Нерегуларности на секој чекор во „Државна лотарија“, открија ревизорите

Државна лотарија - илустрација

Државните ревизори утврдиja сериозни неправилности во финансиското работење на Државна лотарија за 2024 година. Нелогични и непостоечки трансакции, злоупотреба на пари, незаконско работење во благајна, тендери без критериуми за квалитет. Во дел од извештајот, ревизорите ги потврдија истражувањата на РСЕ за Државна лотарија, кои резултираа и со обвинителски истраги.

Лотариските апарати за коцкање купени за 9.700.000 евра, за кои обвинителството води истрага за нивната набавка против бегалците Артан Груби и Перпарим Бајрами се уште фаќаат прашина во магацини. Ова го утврдил Државниот завод за ревизија во извештајот за работата на Државната лотарија за 2024 година.

„Ревизорите во извештајот ги нагласуваат прашањата за неизвесноста во однос на периодот кога набавените видео лотариски терминали за приредување електронски игри на среќа би можеле да се стават во употреба, поради што постои ризик од нивно технолошко застарување“, пишува во извештајот.

Овие апарати првично беа сместени во простор во Визбегово, кој требаше да биде ново седиште на Државна лотарија.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Апаратите за коцкање на Лотарија, за кои има истрага за набавката, прават трошок и невклучени

Но, по истражувањата на РСЕ за начинот на кој овој поранешен ресторан за свадби ја смени сопственоста преку фирмата „Хеј дооел“ и го презеде газдата на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го раскина договорот за закуп тежок 2,6 милиони евра за период од 10 години.

Како што пишуваше РСЕ, тоа го констатира и ревизорот - дека 400.000 евра се исплатени на компанијата на Јахоски за простор кој пет месеци во 2023 година не е користен.

„Со цел овој деловен простор да се адаптира во ново седиште на дирекцијата на Државна лотарија, во март 2024 година, склучен бил договор со правно лице, за изработка на проектна документација и ревизија на проектна документација за реконструкција и реновирање на деловен простор. Еден месец подоцна, друштвото еднострано го раскинало договорот за закуп“, пишува во извептајот.

Понатаму, ревизорите ги потврдуваат и други аспекти серијалот истражувања на РСЕ во делот на тендерите кои се спроведувани во акционерското друштво.

Анализата на институцијата на јавните набавки покажале дека во 11 постапки од вкупно опфатените со ревизијата било предвидено да се користи критериум економски најповолна понуда, што значи покрај цената да се оценува и квалитетот на понудата, при што не биле дефинирани квалитативни критериуми врз основа на кои ќе се темели оценувањето на квалитетот.

Видете и ова: Тендери без критериуми во Државна лотарија во времето на Перпарим Бајрами

Пред нецела година, РСЕ објави дека вкупно 11 од 12 анализирани тендери за промоција и маркетинг на Државна лотарија во времето на екс директорот Перпарим Бајрами се спроведени со прекршувања на Законот за јавни набавки.

Ова го утврдил експерт ангажиран од Државната комисија за спречување на корупцијата кој ги анализирал спроведените тендери.

Државните ревизори го издвојуваат и тендерот добиен од кумановската компанија „Ритрон копи“ за „набавена опрема која не одговара на перформансите од тендерската документација“.

„Наведената состојба е констатирана и со извршениот попис за 2024 година, со кој истовремено е утврден и кусок на истата опрема (телевизори за продажните места на деловните соработници, систем за видео надзор и дел од компјутерска и комуникациска опрема)“, е нотирано извештајот.

Видете и ова: Уапсен газдата на „Ритрон копи“ за тендерите за телевизори во Државна лотарија

Што сѐ открија ревизорите во Државна лотарија

Во генералната оценка, државните ревизори се воздржани во мислењето за реалноста на финансиските извештаи, а запишале неповолно мислење за усогласеност со законската регулатива за работењето на Државна лотарија за 2024 година. Овој извештај се однесува на „скенирање“ на работењето на акционерското друштво додека со него раководеше Перпарим Бајрами.

„За утврдените неправилности, незаконското користење на средства и изразениот сомнеж за незаконско работење на субјектот предмет на ревизија, известени се надлежните органи за понатамошно постапување“, пишува ДЗР.

Лани акционерското друштво склучило договори за привремена работа со 195 лица, од кои 75 воопшто не оделе на работа и за нив незаконски и ненаменски исплатени се 241.928 евра.

Неправилности и незаконитости се утврдени и кај трошоците за службени патувања во странство, при што за дел од нив исплатени се издатоци иако истите не биле реализирани или биле исплатени без документација која го потврдува трошокот.

„Во овие трошоци се вклучени и трошоци за репрезентација, посета на културни институции, набавка на облека за лична потреба, сувенири. Дел од трошоците за репрезентација се оправдани врз основа на неверодостојни документи. Слични неправилности се констатирани и кај трошоци за одржување на возила и набавка на гориво во износ од 985 илјади денари“, наведуват ревозирите.

Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото изнесува 746.970 евра, но истиот не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото.

Државните ревизори утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер.

„За поголем дел од овие трансакции, доставени се неуредни и невалидни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на евидентираните настани. Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување“, е наведено во документот.

Преку увид во трговските книги на друштвото, анализа на добиените информации од централниот онлајн систем за извршените уплати и исплати од продажба на лотариски игри на среќа, како и податоците од онлајн платформата со играчки содржини за приредување интернет игри на среќа, утврдени се нереални и неоправдани сметководствени записи за нелогични трансакции по повеќе основи од 1.987.377 евра, поради што постои сомнеж за злоупотреба на наведените јавни пари.

Во текот на 2024 година во Државна лотарија евидентирани се трошоци за реклама, пропаганда, промоција и саеми од 3.582.811 евра. Во периодот од 2020 до 2024 година, овие трошоци бележат континуиран раст, односно во годината предмет на ревизија истите се 10 пати поголеми споредено со 2020 година.

Ревизорите утврдиле и други случаи во кои не е можно во целост да се потврди наменското и рационално користење на јавните средства за маркетинг активности.

Видете и ова: Тендери во Државна лотарија за блиски и роднини на „Арбериа“ и „Арс Ламина“

Според информацијата добиена од национална телевизија на која се емитувани забавни емисии, во текот на сезоните 2023/2024 и 2024/2025 година биле емитувани вкупно 70 емисии, додека 8 емисии за кои се исплатени пари, не се доставени до друштвото, поради што ревизорите не се увериле дека истите се продуцирани.

„Друштвото платило повеќе за продукција на 28 забавни емисии за Државна лотарија. Слична состојба е утврдена и кај набавка на услуги од агенција за организирање на деловни и корпоративни состаноци, каде ревизорите констатирале дека за исплатениот износ поради недоставена соодветна поткрепувачка документација не е обезбедена отчетност и транспарентност при реализација на договорот и не е можно да се потврди дека состаноците биле организирани за потребите на друштвото и се поврзани со неговото работење“, пишува во извештајот.

По смената на власта и поранешното раководството на Државна лотарија, обвинителството отвори повеќе истраги по поднесени кривични пријави од Финансиската полиција и МВР.

Неодамна, државниот обвинител Љупчо Коцевски, кој денеска си поднесе оставка, кажа дека финансиската истрага за најголемиот од сите предмети за Државна лотарија - набавката на видеолотариските терминали е завршена.

Но, и по повеќе од една година од бегството на Перпарим Бајрами и Артан Груби, МВР распиша меѓународни потерници, а министерот Тошковски во неколку наврати ги повика да се вратат дома и да се соочат со правдата.