Резиме
- Власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ сака да ја укине техничката влада, а дел од опозицијата се противи. СДСМ смета дека државата со актуелната власт не нема демократски капацитет за таков чекор.
- Аналитичари наведуваат аргументи зошто овој инструмент треба да замине во историјата, но се децидни дека мора да има консензус ако „сакаме политичка стабилност“.
- Пратениците го разгледуваат предлогот техничката влада да има уште само на следните парламентарни избори и потоа да се укине.
Техничката влада е комплексна, се претвора во арена за судири меѓу политичките ривали и го закочува нормалното функционирање на државата за половина година... Но, воведена е со консензус и така би требало и да се укине, се ставовите кои преовладуваат кај дел од аналитичарите додека власта настојува овој инструмент за контрола во предизборието да замине во историјата. Најголемата опозициска партија, СДСМ, пак, е децидна дека државата не е подготвена за тоа.
На крајот на минатата недела, пратеничките групи во Собранието го добиле предлогот од Министерството за јавна администрација, деновиве го разгледуваат, па треба да заземат став. Тој предвидува техничката влада да остане уште за следните парламентарни избори, а потоа да се укине.
„Рокот за доставување забелешки е една недела од денот на доставувањето и дел од координаторите веќе ги изнесоа своите ставови, а со некои имавме и поединечни средби“, велат од Министерството за јавна администрација во одговорот до Радио Слободна Европа (РСЕ).
Техничката влада беше воведена во пресрет на парламентарните избори 2016 година. Според закон, се формира 100 дена пред избори кога актуелниот премиер си поднесува оставка, а во Владата влегуваат пет функционери од опозицијата – двајца министри и тројца заменици. Нивните потписи се врзани со функционерите од власта – а одлуките потребна е согласност од двајцата шефови во конкретното министерство.
Видете и ова: Две варијанти во игра за укинување на техничката влада по лидерската средба„Последиците од нефункционалноста ги трпат граѓаните“
Аргументи за укинување има, посочува политичкиот аналитичар Петар Арсовски, наведувајќи дека државата веќе неколку изборни циклуси не се соочува со обвинувања за злоупотреби во време на избори како што беше до пред една деценија кога се воведе техничката влада.
„И вака и така изборите се едно нарушување на економијата и на нормалното функционирање на државата барем три месеци - додека се спроведуваат и после тоа додека се воспостави нова влада. Со Пржинската влада воведувате уште една блокада 100 дена однапред што во реалност прави кога се одвиваат избори државата да е блокирана шест месеци“, вели Арсовски за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Преговорите за техничка влада пред една деценија се водеа со посредство на меѓународната заедница во резиденцијата на ЕУ во скопската населба Пржино поради што таа се нарекува и „пржинска“.
Во слична насока за нејзино укинување се и аргументите на аналитичарот Џелал Незири, според кој, техничката влада „ја заврши нејзината мисија“. Дополнително, посочува од решение таа стана пречка за успешно спроведување на избори.
„Пречка од причина што политичката борба, со сите нејзини интриги и игри, од Собранието се преместува во Владата, како извршна институција, при што се блокира работата и се парализира системот заради партиски агенди“, посочува Незири за РСЕ.
Од овој судир, додава тој, најголеми губитници се граѓаните „кои се соочуваат со последиците од нефункционалните институции“.
И од Министерстово за јавна администрација посочуваат дека техничката влада денес „создава нефунцкионалност, правна и политичка нестабилност и ја кочи ефикасноста на извршната власт“.
Во објаснувањето зошто предлагаат укинување, оттаму, исто така, посочуваат дека техничката влада била како решение во специфичен политички контекст и со една цел – фер, демократски и слободни избори, што нагласуваат, одамна е исполнето.
Видете и ова: Границата меѓу државата и партијата „тенка“ во изборитеКонсензус за политичка стабилност
Сепак, аналитичарите Незири и Арсовски, се децидни – треба консензус за укинување.
„Потребен е сериозен инклузивен политички дијалог и дополнително убедување“, наведува Арсовски.
Тој потсетува дека кога се воведе пржинската влада, тоа беше со консензус на сите политички партии, дури и од тие кои тогаш беа на власт – ВМРО-ДПМНЕ „и покрај тоа што се скратуваат правата на нејзината влада преку дупли потписи итн.“.
