Бездомните кучиња го окупираа Скопје - обвинувања за меѓуопштински и прекуграничен „увоз“

Улично куче - илустрација

Во последните неколку недели, граѓани на социјални мрежи се жалат на напади од глутници кучиња во Скопје. Ова зголемување Организациите за заштита на животните го припишуваат на носење на улични кучиња од други градови, отфрлајќи ги шпекулациите за наводен организиран „увоз“ од соседни држави. Град Скопје не кажува што ќе преземе за решавање на проблемот, ниту колку отштета исплатиле на граѓани каснати од бездомно куче.

„Не се чувствувам безбедно на патот кон дома“.

Причината за ваквото чувство на 33 годишниот Атанасиј Карадаковск, ја препишува во неколкуте напади во последните месеци од глутници на бездомни кучиња, кои го бркале во непосредна близина на неговиот дом во скопската населба Ѓорче Петров.

За среќа вели, секој пат успевал да спаси од кучешките заби и да избега неповреден. Задолжителна опрема која ја носи со себе секој пат кога излегува надвор е уред кој произведува звуци чија функција е да го прекине агресивното однесување на кучињата.

„Нема да кажам ништо ново од она што го знаеме сите - проблемот постои, системско решение нема на повидок, реакциите не стивнуваат, а народот е поделен како треба да се реагира и што треба да се преземе. Бев лично доведен неколку пати во ситуација да бидам нападнат и да спасам жива глава. Неодамна, другар беше нападнат на територија на општина Карпош. Заврши на Ургентен центар, од таму на Инфективна клиника, па баравме тетанус по приватни аптеки во 02:00 часот навечер - бидејќи таму нема и мора да купиш од свој џеб, а никој не те прашува дали имаш пари или не“, раскажува Карадаковски.

Кучиња лежат во дворот на С.У.Г.С. Кочо Рацин во општината Ѓорче Петров

А токму во соседната општина Карпош, каде граѓани неретко објавуваат видеа од глутници кучиња кои се движат по улиците, на социјалните мрежи се појавија тврдења дека „хараат“ кучиња со ушни маркици од Албанија, отворајќи сомнежи за нивен нелегален и можен прекуграничен транспорт.

Од советничката група „Независни за Карпош“ алармираат дека проблемот ескалира од ден во ден и иницираа формирање на кризен штаб во рамки на општината за итно решавање на проблемот со глутниците. Воедно, побараа кучињата кои се идентификувани од други општини, да се вратат назад под итно, МВР да ги идентификува луѓето што ги носат и да ги казнат.

„Да се проверат камерите на „Сејф сити“ за веќе пријавените денови и локации кога е јавено дека е истоварена група бездомни кучиња во Карпош и да се даде извештај што е направено по ова. Постојани патроли да има на сите влезови / излези од општина Карпош кои ќе проверуваат возила во кои може да се транспортира група на кучиња и да ги проверуваат. Измена на закони, подзаконски акти, ако е потребно за да се реши овој проблем, кој е врзан со другите општини на ниво на цела држава“, реагираат од „Независни за Карпош“.

Од „Анима мунди“ велат дека на терен имаат сретнато кучиња од Албанија, меѓутоа тоа не можеле да го потврдат.

„Станува збор за куче кое го видовме само еднаш, со маркица што немаше специфична ознака за кај нас. Потоа не го најдовме кучето, а не го најдоа ни од Јавното претпријатие „Лајка“. Едноставно кучето исчезна. Подоцна, во јавноста се пренесуваше дека камиони кучиња се носат од други држави. Факт е дека во Скопје се носат кучиња, но, од други општини. Не мислам дека е до таков размер да некој со камиони увезува во државава, малку е поневеројатно“, вели Гизела Бошковска Георгиевска од „Анима мунди“.

По објавите на социјалните мрежи и доставен акт на ЈП Лајка дека на две улици во близина на трговскиот центар Сити мол се забележани кучиња скитници без обележја на уво, на терен излегла и полицијата. Извршила оперативни проверки на локациите, но кучињата не ги пронашла.

„Ве известуваме дека до овој момент на државните гранични премини не е регистриран таков вид на транспорт. МВР презема и дополнителни активности на зелените појаси од државната граница“, одговорија од Министерството за внатрешни работи за сомнежите дека кучиња од соседни држави преку ноќ се појавиле во главниот град Скопје.

