Обвинителството истражува дали имало сериско убиство во кумановско

Куманово (фотоархива).

Основното јавно обвинителство во Куманово истражува дали во овој регион имало сериско убиство извршени од едно осомничено лице.

Ваквата информација надлежните ја соопштија објавувајќи дека 25-годишно момче од селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, е осомничено дека со „умисла на свиреп и подмолен начин лишил од живот“ жена родена 1947 година.

„Ја искористил околноста дека оштетената живеела сама, била стара и немоќна. Кога влегол во нејзината куќа, таа спиела на креветот, па осомничениот физички ја нападнал, задавајќи и повеќе удари со кои и нанел тешки телесни повреди од кои жената починала“, соопштија од ОЈО Куманово.

Видете и ова: Втора доживотна казна за најкрвавиот руски сериски убиец

Оттаму потенцираат дека изминатите денови истражниот центар заедно со МВР и екипи на Институтот за судска медицина обезбедиле докази кои „укажуваат на поврзаност на овој настан со неколку други слични случаи во кумановско“.

„Заради сличности во однос на изборот на жртвата и суровиот начин на извршување на делото се испитува дали и во тие случаи станува збор за убиства извршени од истиот сторител. За една од потенцијалните жртви вчера беше наредена ексхумација и обдукција, од телото на починатата жена се подигнати траги и ДНК кои се вештачат“, наведува обвинителството.

Освен дека се работат сложени вештачења и анализи, ОЈО Куманово посочува дека не може да открие повеќе детали во овој момент.

Осомниченото момче се наоѓа во притвор, а за него е наредено и психијатриско вештачење од страна на форензички психијатри од Институтот за психијатрија.