Русија привела трет осомичен за нападот врз висок офицер на военото разузнавање

Скриншот од снимка од безбедносните камери што ја објави руската безбедносна служба ФСБ, на која се гледа наводниот напаѓач на генерал-потполковник Владимир Алексеев.

Руските власти соопштија дека привеле трето лице во врска со пукањето кон висок генерал на военото разузнавање во станбена зграда во Москва.

Федералната служба за безбедност во соопштение на 8 февруари наведе дека лицето – руски државјанин – е приведено во Дубаи и префрлено во Москва.

Агенцијата, позната како ФСБ, соопшти дека идентификувала уште двајца руски државјани за пукањето: едниот бил приведен во Москва; другиот наводно патувал кон Украина.

Генерал-потполковник Владимир Алексеев – втор офицер по ранг во воената разузнавачка агенција, позната како ГРУ, наводно бил застрелан три пати на скалите во неговата станбена зграда во Москва на 6 февруари.

Поради прострелна рана во витален орган тој беше пренесен на итна операција. Официјални лица изјавија дека се очекува да заздрави.

Видете и ова: Приведен осомничен за пукањето врз висок руски разузнавачки генерал

ФСБ, исто така, објави видео од надзорната камера за кое тврди дека го покажува напаѓачот. Претходните информации за нападот укажуваа дека лицето можеби влегло во зградата и го нападнало Алексеев претставувајќи се како доставувач на храна.

Алексеев е најмалку четвртиот генерал кој е нападнат или убиен од почетокот на целосната руска инвазија во Украина пред речиси четири години.

Истражителите досега објавија малку детали за природата на заговорот за пукање. Официјалните лица ја обвинија Украина за минатите напади. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров остро го обвини Киев и за пукањето врз Алексеев, но не изнесе никакви докази.

Како заменик-командант на ГРУ, Алексеев надгледувал или бил вмешан во повеќекратни, честопати дрски саботажни или атентатски операции низ целиот свет. Меѓу другото, тој е обвинет за вмешаност во речиси фаталното труење со отровот „Новичок“ во 2018 година на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал во Велика Британија, како и за хакирањето на американските политички партии две години претходно.

Тој е поврзан и со Евгениј Пригожин, угостител од Санкт Петербург, кој е коосновач на најозлогласената платеничка компанија во Русија, „Вагнер груп“. Пригожин загина во авионска несреќа во август 2023 година, за што западните разузнавачки службеници подоцна заклучија дека станува збор за атентат.