Дивоградбите во Охрид се ризик за нови трагедии

Стариот град во Охрид, каде граѓаните велат дека државно земјиште се присвојува од угостителските објекти. Фото - „Охрид SOS“

Во охридскиот УНЕСКО-регион се градат хотели и угостителски објекти без одобренија, за кои потоа се прават обиди за легализација. Државните ревизори утврдиле дека Општина Охрид иако одбила 4.847 барања за легализација, не презела мерки за отстранување, додека бил констатиран и хотелски комплекс без дозвола за градење и 23 угостители што нелегално користеле јавен простор. Експертите предупредуваат дека ваквите пропусти создаваат сериозен безбедносен ризик и можат да водат кон нови трагедии од типот на пожарот во дискотеката во Кочани или модуларната болница во Тетово.

Нелегални градби и бетонски конструкции со години никнуваат низ целиот Охридски регион заштитен од УНЕСКО, вклучително и долж крајбрежниот појас на езерото.

Изгледот на просторот што треба да биде заштитено светско природно и културно наследство сè почесто го менуваат тераси, платформи и објекти што навлегуваат во езерото, но и поголеми градби како хотелски комплекси.

Ова се фотографии што до Радио Слободна Европа ги испратија граѓани кои тврдат дека нелегални објекти се изградени на една од најатрактивните локации, во близина на црквата „Св. Јован Канео“ во Охрид.

Платформа и кафуле на Канео за кои граѓани велат дека се нелегално изградени.

Тие сведочат дека на потегот од Долна Порта, кај ресторанот „Момир“, па сè до Мостот на желбите, бетонските тераси се буквално навлезени во водата на Охридското Езеро.

„Покрај ресторани и кафе-барови, тука има и приватни куќи со апартмани за сместување, а бетонските платформи ги нудат како приватни плажи“, велат тие.

„Вакви тераси и платформи не смеат да постојат на брегот на Охридското Езеро, но кај нас очигледно сè е можно“, велат граѓаните.

Платформи на Канео за кои граѓани велат дека се нелегално изградени.

И граѓанското здружение „Охрид SOS“ наведува дека дел од крајбрежјето на Охрид кое е заведено како државно земјиште или јавен простор, со години се користи и присвојува од угостителски објекти.

„Непознато е дали на Општина Охрид ѝ се плаќа соодветен надоместок или е овој простор окупиран без дозвола“, велат од „Охрид SOS“ во објава насловена „СТАРОГРАДСКА ФАВЕЛИЗАЦИЈА.“

И Државниот завод за ревизија во најновиот извештај утврдил дека хотелски комплекс е изграден без дозвола и 23 угостителски објекти што нелегално користеле јавен простор и поставиле урбана опрема. Иако Општина Охрид одбила 4.847 барања за легализација, надлежните не презеле мерки за отстранување, констатирале ревизорите. По извештајот, Јавното обвинителство оформи предмет и наведе дека врши предистрага во Општината.

Опасноста од нелегално изградените објекти произлегува од тоа што не поминуваат низ контролите за безбедност, ниту се евидентирани дека постојат во системот, што е голем ризик во случај на пожари или природни катастрофи со оглед дека примаат гости, предупредуваат градежни експерти за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Жители на Лагадин - спорниот хотел ја узурпира и плажата, институциите ветуваат казни

Професор Горан Марковски од Градежниот факултет во Скопје вели дека објектите што не се започнати со одобрение се дивоградби, без разлика каква документација ќе добијат подоцна.

Според него, особено проблематично е кога ваквите градби се легализираат откако веќе ќе бидат изградени, бидејќи како што посочува, постапката за легализација и впишување во катастар често се сведува само на доставување геодетска снимка и плаќање комуналии, без објектите да поминат низ проверки за стабилност, носивост, сеизмичка отпорност или противпожарна заштита.

„Ова е недозволиво. Нелегален објект може да биде изграден толку неквалитетно што сам по себе може да се урне и да повреди некого. Може да има небезбедни скали или на пример објект како хотел ако има лифт, кој го контролира тоа во дивоградба? Кој потпишал дека лифтот е исправен, дали електричната инсталација е поставена според стандарди и дали струјата е поврзана како што треба?“, предупредува тој.

Во Охрид се градел хотел без издадени одобренија за градење и без платен надоместок за уредување на градежното земјиште, 23 угостителски објекти користеле јавни површини без дозвола, поставиле урбана опрема како фиксни конструкции и натстрешници со челични столбови и затворени простори со стаклени прегради, утврдиле државните ревизори во најновиот извештај.

Платформи за кафулиња за кои граѓаните велат дека се нелегално изградени.

Обидите за легализација на бесправно изградените објекти се спроведуваат преку Законот за постапување со бесправно изградени објекти, кој овозможува градби подигнати до 2011 година да влезат во процес на легализација. Во изминатите години следуваа и неколку обиди преку измени на законот да се воведат нови, таканаречени „креативни“ механизми за легализирање и на дивоградби изградени по 2011 година. Еден од тие обиди беше стопиран со вето од тогашниот претседател Стево Пендаровски, поради критики и силен притисок од јавноста.

