Бројот на загинати во протестите во Иран достигна 2.403, соопшти ХРАНА, организација за човекови права со седиште во Соединетите Американски Држави (САД).
Овој број и понатаму расте, додека верските лидери на Исламската Република се обидуваат да го задушат најголемиот бран антивладини протести во последните години, што предизвикува закани за интервенција од страна на САД.
Американскиот претседател, Доналд Трамп ги повика Иранците да продолжат со протестите, ветувајќи им дека ќе им пружи помош.
ХРАНА во средата навечер соопшти дека досега ја потврдила смртта на 2.403 демонстранти, 147 лица поврзани со Владата, 12 малолетници помлади од 18 години и девет цивили кои не учествувале во протестите.
Еден ирански функционер во вторникот изјави дека околу 2.000 луѓе биле убиени. Ова е првпат властите да дадат вкупна проценка на жртвите од двонеделните немири низ целата земја.
„Помошта пристигнува“
На прашањето што мислел кога рекол „помошта пристигнува“, Трамп им одговори на новинарите дека тоа самите треба да го разберат.
Трамп изјави дека воената акција е една од опциите што ги разгледува со цел да го казни Иран поради задушувањето на протестите.
Во интервју за CBS News, Трамп рече дека САД ќе преземат „многу силни мерки“ против Иран доколку режимот започне да ги беси демонстрантите.
„Не сакаме тоа што се случува во Иран да продолжи“, рече тој. „Нема да заврши добро“. Тој додаде дека администрацијата чека официјална потврда за бројот на демонстранти убиени од страна на иранските безбедносни сили.
Трамп воведе царини од 25 проценти на увозот на производи од секоја земја што тргува со Иран, кој е голем извозник на нафта.
Кина, која купува најголем дел од иранскиот извоз на нафта, веднаш го критикуваше овој потег.
За време на телефонски разговор во саботата, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот државен секретар Марко Рубио разговараа за можноста за американска интервенција во Иран, според извор од Израел присутен на разговорот - пренесува Ројтерс.
Иран вети дека ќе возврати на секој напад со гаѓање на Израел и на американски бази и бродови.
Немирите, предизвикани од тешките економски услови, претставуваат најголем внатрешен предизвик за иранските лидери во последните три години и се одвиваат во време на зголемен меѓународен притисок врз Иран поради неговите нуклеарни и балистички ракетни програми.