Конзервативната премиерка на Јапонија, Санае Такаичи, извојува убедлива победа на предвремените парламентарни избори во земјата, покажаа излезните анкети објавени во неделата, 8 февруари.
Според првичните резултати, нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП) ќе го врати мнозинството во Долниот дом на Националниот парламент кој има 465 места, пренесува новинската агенција ДПА.
ЛДП, која владее речиси без прекин од 1955 година, влезе во изборната трка откако го изгуби мнозинството и во Долниот и во Горниот дом поради скандали што го нарушија угледот на партијата. Поддржана од десничарската Јапонска партија за иновации, до неодамна ЛДП владееше само со тесно мнозинство.
Но, како што пренесува јавниот јапонски сервис (NHK), со денешните избори партијата на Такаичи може да скокне од досегашните 198 на повеќе од 300 мандати во парламентот што би значело и двотретинско мнозинство во Долниот дом.
Видете и ова: Санае Такаичи избрана за прва жена премиер на ЈапонијаТакаичи, која се смета за штитеник на поранешниот премиер Шинзо Абе, беше избрана на функцијата кон крајот на октомври, станувајќи првата жена премиер. Таа уживаше многу висок рејтинг на анкетите и во јануари ја изненади опозицијата со распишување предвремени избори.
Ваквиот потег ја натера најголемата опозициска партија, Уставната демократска партија на Јапонија, и долгогодишниот партнер на ЛДП, Комеито, позната и како Партија за чиста влада, брзо да ги здружат силите и да го формираат новиот Центристички реформски сојуз.
Оваа опозициска коалиција се претстави како либерална алтернатива на десничарската Такаичи, но повикувајќи се на првичните резултати, јавниот радиодифузер предвидува дека опозицијата сега би можела да изгуби околу половина од своите места во парламентот.
Изборната кампања во Јапонија во голема мера беше фокусирана на миграцијата, при што ЛДП ветуваше дека ќе ги заостри законите за купување имот од страна на странски државјани. Како што пренесува ДПА, се чини дека ова прашање ѝ овозможи на владејачката партија да ги врати конзервативните гласачи.
Такаичи важи и за политичарка која се залага за блиски односи со САД под водство на претседателот Доналд Трамп.
Видете и ова: Јапонија и САД потпишаа договор за ретки минералиИзборите во Јапонија се одржаа и во услови на високите тензии меѓу Токио и Пекинг откако Такаичи предупреди дека евентуален кинески напад врз Тајван би можел да претставува „егзистенцијална закана“ за Јапонија.
Кинеската влада веднаш одговори со жестока реторика, откажувања на летови и забрани за увоз на јапонска морска храна. Сепак, потегот на Кина се чини дека се врати како бумеранг, бидејќи Такаичи имаше голема корист од антикинеските чувства меѓу јапонските гласачи.
Такаичи, исто така, водеше кампања и за економски прашања, најавувајќи оживување на јапонската економија со агресивна фискална политика и покрај високиот национален долг. Таа се насочи кон помладите гласачи со намалување на даноците за бензинот и ветување дека ќе го зголеми нето приходот преку даночни реформи, особено за младите семејства со пониски приходи.