Како инструмент техничката влада пред една деценија беше договорена во услови на политичка криза која започна со објавувањето на т.н. „бомби“ од аферата со прислушувањето, како и во услови на недоверба во државниот систем.
„Ако тогаш можеше да има консензус, мисла дека треба да го има и сега во, условно речено, мирнодопски услови“, вели Арсовски.
Незири додава дека и укинувањето на техничката влада и сите изборни реформи мора да се носат со консензус „ако сакаме да имаме политичка стабилност и задржување на европскиот правец“.
Секоја еднострана одлука ќе се нотира како назадување во Брисел, што би значело дополнителна компликација на евроинтеграцискиот процес, посочува соговорникот.
Но, кое е решението?
Аналитичарите посочуваат дека за се скрати моќта на министрите во предизборниот период со цел тие да не ги злоупотребуваат ресурсите за да влијаат на гласачите, може да се интервенира и преку правилници или деловник на Владата.
„Ако може да се направи некаков механизам во кој ќе се оневозможи Владата да ги злоупотребува своите ресурси за купување гласови, а притоа ќе се скрати времето на нефункционалност на Владата и тоа се постигне со политички консензус, тогаш треба да се насочат кон таа цел“, порачува Арсовски.
Четврта и последна техничка влада?
Укинување на техничката влада беше една од темите и на лидерската средба што на покана на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се одржа на 14 јануари. СДСМ ја бојкотираше средбата, а и нејзини претставници преку низа јавни настапи се изјаснија дека се против укинување. Нивните објаснувања се дека со актуелната владејачка гарнитура, институциите немаат демократски капацитет, а имаат и сомнежи за злоупотреби и притисоци врз гласачи.
Сепак, за социјалдемократите нема да е изненадување ако власта реши без нивна согласност да ја укине техничката влада бидејќи вели „лесно е со две третини (мнозинство во парламентот) да правиш што сакаш“.
„Очекувам (власта) да ги продолжи тие авторитарни манири во коишто нема слух за предлозите на опозицијата, нема аргументи и туку така ги откачува. И еве ги нашите аргументи. Ако таа влада била донесена со консензус, зошто сега оваа тендер-коалиција сака да ја укине без консензус?“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за РСЕ.
Премиерот Мицкоски реагираше дека опозицискиот лидер не го разбрал контекстот односно дека на следните избори ќе има техничка влада, а на тие после нив – не.
„Нема логика повеќе да имаме техничка влада, тој механизам и тој инструмент беше во други времиња“, реагираше Мицкоски по интервјуто на Филипче на 1 февруари.
Видете и ова: Техничка влада, партиски каранициКако што е предвидено во актуелните законски решенија, во техничката Влада, покрај смената на премиерот кој доаѓа на предлог на власта, во пет министерства, кои беа определени како клучни, раководат кадри и од опозицијата и од власта. Станува збор за ресорите за: внатрешни работи, за труд и социјална политика, за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство. Таму каде министерот е од едната, дополнителниот заменик-министер е од другата партија, и обратно.
Меѓутоа, дел од овие министерства претрпеа реорганизација во 2024 година. На пример, секторот труд од Министерството за труд и социјална политика премина во Министерството за економија. Тие добија нови називи – Министерство за социјална политика, демографија и млади и Министерство за економија и труд. Старото Министерство за информатичко општество и администрација се подели на две министерствата – едно за дигитална трансформација и едно за јавна администрација.
Така, предлогот што Министерството за администрација го доставило до пратениците, покрај сценариото за останување на техничката влада за следните парламентарни избори и нејзино укинување за изборите после нив, предвидува и усогласување во однос на ресорите каде би влегле опозициски кадри во идната техничка влада, која би била и последна.
Според тоа, СДСМ би имал технички министри за внатрешни работи и за социјална политика, а дополнителни заменици во јавна администрација, финансии и земјоделството.
Следните парламентарни избори, доколку актуелната власт го истера четиригодишниот мандат до крај, ќе се одржат во 2028 година.
Досега во Северна Македонија имаше три технички влади. Првата во 2016 – предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 – на чело со Оливер Спасовски од СДСМ, и трета во 2024 со технички премиер Талат Џафери од ДУИ.