„Анима мунди“ документирале пример за куче кое од Приштина се нашло на скопските булевари. Тоа е случај од 2024 година, а неговото потекло од Косово го потврдиле во комуникација со невладината организација Фондација за правата на животните од Приштина.

„Во разговори со ветеринар кој беше ангажиран од Општина Приштина за стерилизација на кучиња скитници и тој потврди дека кучето било земено на 7 февруари 2022 година и повторно пуштено на 10 февруари 2022 година. Заробувањето и пуштањето се документирани со фотографии и видеа од страна на ветеринарот“, потврдуваат активисти од косовската организација во преписка со „Анима мунди“.

Графичка илустрација - Куче со чип на уво од Косово

Од град Скопје до објавувањето на овој текст не одговорија на прашањата на РСЕ дали и што презема новата градска власт во однос на прозивките и барањата на скопјани за конечно решавање на проблемот со глутниците кучиња кои се појавуваат во главниот град.

Од таму не дадоа ниту информации колку пари го чинело градскиот буџет за исплатени оштети на граѓани за каснување од куче само во изминатата 2025 година.

Не е организиран увоз, туку неодговорно сопствеништво

Од Јавното претпријатие „Лајка“ велат дека досега имаат заловено кучиња од Косово, Србија, Турција, но и други држави од каде не успеале да го проверат микрочипот на кучињата.

Но, директорката Радмила Пешева отфрла дека кучињата се носат организирано од други земји во Северна Македонија, туку станува збор за нелегален влез на кучиња кои ги препишуваат на неодговорно сопствеништво.

„Штом има туѓ микрочип, секој што ќе купи куче во странство, прва работа е да го пренесе на негово име. Да го стави во нашиот ветеринарен информативен систем, а тоа не го прават, што значи кучето е нелегално внесено. Со тоа го прекршуваат законот и ја нарушуваат безбедноста. Куче кога преминува граница, мора да има одреден вид сертификати и документи дека е кучето здраво, дека примило одреден вид вакцина. Без тоа, факт е дека ако не е внесено во нашиот систем дека е нелегално. А такви имаме еден куп“, вели Пешева.

Дополнителен проблем, како што наведуваат од „Анима мунди“ е што македонските цариници воопшто не ги проверуваат кучиња на граница. Од таму велат дека правилата налагаат кога некој ќе помине со животно, цариниците треба да повикаат официјален ветеринарен инспектор којшто ќе провери микрочип, дали е вакцинирано и сите тие пропратни документи што треба да ги има.

„Цариниците немаат читачи за микрочипови. Ветеринарен инспектор ретко има на граница, така што не е тешко да се внесе куче или кучиња во државава. зашто нема никаква практична контрола. Така и увезуваат кучиња од Србија коишто немаат комплетна документација, а луѓето постојано ги купуваат и ги внесуваат“, изјави Гизела Бошковска Георгиевска.

Видете и ова: Кучкарите и искасаните се караат, властите си свиркаат

Од Агенцијата за храна и ветеринарство не одговорија дали спроведуваат редовни проверки на граничните премини за микрочипови и документација кај кучиња што влегуваат во земјата и дали цариниците имаат соодветни читачи и ветеринари на располагање. Изостанаа одговорите и за тоа колку од општините во земјава спроведуваат третман (стерилизација, чипирање) на бездомни кучиња, и какви санкции има за оние што не го прават тоа.

Поголеми казни за напуштање кучиња се неопходни

Општините и градот Скопје се надлежни да вршат собирање на кучињата скитници и нерегистрираните кучиња и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. А тие пак, треба да бидат регистрирани од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Сепак, организациите за заштита на животните напоменуваат дека подолго време се работи на промена на Законот за заштита и благосостојба на животните.

Организациите напоменуваат велат дека казните за неодговорното сопствеништво се мали, а несоодветен е и пристапот на општините кон решавање на проблемот.

„Треба да се контролираат сопствениците, особено од рурални средини, бидејќи овие големи кучиња се од таму. Да ја засилат контролата, повисоки казни, не може казна од 15 евра ако го напуштиш кучето. Поразителен е фактот што од 70-80 општини, само 40-50 спроведуваат третман. Кучињата се движат, префрлаат од една општина во друга, како од Прилеп во Битола, од Гостивар и Тетово. Агенцијата треба да ги контролира општините. Ова мора да е национална стратегија со добра законска регулатива и имплементација. „Лајка“ не може да го реши, таа контролира откако ќе настане проблемот, велат од Анима мунди.