Претседателот на САД, Доналд Трамп, во четврток изјави дека го замолил рускиот претседател Владимир Путин една недела да не „пука во Киев и разни градови“ поради студеното време додека руските сили продолжуваат да напаѓаат украински региони.
„Никогаш не виделе толку студено време. И јас лично го замолив претседателот Путин да не пука во Киев и разни градови една недела. И тој се согласи да го стори тоа“, рече Трамп.
„Многу луѓе рекоа: ’Не губете време за повик, нема да го добиете тоа‘. Но, тој го направи тоа“, додаде тој на состанокот во Белата куќа.
Иако Кремљ не го потврди еднонеделното прекинување на нападите врз Киев или други градови, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави изјавата на Трамп, велејќи дека Киев ги цени напорите што помагаат во „заштитата на животите“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украинците се борат со студот во шатори и вагони од возови
Тој додаде дека прашањето било дискутирано за време на трилатералните разговори во Обединетите Арапски Емирати за завршување на четиригодишната војна што се одржаа минатиот викенд, во кои учествуваа и американски преговарачи.
„Ви благодарам, претседателе Трамп! Нашите тимови разговараа за ова во ОАЕ. Очекуваме договорите да бидат спроведени. Чекорите за деескалација придонесуваат за вистински напредок кон завршување на војната“, напиша Зеленски на мрежата Икс.
Температурите низ Украина паднаа на минус 20 степени Целзиусови во јануари, што ја направи зимата неподнослива за милиони Украинци кои страдаат од невидени прекини на електричната енергија и греењето предизвикани од руските воздушни напади кои сериозно ја оштетија инфраструктурата низ целата земја.
Службите за итни случаи на земјата предупредија дека поголем пад на температурите се очекува од 1 февруари и ќе ги погоди речиси сите украински региони, а мало ублажување на студот ќе има на 4 февруари.
Властите во Киев во четврток соопштија дека повеќе од 400 станбени згради се без греење и оти општинските служби работат „деноноќно“ за да го вратат греењето на жителите.
Прекини на електричната енергија беа пријавени и во главните украински региони Днепропетровск, Донецк и Запорожје.
Маалски забави и скара на улица во Киев додека Русија ја напаѓа енергетската мрежа
Во четвртокот, Русија изврши повеќекратни напади при што загинаа најмалку шест лица низ цела Украина, вклучително и во поголемите градови Херсон и Кривуј Рог.
Во украинскиот регион Донецк, кој е разорен од војна, а во голема мера е окупиран од руските сили, работник во гасна компанија беше убиен од беспилотно летало додека бил „на пат да ги обнови испораките на гас“, напиша украинскиот министер за енергетика Денис Шмигал на Телеграм.
Властите во другите украински региони ги предупредија жителите дека руските воени сили би можеле да продолжат да ја напаѓаат инфраструктурата на земјата, и покрај сите разговори за запирање на нападите врз енергетските објекти.
„Нашиот непријател е таков што би можел да го искористи ова и да се обиде да ја нападне критичната инфраструктура на нашите градови“, напиша градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, на Телеграм.
Нова рунда разговори меѓу украинските и руските преговарачи треба да започне во Абу Даби на 1 февруари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Војната дојде во мојот дом“: Станот на дописникот на РСЕ беше погоден во рускиот напад
Во текот на разговорите изминатата недела немаше знаци за забавување на војната на фронтот, ниту пак индикации дека Кремљ се повлекува од своите долгогодишни максималистички барања.
Запрашан за разговорите во четврток, помошникот на Кремљ за надворешна политика, Јуриј Ушаков, рече дека територијалното прашање не е единственото што го попречува потенцијалниот договор за завршување на најголемата војна на европскиот континент од Втората светска војна.