Обемот на дивоградби во Охрид само до 2019 година е околу 20 илјади барања поднесени до Општина Охрид за легализација на бесправно изградени објекти од најразличен тип.

На листата во која Радио Слободна Европа имаше увид се десетици хотели, мотели и кампови, угостителски објекти, но и детски градинки, културни установи, па дури и државни, верски, здравствени и социјални институции. Некои од овие објекти се со одобрена легализација, други се во постапка, а некои се одбиени, но како што констатираат ревизорите, општината за многу од нив не постапува на терен.

Најмногу дивоградби во листата се забележуваат во централниот дел на Охрид, во Стариот град покрај езерото, како и во туристичките населби Пештани, Лагадин, Трпејца, Велестово, Рача и Љубаништа. Тоа значи дека дивоградбите се концентрирани токму на најатрактивните локации.

Луѓето седат во рестораните покрај Охридското езеро во селото Трпејца.

Земјава веќе бележи низа трагедии поврзани со институционални пропусти и непочитување на безбедносните стандарди. Последен е пожарот во дискотеката во Кочани со 63 загинати млади луѓе.

Претходно се случи несреќата со автобусот на „Беса Транс“ со 52 жртви, пожарот во модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 луѓе, сообраќајката во Ласкарци со 16 жртви и потонувањето на бродот „Илинден“ на Охридското Езеро каде животот го загубија 15 туристи.

Опасноста од нови катастрофи според градежните експерти ја зголемува оваа практика на диво градење која го заобиколува целиот превентивен механизам на контрола во градењето.

„Кој ни е крив после ако во некоја таква кафеана или хотел се случи пожар, или уривање или повреда при земјотрес. Дивоградба не смее да функционира, бидејќи не подлежи на контрола на безбедноста на конструкцијата. Тоа е многу сериозно, да не зборувам за контрола за противпожарна заштита, ниту за било каква друга заштита, како пристап за брза помош“, вели професор Марковски.

Професорот укажува на уште еден податок според новата сеизмичка карта на Македонија, каде Охрид е најкритичниот град според сеизмичност, со дури 20 пати поголем ризик за земјотрес од Скопје.

Сеизмичка карта на Северна Македонија.

Ревизорите во извештајот наведуваат дека градежните инспектори на Општина Охрид во период од 2019 до 2024 издале 456 правосилни управни акти за отстранување на нелегални градби, но не се преземени мерки за нивно отстранување, со што се вели дека не е почитувана обврската предвидена со Планот за заштита на културното наследство и отстранување на сите бесправно изградени објекти, особено во Националниот парк Галичица за кои е утврдено дека се закана за доброто, интегритетот и автентичноста на градот, наведуваат ревизорите.

Радио Слободна Европа и претходно објавуваше стории што укажуваат на обемот на бесправното градење во регионот на Националниот парк Галичица. Според официјален документ од Секторот за урбанизам на Општина Охрид, само до 2019 година до општината биле поднесени вкупно 2.347 барања за легализација на илегални градби во рамки на Националниот парк „Галичица“.

Видете и ова: Кој е надлежен за над 2.300 дивоградби во Националниот парк Галичица?

Локацијата позната како „Автокамп Градиште“ е уште еден пример на диво градилиште на Охридското Езеро на простор каде што, според институциите, законски не постои оформен автокамп. Овде приколките сè доградуваат и се претвораат во цврсти објекти, комплексот со години функционира како туристичка зона иако земјиштето е во процес на денационализација и предмет на судски постапки.

Огласот кој нуди „камп приколка“ во Градиште, но приложените фотографии покажуваат дека станува збор за цврста градба со бетонска подлога.

„Сè што е дивоградба не поминало низ филтерот на нормативна рецензија, низ проектантски дел и низ останатите процедури. Дивоградбата по градењето никој не може да ја провери и за легализација се бара само геодетски елаборат“, вели за РСЕ архитектот Мишко Ралев.

УНЕСКО веќе со години упатува предупредувања дека Охрид и неговата околина се соочуваат со сериозни закани — вклучувајќи нелегални градби, неконтролирана урбанизација и слаб плански надзор — што може да резултира со вклучување на регионот на Листата на светско наследство во опасност ако владините мерки не бидат доволно силни или брзи.

Видете и ова: Градиште - Денационализација во фиока, приколки стануваат апартмани, а автокамп законски не постои

На почетокот на февруари 2026 година, владина делегација со четворица министри и двајца градоначалници беше во посета на Париз на средби со Калед Ел-Енани, генерален директор на УНЕСКО и со други високи претставници, каде одново беа повторени „цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.“

Црквата Св. Јован Канео во Охрид. - Илустрација, убавините на Охридското Езеро.

И минатата година на состанокот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, македонската држава успеа да го одложи ставањето на Охридскиот регион на Листата на светско наследство во опасност (World Heritage in Danger) со цел да добие уште една година за исполнување на препораките од УНЕСКО.

Тоа значеше дека властите во Северна Македонија и во Албанија требаше да покажат реален напредок до 1 февруари 2026 година во заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион.