Се „стопи“ буџетот на Обвинителството од Венецијанската комисија до Собрание

Поговорката „ѓаволот е во деталите“ целосно се вклопува во најавената реформа на обвинителството, велат експертите. Додека власта најавува сериозна реформа на Обвинителството, а Венецијанска комисија ја пофали поголемата финансиска автономија, на пат до Собранието финансирањето се врати „на старо“.

Венецијанската комисија даде позитивно мислење за предлог Законот за јавното Обвинителство. Но, по пат до македонското Собрание овој предлог претрпе измени, по што пратениците ќе гласаат за малку поинаков закон од тој што го „пофалиле“ во Комисијата. Клучната измена која ќе влија врз предвидените реформи е кратење на парите, велат експертите.

Министерот за правда Игор Филков на пленарната седница во Собранието истакна дека овој предлог закон е резултат на долг и инклузивен процес кој започнал во ноември 2024 година со формирање работна група во која биле вклучени експерти, универзитетски професори, обвинители, судии, адвокати, претставници на невладиниот сектор и претставници на меѓународната заедница, вклучително и ОБСЕ и Европската Унија. Предлог законот летово беше испратени и до Вененцијанската комисија со цел да биде проверен пред да биде донесен.

Споредбената анализа што ја направи Радио Слободна Европа покажува дека предлог законот објавен на веб страницата на Венецијанската комисија, и тој што почнаа да го разгледуваат пратениците во Собранието покажуваат неколку суштински разлики, меѓу кои и финансиски.

Променета формула за финансирање

Клучниот проблем лежи во промената на математичката формула за финансирање. Во англиската верзија беше предвидено дека обвинителството треба да добие најмалку 0,5% од вкупниот Буџет на државата, но во македонската верзија која пристигна во Собранието овој праг е значително намален во основицата по која се пресметува.

„Врз основа на фискалната политика и главните категории за проценетите приходи и расходи, висината на средствата за работа на јавното обвинителство изнесува најмалку 0,4% од даночните приходи на Република Северна Македонија за тековната година, доколку со тоа не се нарушува праведната распределба на буџетските средства и не се влијае врз средствата планирани за сите буџетски расходни ставки“, е наведено во членот 106 од собранискиот предлог закон за Обвинителството.

Во владиниот предлог за буџет е наведено дека ставката „вкупен буџет“ е многу поширока категорија која ги вклучува сите државни приходи во кои влегуваат и даноци, акцизи, придонеси, но и заеми, кредити и донации.

Од друга страна „даночните приходи“ се само парите што државата ги собира директно од даноци (ДДВ, персонален данок, итн.).

Видете и ова: Филков по една година на функцијата: Остануваме посветени на реформите и владеење на правото

За споредба, членовите на Венецијанската комисија кои го разгледуваат предлог законот изработен од работна група во 2025 година, ставката за буџетот ја коментираат во членот 105.

„Јавното обвинителство на Република Северна Македонија самостојно го утврдува и управува со буџетот и одлучува за користењето, распределбата, намената и прераспределбата на средствата. Врз основа на фискалната политика и главните категории на проценети приходи и расходи, износот на средствата за работа на Јавното обвинителство треба да изнесува најмалку 0,5% од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година“, е наведено во драфт верзијата објавена на веб страницата на Комисијата.

Венецијанската комисија ја фали финансиската автономија

Во писмото што Венецијанската комисија му го испратила на министерот за правда Игор Филков е поздравен зголемениот предвиден буџет за Обвинителството, кој со законот што е влезен во собраниската процедура нема да се случи.

„Новина е што став 1 од член 105 сега предвидува поголема финансиска автономија за обвинителството со тоа што предвидува Јавното обвинителство „независно да го утврдува и управува со буџетот и да одлучува за користењето, распределбата, намената и прераспределбата на средствата“. Венецијанската комисија го поздравува тоа што Јавното обвинителство сега е исклучиво задолжено за сопствениот буџет, како и за фиксниот минимум од буџетот доделен на Јавното обвинителство и предложеното зголемување на 0,5 проценти (дури и ако речиси сите соговорници се сомневаа дали износот од 0,4% некогаш е достигнат)“, се вели во писмото објавено на нивната веб страница.

