Израел ги прошири своите напади во Либан во петок, 13 март, таргетирајќи повеќе области, вклучувајќи го и мостот над реката Литани, за кој рече дека Хезболах го користел како премин за своите борци.
Нападите се случија откако Израел се закани дека ќе спроведе и копнена операција за разоружување на Хезболах доколку либанската влада не го стори тоа.
Милитантната група со седиште во Либан започна нови напади врз израелските сили во петокот, на 14-тиот ден од војната на Блискиот Исток.
Израел таргетирал мост над реката Литани помеѓу градовите Зрарија и Тајр Фалсај, според државните медиуми. Реката го дели јужен Либан на два дела.
Во соопштението, израелската армија ја опиша реката како „клучен премин“ за Хезболах „од северен кон јужен Либан, за да ја изгради својата моќ и да се подготви за борба“.
Видете и ова: Промена на режимот, нафта и Хезболах: Каде се разликуваат приоритетите на САД и на Израел?Нападот е прв врз либанската цивилна инфраструктура што го признава Израел откако избувнаа нови борби со Хезболах по американските и израелските напади врз Иран.
Во четвртокот Израел започна серија воздушни напади врз цели во центарот на Бејрут и неговите јужни предградија. Израел, исто така, рече дека ги погодил „командните центри“ на Хезболах во неколку бранови напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека ѝ рекол на либанската влада дека „си играте со оган ако продолжите да му дозволувате на Хезболах да дејствува, кршејќи ја вашата обврска да го разоружате“.
Во текот на ноќта од четврток кон петок, израелската армија изврши нови воздушни напади, таргетирајќи стан во близина на Бурџ Хамуд во северните предградија на Бејрут, област која остана недопрена од војната.
Според либанската државна Национална новинска агенција (ННА), израелските напади погодиле неколку други места, вклучително и друг стан на периферијата на јужниот град Сидон.
Во источниот град Бар Елијас, воздушен напад бил насочен кон локален функционер од исламистичката група Џамаа Исламија, при што загинале неговите два сина, соопшти ННА.
Видете и ова: Напади на Бејрут додека Израел ги преместува војниците од Газа на границата со ЛибанИзраелската армија, исто така, го обнови предупредувањето за евакуација за јужните предградија на Бејрут. Во четврток издаде слична наредба до жителите на голема област околу 20 километри северно од реката Литани.
Наредбата ја проширува зоната во јужен Либан во која на жителите им е кажано да заминат, за да покрие повеќе од 40 километри од либанско-израелската граница.
Војната расели повеќе од 800.000 луѓе во Либан, според владата.
Во петок попладне, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ќе упати хуманитарен апел за помош на раселените лица за време на посетата на Бејрут.