Орбан ќе ја блокира помошта за Украина се додека не продолжат испораките на руска нафта

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја исклучи можноста за укинување на ветото на неговата влада за заем од 90 милијарди евра (103 милијарди долари) за Киев и нови санкции врз Москва додека не продолжат испораките на руска нафта преку Украина.

„Никогаш нема да поддржам никаква одлука што е во корист на Украина“, рече Орбан, по пристигнувањето на состанокот на лидерите на Европската Унија во Брисел, 19 март.

„Унгарскиот став е многу едноставен. Ние сме подготвени да ја поддржиме Украина кога ќе ја добиеме нашата нафта, која е блокирана од нив“, рече Орбан.

Нафтоводот „Дружба“ испорачуваше руска нафта преку Украина до Централна Европа сè додека, според Киев, не беше оштетен од рускиот напад во јануари.

Прекинот на испораките на гориво дополнително ги засили тензиите меѓу Будимпешта и Киев. Унгарија побара Киев брзо да го поправи нафтоводот и да го продолжи транзитот. Според Украина, брза поправка не била можна.

Видете и ова: ЕУ бара од Украина да го поправи нафтоводот „Дружба“ што ги снабдува Унгарија и Словачка со руска нафта

Оспорувајќи ги тврдењата на Киев, Будимпешта стави вето на нов пакет санкции за Русија и го блокираше исплаќањето на заемот за Украина.

Според претставници на ЕУ, Украина неодамна прифати техничка и финансиска помош од ЕУ за поправка на гасоводот.

Орбан нагласи дека ќе го промени курсот само откако руската нафта повторно ќе пристигне во Будимпешта.

„Таа ни е потребна затоа што е егзистенцијална“, рече Орбан.

Видете и ова: Дали санкциите на ЕУ кон Русија ќе бидат во застој додека Унгарија и Словачка ги користат ветата за нафта?

Поради револтот на многу колеги лидери на ЕУ, унгарскиот премиер го одобри заемот на претходниот самит во декември пред неговата влада да го промени курсот неколку дена пред четвртата годишнина од целосната инвазија на Русија во Украина во февруари.

Владата на Орбан се соочува со тешки парламентарни избори во април, што ги поттикнува шпекулациите дека ветото на новите мерки за помош се дел од неговата кандидатура за реизбор.