Редици автомобили деновиве имаше пред бензинските пумпи во повеќе градови низ Северна Македонија, вклучително и во главниот град Скопје. Граѓаните на некои бензински пумпи чекаа со часови за да наполнат гориво, а на дел од пумпите резервите брзо се исцрпија.
Ова се случува по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и нападите на САД и Израел врз иранска нафтена инфраструктура, што предизвика цената на суровата нафта од типот „брент“ да надмине 100 долари за барел на светските берзи.
Во неделата на 8 март, во Струга - град кој се наоѓа во близина на границата со Албанија, речиси ниту една бензинска пумпа не точеше гориво, откако претходните денови имаше редици автомобили, меѓу кои се забележуваа и со странски регистарски таблички.
Екипата на Радио Слободна Европа разговараше со вработени на една бензинска пумпа, кои велат дека горивото навистина е потрошено и дека не станува збор за задржување на залихите поради очекувано зголемување на цената.
„Колони автомобили полнеа гориво и не остана ништо, а нови количини во моментот не се испорачани од Скопје и затоа пумпите се празни“, ни кажа еден од вработените.
Четири пати поголема побарувачка
По патот кон Скопје застанавме на друга бензинска пумпа каде што сè уште се точеше гориво. Вработените таму велат дека имало зголемена гужва во текот на денот, но дека пумпата и понатаму има залихи.
Еден од вработените рече дека не ја разбира паниката и создавањето долги редици, бидејќи според него, без разлика колку ќе порасне цената на нафтата, граѓаните повторно ќе мора да точат гориво.
Цената на суровата нафта „брент“ - меѓународната референтна вредност, во неделата се зголеми за повеќе од 30 проценти, надминувајќи 119 долари за барел, во услови на раст на стравувањата дека ќе продолжи нарушувањето на глобалното снабдување со енергија.
Видете и ова: Мицкоски: Има доволно нафта, Владата ќе интервенира ако цените нагло пораснатПо наглото зголемување на побарувачката за гориво, Државниот пазарен инспекторат почнал со засилени контроли на бензинските пумпи низ државата. Во изминатите три дена биле извршени повеќе од 270 инспекциски надзори, при што кај околу дваесетина пумпи бил утврден краткотраен недостиг на гориво, кој траел еден до два часа додека се дополнат резервоарите.
Според институциите, побарувачката во одредени моменти била и до четири пати поголема од вообичаеното, особено во пограничните општини каде гориво точеле и возачи од соседните земји, како што потврди викендов и премиерот Христијан Мицкоски кој наведе дека цената на горивото во земјава била за 40 до 50 проценти пониска во однос на соседните држави.
„Ако литар гориво во Србија е околу 120 денари, кај нас е околу 70 денари. Слично е и ако се спореди со Косово и Албанија. Доколку има драматичен скок на цените, Владата веднаш ќе интервенира, можеби со намалување на акцизата или ДДВ“, изјави Мицкоски.
Сепак, тој додаде дека во земјава има доволно нафта и нафтени деривати и ги повика граѓаните да не создаваат паника. Посочи и дека Владата имала состанок со поголемите дистрибутери на гориво и дека заеднички било констатирано оти на пазарот има доволни количини.
Растот ќе предизвика потреси
Но сепак, наглиот раст на цената на нафтата може да предизвика потреси во речиси сите сектори на македонската економија, оценува енергетскиот експерт Митко Андреевски.
Според него, ако ситуацијата не заврши брзо, најсилно ќе бидат погодени транспортот и логистиката, земјоделството, градежништвото, како и металуршката индустрија, кои во голема мера зависат од нафтени деривати и транспортни трошоци.
Андреевски додава дека македонската економија е особено ранлива на вакви глобални ценовни шокови бидејќи земјата е увозно зависна од енергенси.
„Кога се случуваат вакви глобални потреси, македонската економија не може да ги избегне. Станува збор за меѓународни случувања за кои немаме алтернатива. Единствено што останува е да се надеваме на брзо запирање на воените конфликти и враќање на нормалните текови во снабдувањето со нафта и нафтени деривати“, вели Андреевски.
Видете и ова: Транспортот прв на удар, последици и за другите компании по воената операција врз ИранМинистерот за економија Бесар Дурмиши вели дека дел од меѓународните анализи покажуваат дека ситуацијата со цените може да се стабилизира доколку конфликтот трае кратко, но посочува дека ако кризата се продлабочи, Владата ќе преземе мерки за да го ублажи ударот врз граѓаните.
Тој најави дека една од опциите е ограничување на трговските маржи на 10 и на 5 проценти, а ако кризата потрае подолго, можно е и замрзнување на цените на основните прехранбени производи.
„Доколку се продлабочи кризата, ќе ги искористиме сите административни механизми за да им излеземе во пресрет на граѓаните“, рече Дурмиши во интервју за ТВ 21.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, вкупните енергетски потреби на Северна Македонија изнесуваат 2.541.849 тони нафтени еквиваленти, од кои 65,5 проценти се обезбедуваат од увоз. Податоците покажуваат дека нафтата и нафтените деривати имаат најголем удел во енергетската потрошувачка во земјата.
Тие учествуваат со 44,7 проценти од вкупните потреби, што значи дека државата годишно троши околу 1,13 милиони тони нафтени еквиваленти енергија од нафтени продукти.