Соединетите Американски Држави и Европа „припаѓаат заедно“,изјави на Минхенската безбедносна конференција, американскиот државен секретар Марко Рубио.
„Америка го трасира патот за нов век на просперитет и ние сакаме да го направиме тоа заедно со вас, наши ценети сојузници и најстари пријатели“, рече Рубио во своето главно обраќање во луксузниот хотел Бајеришер Хоф во Минхен.
Заедничкото дејствување со Европа, рече тој, „ќе помогне во обновувањето на разумната надворешна политика“.
Говорот на Рубио беше широко очекуван по ланскиот говор на американскиот потпретседател Џ. Д. Венс, кој ги критикуваше европските лидери за нивната улога во она што го опиша како ерозија на демократијата на континентот.
Видете и ова: На конференцијата во Минхен, Мерц ги повика САД и Европа да ја „поправат“ трансатлантската довербаАдресирајќи ги разговорите за можен трансатлантски развод во својот говор, Рубио рече дека „ова не е ниту наша цел ниту наша желба“.
„Не треба да ги демонтираме глобалните институции на стариот поредок што заедно го изградивме - но тие мора да се реформираат“, изјави Рубио на конференцијата, додавајќи дека САД под водство на Доналд Трамп, сакаат да го предводат светот во „обновувањето“.
Рубио ја предводи американската делегација, најголемата досега, која ја сочинуваат повеќе од една четвртина од американскиот Сенат - на тридневниот годишен настан, на кој учествуваат стотици истакнати европски лидери, пратеници, воени функционери, академици и други.
„Дете на Европа“
Државниот секретар на САД го пофали богатото културно наследство на Европа, велејќи дека „ние Американците... секогаш ќе бидеме деца на Европа“.
„Најтешки прашања“ за Украина
Во врска со конфликтот во Украина, Рубио рече дека „прашањата за завршување на војната се стеснети, но лошата вест е дека сега се сведува на најтешките прашања“.
Трамп даде приоритет на запирањето на целосната војна на Русија, но Москва покажа мала подготвеност за компромис, оставајќи ги последните две рунди разговори меѓу САД и Русија и Украина во застој.
Се очекува Рубио да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна на 14 февруари на маргините на конференцијата.
Во кратко прашање-одговор со Волфганг Ишингер, претседателот на Минхенската безбедносна конференција, по неговиот говор, Рубио рече „она што не можеме да одговориме и [она што] ќе продолжиме да го тестираме е дали постои исход со кој Украина може да живее и што Русија ќе го прифати, а би рекол дека тоа досега беше неостварливо“.
Конференцијата се одржува во услови на светски превирања, вклучувајќи ја и можноста за воздушни напади на САД врз Иран и војната на Русија во Украина, која се приближува кон својата четврта годишнина.