Русија продолжува да го напаѓа енергетскиот сектор на Украина, Киев ја пренасочува енергијата

Жители на Одеса поминуваат покрај местото погодено со дрон, 19 јануари 2026 г.

Русија продолжи со нападите врз енергетскиот сектор на Украина во текот на изминатата ноќ, додека Киев се обидува да го забрза пренасочувањето на снабдувањето со електрична енергија кон тешко погодените области на истокот на земјата од своите нуклеарни централи на западот.

Оваа зима, Русија не ја крие својата стратегија да ги таргетира веќе оштетените електрични мрежи и електрани на Украина, како и топланите преку кои со греење и топла вода се снабдуваат многу, ако не и со повеќето, згради во Киев и други украински градови.

Во утринските часови во понеделникот во руските напади беше погоден регионот Одеса, оштетувајќи ја енергетската и гасната инфраструктура при што е повредено најмалку едно лице, соопштија регионалните власти.

Олег Кипер, началник на регионалната воена администрација на Одеса, додаде дека дрон погодил повеќекатна станбена зграда во овој град.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Од гаража до фронтовската линија: Како Европејци изработуваат дронови за Украина

ДТЕК, најголемата приватна енергетска компанија во Украина, соопшти дека електраната што се наоѓа Одеса е „значително“ оштетена во нападот, оставајќи речиси 40.000 домаќинства без електрична енергија.

Во вториот по големина град во Украина, Харкив, Русија со четири ракети погоди критичен инфраструктурен објект, предизвикувајќи значителна штета, изјави во понеделникот градоначалникот Игор Терехов.

Во Киев, работниците во комуналните претпријатија продолжуваат да работат на враќање на топлинската енергија во зградите што останаа без греење по нападот врз главниот град на 9 јануари.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, рече дека ситуацијата останува предизвикувачка поради ниските температури кои достигнуваат и до минус 20 степени Целзиусови. Итните прекини на електричната енергија продолжуваат, додека вонредната состојба останува на сила во украинскиот главен град, додаде тој.

Украинскиот министер за енергетика, Денис Шмихал, рече дека Украина ќе работи на подобрување на преносот на електрична енергија од западниот дел на земјата до нејзините источни региони кои се „гладни“ за енергија поради руските напади врз енергетската инфраструктура.

„Ова вклучува поправки и проширување на мрежата. Поставените задачи ќе го намалат времетраењето на прекините на електричната енергија во областите каде што ситуацијата во моментов е најтешка“, напиша Шмихал на Телеграм.

Трите оперативни нуклеарни централи во Украина, кои обезбедуваат поголем дел од електричната енергија на земјата, се наоѓаат на запад, додека термоцентралите во источна Украина, на кои се потпираше овој дел од земјата, се речиси целосно уништени.

Американскиот институт за проучување на војната (ISW) предупреди дека руските сили наводно се подготвуваат да извршат напади со долг дострел врз трафостаниците што ги напојуваат нуклеарните централи на Украина.

„Доколку Русите беа сериозни во врска со завршувањето на војната, тие би се фокусирале на дипломатијата – а не на ракетни напади, прекини на електричната енергија, па дури и на обиди за оштетување на нашите нуклеарни централи“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање во неделата вечерта.

Видете и ова: Без договор помина средбата САД-Украина, нови разговори во Давос

„Имаме информации за локациите што Русија ги извидуваше во подготовка за нападите. Сè јасно покажува дека дипломатијата не е приоритет за Русија“, предупреди Зеленски.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека е насочено кон енергетската инфраструктура што, рече, се користи од страна на украинската војска.

Податоците покажуваат дека руските сили ги интензивираа нападите врз украинската енергетска и гасна инфраструктура на почетокот на есента 2025 година, прекинувајќи го снабдувањето со енергија за време на грејната сезона.