Србија се усогласи со четирите нови одлуки за санкции на Европската Унија кон други земји и актери, но не и кон оние што се поврзани со Русија.
Станува збор за рестриктивни мерки воведени поради активности што ја поткопуваат стабилноста и политичката транзиција во Судан, поради ситуацијата во Тунис и Гватемала, како и мерки против оние кои поддржуваат, олеснуваат или овозможуваат насилни дејствија од страна на Хамас и палестинскиот исламски џихад.
Другите земји од Западен Балкан со статус на кандидат за членство во ЕУ, исто така, се придружија кон овие одлуки.
„Тие ќе обезбедат нивните национални политики да бидат во согласност со оваа Одлука на Советот. Европската Унија ја зема предвид оваа обврска и ја поздравува“, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.
Видете и ова: Кога Западот е поделен, проблемите се чувствуваат и на БалканотСепак, Србија сè уште не се усогласи со ниедна одлука на ЕУ за санкции против Русија за нејзината агресија врз Украина, ниту, пак, кон мерките што се однесуваат на Белорусија.
Се очекува секоја земја-кандидат постепено да се усогласи со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а тоа мора да биде целосно во моментот на пристапување кон Унијата.
Ова е една од причините зошто Србија не отвори ниту едно поглавје во преговорите од декември 2021 година и го изгуби статусот на водечка земја во процесот на пристапување.
Во меѓувреме, според извештајот за напредокот на земјата објавен од Европската комисија во ноември 2025 година, усогласеноста на Србија со рестриктивните мерки на ЕУ се зголемила на 63 проценти, во споредба со 59 проценти забележани во 2024 година.
Ова зголемување се однесува на други рестриктивни мерки што ЕУ ги воведе против таканаречените трети земји, но не и против Русија.