Денеска гласаат болните и затворениците, пред утрешните повторени избори за градоначалник во четири општини

Локални избори - проверка на гласач, -илустрација

Пред утрешното гласање на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска избирачките одбори ќе им овозможат на болните и изнемоштените лица да го остварат правото на глас во нивните домови, а ќе гласаат и притворените и затворениците, жители на овие општини. Од Државната изборна комисија (ДИК) за МИА посочуваат дека се е подготвено за повторените избори.

Во Гостивар за гласање се пријавени 146 болни и изнемоштени лица, а во затворите треба да гласа 81 лице. Во Маврово Ростуше прифатени се барањата на 69 болни лица за гласање, и двајца затвореници. Во Врапчиште пријавени се 32 болни, а во затворите треба да гласаат 11 жители од оваа општина. Во Центар Жупа пријавени се само двајца болни.

Видете и ова: Втор обид за избор на градоначалник во четири општини

Гласањето утре започнува во 7:00 часот, а завршува во 19:00 часот. Гласачите на Избирачките места ќе се идентификуваат со важечки лични документи - лична карта или пасош, а исто така нивниот идентитет ќе се потврди и со апаратите за биометриска идентификација.

Согласно членовите 132, 132а и 133 од Изборниот законик на повторените избори не е потребна излезност од една третина на гласачите туку за да се избере градоначалник треба за еден од кандидатите да гласаат повеќе од половината од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа каде што има само еден кандидат.

Кандидати за градоначалник на Гостивар се Невзат Бејта, од коалицијата Вреди и независниот Ваљбон Лимани поддржан од НАИ. Во Врапчиште кандидати за градоначалник се Исен Шабани од НАИ и Зуљхајрат Демири поддржан од
Група избирачи. Во Центар Жупа има само еден кандидат за градоначалник и тоа Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците. Во Маврово и Ростуше, пак, има двајца кандидати и тоа Онер Јакупоски, поддржан од Коалиција Твоја Македонија предводена од ВМРО - ДПМНЕ и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.

Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.