Русија ќе протера дипломат од Обединетото Кралство кого го обвини дека е таен шпион, соопшти руското Министерство за надворешни работи, јави агенцијата АФП.
Министерството соопшти дека го повикало британскиот вршител на должноста амбасадор при што „изнесен силен протест во врска со информациите добиени од надлежните руски власти дека еден од дипломатските службеници на амбасадата припаѓа на разузнавачките служби на Велика Британија“.
„Акредитацијата на лицето се одзема. Тој е должен да ја напушти Руската Федерација во рок од две недели“, соопшти руското МНР.
Москва и Лондон протераа неколку вработени во амбасадите во текот на последната деценија, разменувајќи обвиненија за шпионажа.
Русија ја предупреди Велика Британија да не ја „ескалира ситуацијата“, ветувајќи дека ќе даде „цврст соодветен одговор“ доколку Лондон возврати.
Федералната безбедносна служба на Русија (ФСБ) го именуваше човекот како Гарет Сејмуел Дејвис, кој е наведен во официјалната база на податоци на Русија за акредитирани дипломати како втор секретар на амбасадата.
Односите меѓу Лондон и Москва веќе беа на најниско ниво во последните децении, дури и пред Русија да ја започне својата целосна воена офанзива врз Украина.
Во 2006 година, рускиот дезертер Александар Литвиненко беше убиен во Лондон, отруен со отров „полониум“, во она што британските истражители го оценија како напад на руската тајна служба.
Во 2018 година, пак, Велика Британија соопшти дека рускиот двоен агент Сергеј Скрипал бил отруен со нервен гас „новичок“ во британскиот град Солсбери.
Еден граѓанин почина откако нашол фрлено шишенце парфем, користено како уред за испорака на гасот со кој бил откриен Скрипал, што во последните децении го предизвика најголемото протерување на руски дипломати од Запад, за кои се тврди дека се шпиони.