САД ќе дозволат продажба на дел од руската нафта за да се ублажат недостатоците од војната со Иран

илустрација

Соединетите Држави соопштија дека привремено ќе дозволат продажба на руска нафта што моментално се наоѓа на море. Целта е да го намалат притисокот врз цените предизвикан од недостигот поврзан со нападите на САД и Израел врз Иран и одмаздничките напади од страна на Техеран.

Министерството за финансии на САД објави дека издало лиценца со која се дозволува продажба на руска сурова нафта и нафтени производи што биле натоварени на бродови до 00:01 часот на 12 март, во траење од 30 дена, до 11 април.

„Со цел да се зголеми глобалниот дострел на постојното снабдување, Министерството за финансии дава привремено овластување за да им дозволи на земјите да купуваат руска нафта што моментално се наоѓа на море“, рече министерот за финансии Скот Бесент на платформата X.

Тој додаде дека оваа „тесно дефинирана, краткорочна мерка се однесува само на нафта што веќе е во транзит“ и дека нема да донесе „значајни финансиски придобивки за руската влада“.

Овој потег дојде еден ден откако Министерството за енергетика на САД соопшти дека САД ќе ослободат 172 милиони барели нафта од Стратешките резерви на нафта во обид да ги ублажат растечките цени на нафтата по војната во Иран. Тоа е дел од поширок потег на 32-члената Меѓународна агенција за енергетика (ИЕА) за ослободување на 400 милиони барели нафта.

Видете и ова: Дали санкциите на ЕУ кон Русија ќе бидат во застој додека Унгарија и Словачка ги користат ветата за нафта?

Руската нафта се наоѓа на море поради американските санкции врз големите руски производители, што создава финансиски ризици за потенцијалните купувачи, оставајќи ја руската сурова нафта во транзит без можност за истовар.

Експертите проценуваат дека има повеќе од 100 милиони барели нафта од руско потекло на море низ целиот свет.

Белата куќа ја забрани купувањето руска нафта и се закани со огромни царини за земјите што го прават тоа, како начин да ги блокираат средствата што би можеле да ја финансираат војната против Украина.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зошто островот Харг е клучен за извозот на нафта од Иран?

Демократите и некои републиканци се спротивставија на можноста за ублажување на санкциите врз Русија. Критичарите велат дека претседателот Доналд Трамп ја фаворизира Москва и изразија загриженост дека секој дополнителен приход од нафта ќе му помогне на претседателот Владимир Путин да ги прошири своите напади врз Украина.

Белата куќа негираше дека Трамп ја фаворизира Русија во преговорите за прекин на војната на Русија против Украина.

На 6 март, министерот за финансии Скот Бесант објави 30-дневно укинување на санкциите за да ѝ се овозможи на Индија да купува руска нафта. Приходите на Русија од таа продажба во Индија се проценуваат на милијарди долари.

Покрај тоа ослободување, Трамп и Бесент рекоа дека е можно пошироко олеснување на санкциите врз извозот на руска енергија.