Важно е Србија и Русија да продолжат со „прагматична соработка во области од заеднички интерес, и покрај сложените околности“, изјави денеска, 5 март, српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко.
Пред средбата, рускиот амбасадор изјави дека Русија сака односите со Србија да продолжат да се развиваат и дека „најважно е што Србија не се приклучи на санкциите“.
Тој оцени дека соработката меѓу двете земји ќе заврши „сама по себе“ доколку Србија воведе санкции против Русија.
„Ако една земја се приклучи на санкциите, тогаш нема соработка - санкциите автоматски ја суспендираат. Тоа не зависи од желбите на Москва“, изјави Харченко за Радио Телевизија на Србија.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Србија, земја кандидат за членство во Европската Унија, ги одбива повиците од Брисел да се усогласи со надворешната политика на ЕУ и да воведе санкции против Русија.
Видете и ова: Зошто секоја година Путин е најпопуларен во Србија?Зборувајќи за економската соработка, Харчеко изјави дека трговијата меѓу двете земји е во опаѓање и нагласи дека ова е директна последица од западните санкции против Москва.
„Србија е опкружена со земји кои го поддржуваат режимот на санкции и затоа се соочуваме со тешкотии, првенствено во транспортот, логистиката и финансиите“, рече Бочан-Харченко.
Во последните четири години, како одговор на руската агресија врз Украина, Европската Унија започна со воведување санкции против Русија. Досега се воведени 19 пакети санкции.
„Неверојатно ниска цена“ на гасот како придонес кон пријателството
Бочан-Харченко, исто така, рече дека Србија има стабилно снабдување со гас иако „глобалниот пазар во моментов е многу нестабилен“.
„Денес има стабилен проток на гас по цена што е неверојатно ниска за Европа. Тоа е најдобриот придонес на нашата пријателска соработка“, рече Бочан-Харченко.
Иако во последните години се обидува да ја намали својата зависност, Србија главно се снабдува со гас од Русија.
Во текот на 2025 година, не успеа да обезбеди нов долгорочен договор за снабдување со гас со рускиот „Газпром“, додека краткорочниот договор постигнат во декември истекува на 31 март.
Официјалните власти во Србија постојано повторуваат дека договорот за снабдување со руски гас ќе биде продолжен, но потврда од Москва сè уште не е пристигната.