Ако предлог законот кој сега е во собраниска процедура помине, Обвинителството ќе добие 16 милиони евра помалку од парите кои македонското министерство за правда ги најавило пред членовите на Венецијанската комисија.

Процент од буџет и процент од даночен приход во буџет е „разлика како Бог и шеширџија“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) даночниот експерт Славко Лазовски.

„Значи огромна разлика има меѓу буџетските приходи односно износот на приходната страна на буџетот и даночните приходи. Во пресметката на буџетот влегуваат и неданочни приходи, влегуваат донации од странство, влегуваат сопствени приходи како што е продажба на имот, потоа профитите од јавните претпријатија, па и од партнерските како Телеком, половина приходи оттаму влегуваат во буџетот, потоа расходите на Народна банка, странски кредити и така натаму. Кој тоа го смислува таму, зошто такви манипулации прават ?,“ вели Лазовски

Видете и ова: Политичка математика со функционерските плати

Македонскиот буџет за годинава изнесува 6 милијарди евра и 0,5 проценти од него, колку што ветила Владата пред меѓународните партнери дека ќе му даде на Обвинителстото, изнесува 30,5 милиони евра. Но, според предлог законот што е во Собранието, Владата реално планира да му даде на обвинителството буџет од 14,4 милиони евра.

Владата не планира повеќе пари за Обвинителството

Минатата година Јавното обвинителство располагаше со буџет од износ од 13,9 милиони евра.

Според последните извештаи на Обвинителството за нивната работа кои ги разгледуваат пратениците, овие пари не им се доволни за квалитетна борба против криминалот и корупцијата.

„Јавното обвинителство секоја година со буџетскиот циркулар бара средства и за оваа намена, меѓутоа тие или не се одобруваат или се одобрува минимален износ недоволен за покривање на трошоците за специјализирани обуки на вработените“, се вели во последниот извештај на Обвинителството.

Во него дополнително е посочено дека секоја година не ги добиваат законски предвидените пари.

„Иако буџетот се проектира согласно потребите на секое јавно обвинителство, поодделно, континуирано се јавува несогласување помеѓу проекциите и одобрените наменски средства“, се вели во извештајот.

Претходно во неколку последни извештаи на Јавното обвинителство е посочено дека честопати досега не биле во можност да го реализираат во целост буџетот, поради одлуки на Министерството за финансии.

Дополнително влијание врз финансиската автономија на Обвинителството е и новата дискрециона клаузула во предлог законот во истиот член, според која овие средства ќе се доделат само доколку не се наруши „праведната распределба“ на буџетот, со што извршната власт задржува механизам за контрола врз буџетот на обвинителите.

Видете и ова: До каде се истрагите за милионските корупциски афери?

Нема пари ниту за истражители

Во собранискиот предлог закон се предвидени реформи во обвинителството како што е формирање на истражни центри во сите основни јавни обвинителства кои постапуваат пред судовите со проширена надлежност. Дополнително предвидено е дека и одделение за гонење кривични дела на лица со полициски овластувања мора да има своја стручна служба и истражители.

Во таква ситуација се наметнува прашањето како ќе се вработат истражители кои ќе имаат задача да им помагаат на обвинителите кога за тоа нема предвидено плус пари во законот за Обвинителството.

„Па нормално дека со исти пари како лани нема да можат да вработат нови истражители. Ако државата не го зголеми даночниот приход нема да има ни Р од реформа“, вели Лазовски.

Во меѓувреме министрите на владина седница гласаа за предлог Државен обвинител, и предлогот наскоро ќе биде поднесен до Собранието кое со просто мнозинство треба да го изгласа. Станува збор за судија од Основниот кривичен суд Скопје Ненад Савески кој се очекува да седне на фотелјата на Љупчо Коцевски, кој си даде оставка по владините критики за неговата работа.