Голоб победи на изборите во Словенија, но нема мнозинство

Роберт Голоб

Либералната партија на словенечкиот премиер Роберт Голоб освои најмногу гласови на парламентарните избори одржани вчера, но ја загуби владејачката мнозинска позиција заедно со коалициските партнери од левиот блок, покажуваат првичните официјални резултати.

Движењето „Слобода“ (ГС) на Голоб освои 28,54 отсто од гласовите и 29 пратенички места, откако беа пребројани речиси сите гласови, соопшти државната изборна комисија. Опозициската Словенечка демократска партија (СДС), предводена од десничарскиот поранешен премиер Јанез Јанша, освои 28,17 проценти и 28 мандати.

Резултатите ја ставаат Словенија пред сложен процес на формирање влада, бидејќи ниту левиот ниту десниот политички блок не успеаја да обезбедат 46 пратенички места, колку што се потребни за мнозинство во 90-члениот парламент.

И покрај тоа, Голоб најави дека ќе се обиде да формира нова влада, истакнувајќи во обраќањето до поддржувачите во изборната ноќ дека неговата партија добила обновен мандат и дека следуваат тешки коалициски преговори.

Голоб е на власт во Љубљана од 2022 година, предводејќи коалиција составена од неговото движење ГС, Социјалдемократите (СД) и Левица. Социјалдемократите освоија 6,7 проценти од гласовите и шест мандати, додека Левица, која на овие избори настапи во коалиција со Зелената партија „Весна“, доби 5,6 проценти и пет пратенички места.

Јанша најави дека може да го оспори тесниот изборен резултат, наведувајќи дека ќе се пребројуваат сите гласови, пренесе агенцијата СТА.

Видете и ова: Словенечкиот парламент го одобри признавањето на Палестина

Традиционалниот коалициски партнер на СДС, конзервативната Нова Словенија (НСи), освои 9,3 проценти од гласовите и девет мандати. Новата партија Демократи, предводена од поранешниот сојузник на Јанша, Анже Логар, освои 6,7 проценти и шест пратенички места.

Јанша трипати бил премиер и ја предводи СДС од 1993 година. За време на неговите владини мандати, често беше критикуван за авторитарни тенденции, обиди за ограничување на медиумските слободи и толерирање на полициско вознемирување на опозициски демонстранти, наведува агенцијата.

Во последните две недели од кампањата, изборниот процес беше засенет од обвинувања за корупција, пласирани преку лажни видео снимки.