Додик прогласи победа на Каран на изборите за претседател на Република Српска

Милорад Додик (во средина) прогласи победа на Синиша Каран (лево) на изборите за претседател на Република Српска.

Претседателот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, прогласи победа на кандидатот на оваа партија, Синиша Каран на предвремените претседателски избори во Република Српска, ентитет во Босна и Херцеговина.

На прес-конференција Додик изјави дека Каран освоил 10.000 гласови повеќе од гласањето во ноември.

По него, обраќање имаше и Каран кој се заблагодари на гласовите што ги добил.

„Се што правиме, ќе правиме во интерес на напредокот на граѓаните, со благодарност на оние кои ни дадоа шанса“, рече Каран.

Во Република Српска денеска, 8 февруари, се прегласуваше на 136 гласачки места во 17 изборни единица откако по првичното гласање на изборите на 23 ноември 2025 година Централната изборна комисија на БиХ утврди неправилности.

Видете и ова: Во Република Српска се прегласува на изборите за нов претседател

Право на глас на гласачките места каде се прегласуваше имаа 84.474 граѓани. Тоа е доволен број на гласови што можеа да го сменат резултатот со оглед дека разликата меѓу кандидатите во ноември беше релативно мала, околу 9.500 гласови, додека бројот на спорни гласови беше значително поголем, над 15.800.

Овие избори во Република Српска беа предвремени и се распишаа откако на Милорад Додик му беше одземен претседателскиот мандат по правосилна пресуда против него за непочитување на одлуките на високиот претставник.

Додик беше осуден на една година затвор, но не влезе во затвор туку плати казна од околу 18.000 евра. Тој доби и забрана за вршење јавна функција во период од шест години.