Раскрсница во Техеран во служба на воинствена пропаганда

Билборд на плоштадот Енкелаб, Техеран, август 2025 година. Фотографија: Ата Кенаре (АФП)

Џиновски билборд со закана за американската поморска флотила што се приближува кон бреговите на Иран е најновиот во серијата визуелни пропагандни пораки поставени над раскрсница во Техеран во последните месеци.

Билборд со закани до американските поморски сили на плоштадот Енкелаб на 26 јануари. Текстот од десно во превод гласи: „Кој сее ветер, жнее бура“, што е цитат од Библијата.

Слика од оштетен носач на авиони што остава трага од крв се издига над плоштадот Анкелаб (Исламска револуција) во Техеран, кој се наоѓа на главниот пат од меѓународниот аеродром во Техеран. Во текот на изминатите два месеци, најмалку пет различни пропагандни постери се поставени на еден прометен агол од улицата.

На билборд на раскрсницата кај плоштадот Енкелаб на 24 јануари пишува „Иран е наша земја, неговото знаме е наш погребен плашт“.

Впечатливо големиот мурал му овозможува на Техеран начин ефикасно да се пробие во западниот медиумски екосистем, рече Дарен Кунвил, професор во Центарот за медиумска форензика на Универзитетот Клемсон. „Тие ги создаваат овие слики за тие (западните медиуми) да ги проследат, а потоа оттаму на социјалните мрежи“. Во овој контекст, тој за РСЕ изјави дека и покрај трошоците за често менувани постери со големина на зграда, - „сѐ на сѐ, билбордите се евтини“.

Мурал на плоштадот Енкелаб во ноември 2025 година ги спојува историските личности и инцидентот од 2016 година во кој иранските сили заробија екипаж на американската морнарица по навигациска грешка. Текстот на фарси вели: „Повторно ќе клекнете пред Иран“.

Џонатан Сајех, истражувачки аналитичар во Фондацијата за одбрана на демократиите со седиште во Вашингтон, за РСЕ изјави дека друга цел на големите мурали како оној на плоштадот Енкелаб е „постојана изложеност, осигурувајќи дека граѓаните ќе се соочат со пропаганда насекаде, од метрото до јавните паркови“. Тој додава дека „тоа е психолошка тактика насочена кон потсетување на Иранците дека нема бегство од режимот“.

Билборд на плоштадот Енкелаб на кој се прикажани нуклеарни научници и центрифуги со слоганот „науката е моќ“ во август 2025 година.

Од Исламската револуција во 1979 година, во градските блокови во Техеран има мурали со закани кон САД и Израел. Сепак, дури во последниве години почнаа да се користат огромни билборди што можат брзо да се променат.

Билборд на плоштадот Енкелаб, направен во октомври 2024 година, прикажува дожд од ракети како го погодуваат Израел. Текстот ја содржи фразата на персиски јазик „Ако сакате војна, ние сме господари на војната“.

Фотографиите од билбордот на плоштадот Енкелаб првпат се појавија во иранските новински агенции на почетокот на 2023 година. Помал билборд на блискиот плоштад Вали Аср се користи од 2015 година за прикажување на режимски пораки кои често одразуваат актуелни проблеми или исламистички пораки.

Билборд кој се појавува за промоција на иранската паравоена организација Басиџ, гори за време на протестите во Техеран по смртта на Махса Амини во септември 2022 година.

Владини пропагандни билборди беа палени за време на антивладините протести во последните години, но нема индикации дека билбордот на плоштадот Енкелаб, познат како место за собирање на прорежимски демонстрации, бил цел на напади. Според извештаите, некои Иранци ја користеле крвта на убиените во најновите немири за да напишат антирежимски пораки на излозите на продавниците.

Некои Иранци изразија гнев поради воинствениот тон на некои од билбордите. Една жена му рекла на новинар дека пораки како оние што му се закануваат на Израел „само предизвикуваат уште поголеми тензии“.

Билборд на плоштадот Енкелаб прикажува херој од епската персиска поема „Шахнаме“ како се бори со суштество во боите на американското знаме.

Бидејќи иранската влада неодамна беше загрозена од криза, аналитичарот Сајех вели дека агресивната пропаганда што се гледа на плоштадот Анкелаб честопати е во спротивност со она што се случува зад затворени врати. „Имиџот е - сè за режимот и не може да си дозволи да изгледа слаб пред своите поддржувачи. Затоа има моменти кога упатува јавни закани, додека приватно се обидува да ја деескалира ситуацијата“, рече тој.