо одделение сподели дека нејзиниот син добивал тројки на тестовите по германски јазик, како и десетина други деца во одделението.
„На крајот на година, на син ми му остана тројката, а на други деца им беа поправени во петки. Кога ја прашав наставничката зошто, крена раменици и ми рече, што да правам, дете е на колешка“, сподели мајката која побара да остане анонимна стравувајќи од последици.
Јавните основни и средни училишта се под ингеренции на општините. Директори се избираат на јавен оглас, во изборот учествуваат и училишните одбори, но на крај градоначалниците се тие кои потпишуваат. Слична е процедурата и за вработување наставници - има јавен оглас, но изборот го врши директорот на училиштето по предлог на конкурсна комисија.
Видете и ова: Нема заеднички јазик за јазикот во Чашка - политиката ги затвори училницитеРодители и во коментарите велат дека корупција, политички и други влијанија се длабоко навлезени во образованието - вклучително и во оценувањето.
„Тие петките, родителите ги заведуваат во дневник или вашите партиски послушници?“, „А проблемот со дипломите без знаење кај кого е?“„Деца во шесто одделение по партиска линија се делат“, „Системот и тие што го водат се виновни, а не родители, наставници или деца. Тие само се снаоѓаат во тој криво посаден систем“, „Прво, вие и вашите полтрони барате од професорите и просветните работници на вашите деца да им пишуваат повисоки оценки...“, коментираат родители на Фејсбук страницата на РСЕ.
Марија Тасевска, мајка на ученици во трето и шесто одделение во основно училиште во Карпош вели дека образованието е слика на општеството.
„Извинете што родителите се виновни за наставниците кои не знаат да одолеат на подароци и на притисоци. Поради незаслужените петки, децата со заслужени четворки не можат да се запишат во посакувана гимназија, па треба да чекаме да паднат на тестовите за упис во средно за да може да дојдат на ред децата што навистина учат. Во мое време, наставниците знаеја како да нè научат и да нè мотивираат да го сакаме училиштето. А и книги имавме“, изјави Тасевска за РСЕ.
Средното образование е задолжително во Северна Македонија од 2008 година. Претходно задолжително беше само основното образование.
„Заслужува тројка, му ставам четворка, ама сакале петка“
Наставници, пак, сведочат дека секој ден се соочуваат со „влијателни“ родители и со реченицата „ќе видиш кој сум јас“ поради што стравуваат дека може да изгубат работа.
Бесим Лимани кој има повеќе од 20 години искуство како професор по албански јазик во скопската гимназија „Зеф Љуш Марку“ вели дека ургенциите се засилуваат на тромесечие, полугодие и на крај на учебната година.
„Ученикот заслужува тројка, му ставам четворка за мотивација, ама сакале петка“, раскажува Лимани.
Видете и ова: „Бел штрајк“ во Србија: 10.000 наставници ставаат само петкиКога учениците ќе дојдат во средно, се гледа дали тие оценки биле реални.
„Не сме генијалци, не сме сите за петки по секој предмет. Но, товарот на оценките се влече низ целото образование, затоа што успехот влијае и врз запишувањето во средно и врз запишувањето на факултет. Тоа треба да се смени. Се направија некои чекори со реформи во Е-дневникот, но треба да се најдат уште инструменти за колку-толку да се редуцираат притисоците врз наставниците“, изјави Лимани за РСЕ.
Според него, притисоците од родители особено се засилиле откако се укина екстерното тестирање во 2017 година.
Предлогот за укинување беше на тогаш владејачката СДСМ, со образложението дека тестирањето што го воведе владата на ВМРО-ДПМНЕ пет години претходно дало негативни резултати за учениците и за наставниците наместо да го подобри образовниот процес.
Професор Барбареев: Треба да се менува концептот на оценки
Проф.д-р Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип вели дека оценувањето долго време е проблем во образовниот систем. Според него, улога имаат сите - образовните политики, наставниците, родителите, факултетите и најмалку учениците.
„Сите во оваа држава знаат дека дел од родителите понекогаш создаваат притисок, голем притисок. Тоа е така со децении. Но, исто така и критериумите за упис во средно и во високо образование кои ја нагласуваат важноста на просекот, поттикнуваат трка по високи оценки наместо по реално знаење. Дали можеш да се запишеш на медицински науки ако имаш слаби оценки по физичко, музичко и ликовно?! Оттука, во нашиот систем целиот фокус е ставен само на високите оценки. На просекот. Тој концепт треба да се менува. Учениците треба да го видат и да го почувствуваат својот успех. Треба да се работи на формативно оценување, на давањето добра повратна информација“, изјави Барбареев за РСЕ.
Видете и ова: Јавна расправа, но и јавен револт за реформите во гимназиско образованиеНо, тој вели и дека родител кој тука прави притисок за оценки не би се однесувал така во некоја земја на ЕУ, затоа што во многу успешни образовни системи наставниците се заштитени со јасни и строги правила што важат подеднакво за учениците, за родителите и за училиштата.
„Исто така, можеби најважно е соодветно применување на националните стандарди за оценување кои ќе ја минимизираат субјективноста и ќе го прават оценувањето транспарентно“, вели професор Барбареев.
Стратегии и реформи
Од оваа година, Министерството за образование(МОН) воведе промени во Е-дневникот кој веќе не дозволува наставниците да бришаат и да поправаат оценки, како што се случуваше на наставнички совет на крај на учебната година.
МОН претстави и нова Стратегија за образование 2026 - 2032. Документот става акцент на развој на нова програма за предучилишно образование, инклузија во основното и во средното, како и на инфраструктурата каде клучен момент е оптимизацијата на училишната мрежа и воведување едносменска работа. Јаневска информираше дека следува примена на нова концепција за гимназиско и за стручно образование, како и нов модел на државна матура. Од 2026 година треба да почне и примена на нови формули за финансирање на основното и средното образование.
Видете и ова: Македонските ученици повторно разочараа, кој е виновен?Последното ПИСА тестирање на македонските ученици од 2022 година покажа дека Северна Македонија е речиси на дното на листата - на 61 место според резултатите по математика и на 71 место по јазична писменост од вкупно 81 држава.
ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања што ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците за читање со разбирање, математичка писменост и писменост во природните науки.
Резултатите се важни за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики.