Најмалку три лица се убиени во руски напади во текот на изминатата ноќ, кои биле насочени кон станбени згради во источниот град Краматорск, соопштија украинските власти на 8 февруари.
Како што наведоа, нападите вклучувале тешки „лизгачки“ бомби – оружје што Русија го користи за уништување на украинските позиции на фронтот, како и за напади на станбени области.
Речиси 20 лица се повредени во нападите рано наутро, соопшти Националната полиција.
Вкупно, Русија истрела повеќе од 400 беспилотни летала и ракети кон локации низ целата земја, рече претседателот Володимир Зеленски.
Во објава на Телеграм, тој се пожали дека руското оружје продолжува да биде опремено со увезени странски делови и компоненти, најавувајќи нови мерки за спречување на снабдувањето со делови.
Видете и ова: „Бог ми помага да заборавам“: Хуманитарец евакуира жители од линијата на фронтот во УкраинаЗаедно со Славјанск, Краматорск е еден од двата големи града што Украина сè уште ги контролира во источниот регион Донецк. Двата се сметаат за „градови на упориштата“ кои се од суштинско значење за одбраната на Украина во регионот.
Русија го постави освојувањето на целиот регион Донецк како стратешки приоритет, поента што Кремљ постојано ја истакнува во тековните мировни преговори посредувани од Соединетите Американски Држави.
Во текот на оваа зима, Русија немилосрдно ги таргетираше цивилните домови низ цела Украина, како и електричната мрежа и објектите за греење во земјата.
Милиони луѓе во главниот град Киев и другите градови се борат со прекини на електричната енергија или греењето, додека невообичаено голем студ ја зафаќа земјата со недели.
Државната компанија за нафта и гас „Нафтогаз“ соопшти дека Русија во текот на ноќта ги таргетирала нејзините објекти во источниот регион Полтава.
„Овој напад беше 19-тиот целен руски напад врз објектите [на Нафогаз] од почетокот на годината“, соопшти компанијата.
Видете и ова: Зеленски: САД сакаат војната да заврши до летотоДруги локации низ Украина, исто така, беа погодени од воздушни напади во текот на ноќ меѓу 7 и 8 февруари, вклучувајќи ги и пристанишните градови Херсон и Одеса.
Владата на 7 февруари нареди итни исклучувања на електричната енергија низ целата земја што следеше по претходните руски напади, кои исто така ги погодија објектите за производство и дистрибуција на електрична енергија.
Минатата недела, Киев и Москва ги завршија дводневните разговори посредувани од САД во Абу Даби.
Сепак, немаше поголеми пробиви кон договор, што е уште еден сигнал за тоа колку се тешки напорите за ставање крај на речиси четиригодишната војна.
Се најавува дека украинските и руските преговарачи ќе имаат нова рунда разговори следната недела во САД.