Повторени локални избори: Две градоначалнички места за НАИ, по едно за ВМРО-ДПМНЕ и за ДП на Турците

Фотоархива: Локални избори, ноември 2025

Коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ) ги освои градоначалничките места во Гостивар и Врапчиште, на денешните повторени локални избори, кои освен во овие две општини, се одржаа и во Маврово-Ростуша и Центар Жупа.

Кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ, Ваљбон Лимани го победи кандидатот на Коалицијата ВЛЕН, Невзат Бејта во Гостивар каде денеска гласале 30,44% од граѓаните со право на глас.

Другиот кандидат со кој НАИ настапи на овие локални избори, Исен Шабани победи во Врапчиште, каде одзивот беше 32,37%. Противкандидат на Шабани, на денешните избори беше Зуљхајрат Демири кој беше поддржан од Група избирачи.

Овие резултати се првични и неофицијални, односно се добиени преку електронскиот систем.

Видете и ова: Локални избори во четири општини, дел од избирачките места отворени задоцнето

Тие укажуваат на победа на кандидатот за градоначалник на Маврово-Ростуша, Онер Јакуповски кој беше поддржан од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа општина каде гласале 28,51% од граѓаните, на салдото на Јакуповски се бројат 9.963 гласа. Јакуповски кој беше кандидат и во првиот изборен круг во 2025-та година, влезе во трката за градоначалник со истиот противкандидат, Анес Ахмети поддржан од Коалицијата предводена од СДСМ,

Единствениот кандидат пак, во Центар Жупа, Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците обезбеди 973 гласови. Во оваа општина, правото на глас го искористиле 13,26% од гласачите.

Ваквите резултати вечерва на прес конференција ги соопшти портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска. Таа најави дека во текот на утрешниот ден, Комисијата ќе ги соопшти и првичните официјални резултати откако ќе пристигнат записниците од избирачките места.

Во текот на денешниот изборен ден, полицијата не регистрирала инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. Министерството за внатрешни работи преку соопштение оцени дека повторените локални избори се „одржаа во мирна, фер и демократска атмосфера“.

Видете и ова: Втор обид за избор на градоначалник во четири општини

Причина за повторувањето на изборите е тоа што на гласањето на 19 октомври лани, не излегоа доволен број на луѓе на гласање.

Услов за да бидат успешни изборите беше на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните граѓани во Избирачкиот список.

Но, за разлика од тогаш, според изборните правила, на денешните повторени избори немаше потреба од цензус.