Политички преструктурирања во најава

Собрание (фотоархива)

Нова партија, формализирање на коалиција во политички субјект, преминување пратеници, а подоцна и „освежување“ во Владата, се дел од очекуваните активности во наредниот период на македонската политичка сцена.

Албански сојуз е името на новата партија што ја формира пратеникот Зијадин Села. Тој беше дел од опозициската коалиција Европски фронт, предводена од ДУИ, но неодамна излезе од неа. Во Собранието, Села има тројца пратеници, вклучувајќи го и него.

Засега во парламентот тие се водат како пратеници на Алијанса за Албанците (АА).

„Тројцата пратеници делуваат посебно повеќе од месец дена. Откако се издвоија од Европскиот фронт се изјаснуваат како пратеници од Алијанса за Албанците. Ако имаат ново име, ние ќе ги регистрираме како такви и ќе известиме“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на брифинг со новинарите на 26 март.

Видете и ова: Гаши: Нема потреба од паника, ниту од вонредни парламентарни избори

Села беше претседател на Алијанса за Албанците, но откако им се разидоа патиштата со Арбен Таравари, почнаа судски спор за тоа чија е партијата. Основниот суд во Тетово на 18 март донесе одлука партиските печати да му припаднат на крилото на АА предводено од Таравари. Крилото на Села најави жалба, а тој соопшти и дека ќе формира нова партија.

„Не оставам на случајноста, јас сум ја создал таа нова политичка партија. Веќе е формирана и се вика Албански сојуз, има црвено-црни бои и нема да се откажеме од оваа работа. Идејата на Алијанса за Албанците и нејзината кауза имаат свое продолжение“, рече Села во интервју за весникот на албански јазик „Лајм“.

Кога е во прашање опозицијата, неофицијални најави има и за тоа дека наскоро еден пратеник плус ќе има СДСМ, кон кој ќе се приклучи нов пратеник од владејачкото мнозинство.

Раздвижувања кои треба и формално да донесат нова партија има и во владејачките редови. Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ), откако најавуваше подолг период и преговараше каква ќе биде структурата, е во финална фаза од регистрација како политичка партија.

„Процесот на обединување на ВЛЕН сега влезе во фаза на смели и неповратни одлуки“, порачаа од коалицијата откако сите политички субјекти дел од неа, донесоа одлука за спојување во една партија.

Видете и ова: Апетитите за локалните избори ја зовреа „Вреди“

Коалицијата ја сочинуваат четири партии од албанскиот блок – Алтернатива, Беса, Демократското движење предводено од Изет Меџити, Беса на Билал Касами, Алтернатива на чело со Беким Сали и третото крило на Алијанса за Албанците предводено до Арбен Фетаи. За спојување во еден субјект, основачко собрание новата партија се очекува да има в мај.

А, по ова се очекува и реконструкција на Владата, која досега неколкупати беше тема во македонската јавност. Со имиња се шпекулира, но официјални одлуки ќе се носат допрва.

„ВЛЕН се наоѓа во финална фаза на прераснување на една политичка партија. Тогаш органите на партијата ќе треба да решаваат за нивните претставници и во извршната и сите други власти“, рече Гаши на 26 март.

Тој беше лидер на Алтернатива – еден од четирите партнери во ВЛЕН. Но, за да ги запази прописите и да може да ја извршува претседателската позиција во Собранието, го отстапи лидерското столче во Алтернатива.

Видете и ова: Честа смена на министри удира и врз реформите и врз интегритетот

Реконструкцијата на Владата, според најавите од премиерот Христијан Мицкоски, се очекува во мај или јуни. Покрај ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, дел од неа е и ЗНАМ.

Мицкоски рече тогаш ќе се знае кој министер ќе биде сменет, а кој ќе остане, но е дециден дека нови партии во власта ќе нема.

„Како коалиција имаме исклучително коректна соработка и во моментот не гледам простор за коалициски договори и преговори со други политички субјекти, затоа што, ќе повторам, образот го чувате цел живот, а го губите само еднаш“, изјави Мицкоски на 23 март.

Реконструкцијата според најавениот тајминг, ќе дојде на половина од четиригодишниот мандат на Владата. Таа беше избрана во јуни 2024, предводена од ВМРО-ДПМНЕ кое победи на парламентарните изборите одржани во мај истата година.